Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


11

РЕКВИЕМ ЗА ЕДНА ЗЕМЈА

08.04.2002

  

На 14 март 2002 година исчезна Југославија, земјата која имаше мошне интересна историја во ионака бурниот и “претерано интересен” 20 век. Всушност, Југославија почна да се распаѓа петнаесетина години порано, со доаѓањето на власт во Србија на радикалниот деструктивец Слободан Милошевиќ, но крваво беше дотолчена, по паѓањето на Берлинскиот ѕид, во неколкуте војни од 1991 до 1995 коишто беа окончани со Дејтонскиот мир.

“Југославија е држава што ја уништија ништожници”, беа зборовите на последниот американски амбасадор во Белград. Еден друг политиколог рече дека не било вештачка творба создавањето на СФРЈ туку дека вештачко и изнасилено беше уништувањето на тој чудниково складен и слеан политички ентитет; да беше вештачка немаше потреба да загинат стотици илјади луѓе, а милиони да ги напуштат своите домови.

Ја спомнувам денес Југославија не само затоа што нејзиното исчезнување пропуштија да го прокоментираат луѓе кои врз лажното југословенство направија кариери (впрочем, како што и денес, често истите тие, прават кариери врз лажното македонство), ја спомнуваме таа земја не само за да му дадеме одреден дигнитет на еден историски факт мошне значаен и за македонскиот народ и за Р. Македонија, туку и затоа што СФРЈ, во нејзините подобри денови, на некој начин беше предвесник на некаков политички конституционализам што денес го гледаме во рамките на ЕУ. И тоа, би рекле, СФРЈ беше многу поуспешен политички организам, особено во смисла на (кон)федеративното уредување на односите меѓу народите; погледнете ја само, како лош пример, денешна Босна и Херцеговина уредена по умот на ЕУ и САД; ни Македонија не е далеку од тоа да биде трагичен пример за политичка регресија, впрочем како и сите други републики на бившата СФРЈ, делумно со исклучок на Словенија.

Ја спомнувам СФРЈ и затоа што мислам дека политичкото искуство од бившата земја е формативно искуство за следните генерации. Проблемите што ги имавме во СФРЈ допрва одново ќе ни се појават кога пореално ќе затропаме пред вратата на ЕУ. Некои решенија што ги сметавме за комунистички или подбивно “самоуправни” одново ќе ни се појават во нашата политичка иднина, како впрочем и што се појавуваат низ елементите од Рамковниот договор. Како што вели Борис Буден, бившата Југославија има многу повеќе врска со идната Европа отколку што нашите мали хендикепирани национални држави, т.е. окупациски зони и протекторати, имаат врска со современиот свет.

Се разбира, овој текст - и покрај тоа што, на одреден начин, е мала сентиментална црта и под сопственото сеќавање - нема намера да ја идеализира нашата некогашна земја. Да беше добра немаше да пропадне, особено не така крваво и така безнадежно. Како што вели политикологот (од Шкотска) Дејан Јовиќ, рушењето на Југославија беше работа против срцето; но обновувањето на таа земја ќе биде против разумот. Премногу убиени и протерани луѓе има помеѓу некогашните “братски народи” за да можат работите брзо да бидат залечени.

Но, ни останува должноста да се сеќаваме. Меѓу другите, и многубројни Македонци, особено во Втората светска војна, ги положија животите и идеалите во визијата за братска држава. Многумина Македонци ги поминаа животите негувајќи ги и верувајќи во тие идеали. Тоа не може да се плукне затоа што би плукале самите врз себе, и покрај тоа што дежурните ревизионисти фаќаат залет и, заради новите потреби, ја инструментализираат и фалсификуваат комплексната Народно ослободителна борба - која, се разбира, во значајна мера имаше елементи на национално ослободување, но таа едновремено беше и народна и пролетерска борба.

Над одарот на упокоената земја можеби уште еднаш треба да се замислиме над причините за нејзиното парчосување. Низ веќе стотината книги и илјадниците текстови објавени по ова прашање, според Дејан Јовиќ, можат да се искристализираат приближно осум фактори во расправата за причините на колапсот на Југославија. Тие фактори се:

1. Економската криза;

2. Тн. “древна омраза” меѓу југословенските народи;

3. Национализмот;

4. Културалните разлики помеѓу југословенските народи;

5. Промените во меѓународната политика;

6. Улогата на разните личности во создавањето и уништувањето на југословенската држава;

7. Предмодерниот карактер на југословенската држава, кој често се споредува со царствата, наспроти националната држава, и

8. Структурно-институционалните причини.

Со исклучок на древната омраза, вели Јовиќ, сите други пристапи помогнаа распаѓањето на Југославија да се согледа подетално и од повеќе страни. Меѓутоа, повеќето досегашни објаснувања често се фокусираа само на една од можните причини за распаѓањето на Југославија, заборавајќи дека се работи за сложен феномен, кој што имаше повеќе од една причина. И второ - досегашните објаснувања пречесто го занемаруваа субјективното, те. перцепциите на релевантните политички учесници, а во прв ред - важноста на идеологијата.

Најпосле, вреди да се напише реквием за една земја во која огромен број од сегашните граѓани на Македонија ја поминаа својата младост, а некои и целите свои животи. Вреди да се напише реквием и во име на иднината: прашањата со кои се соочи СФРЈ 1990/91 на некој начин ја допираат и иднината на нашата сегашна татковина, но и на Европската Унија. Од одговорот на тие прашања (еднаш катастрофално погрешно одговорени) ќе зависат многу нешта, и кај нас, и на нашиот континент, но и на малку поширок план.