12
КАКО ПОНАТАМУ
24.04.2002
Пред Република
Македонија се наоѓаат три крупни императива, поврзани со низа други
предизвици. Станува збор за: зајакнатиот процес на демократизација;
за регуларното завршување на приватизацијата и денационализацијата;
за категоричен прекин на понатамошното општествено раслојување,
прашање примарно поврзано со огромната невработеност.
Се разбира, ова се
крупни стратешки начела чие спроведување не може да оди исклучиво
одозгора и за што е потребно време, особено кога станува збор за
посуштинската демократизација, фактор тесно поврзан со сè поголемото
и мошне опасното подвојување што нè води во општествен модел од
латиноамерикански тип: 10-15 % привилегирани и моќни, а сето друго
население е робје и декор за манипулативна и тоталитарна
квазидемократија.
Раслојувањето по
етнички линии е само уште еден дополнителен прилог кон општото
раслојување што ни се случува, пред сè во економска смисла, што
директно и застрашувачки реперкуира и во сферата на образованието,
здравството, културата... Да не ги спомнувам социјалните импликации,
правото на лекување, на грижа, на помош - сиромашните едноставно ќе
бидат (всушност веќе се) елиминирани од општествената шема.
Неспособноста
посуштински да го демократизира и да го хомогенизира општеството врз
праведни принципи, со што би се поттикнал и алармантно потребниот
економски раст, не ни дојде исклучиво од сегашната ужасна политика,
но започнатите процеси на дезинтегрирање на општеството оваа
политичка власт до тој степен ги забрза што најлошите нешта денес во
Македонија во прв ред се поврзуваат токму со криминализираната и
корумпираната власт.
Кога зборуваме за
раслојувањето, за (економската) дискриминираност што прераснува во
сегрегација, би требало да се потрудиме да ги поврзуваме работите;
на пример, оној што има намера да “ампутира” дел од земјата комплет
со речиси една четвртина од жителите Албанци, нему око нема да му
трепне да продолжи да “ампутира” и понатаму; ќе дојде ред на другите
муслимани, на Ромите, па на хомосексуалците, на инакумислечките, на
хендикепираните, на сиромашните...
Всушност, нам тоа и
ни се случува. Речиси нема право на опстанок сето она што е слабо,
кревко и различно од задушувачки тесните калапи на примитивната
етнонационалистичка врхушка која преку ноќ директно од
ќебапчилниците и чајџилниците во министерските кабинети ги префрли
опскурните картографски и “геостратешки” игри преполни со омраза,
стереотипи и хушкање.
Мизерните маалски интересовни тајфи претворени во
партии (во голем број случаи, токму според комунистичката ни
традиција, контролирани од разни ограноци на полицијата) преку ноќ
почнаа тапоглавото кафеанско бистрење политика да го селат на
највисоките државни нивоа.
И го имаме ова што
го имаме: не постои никаква нормативна рамка за живеење; вчерашните
правила премолчано престанаа да функционираат, а новите сè уште не
фатиле корен. Потоа: не постојат узори за углед; општественото
однесување се учи, меѓу другото, и со имитирање на успешните
примери; но кај нас денес успехот е поврзан со разбојништвото и со
насилството.
Психијатрите
зборуваат за фрустрации на сите страни, за неадаптираност, за
неизвесен хоризонт на иднината. Најлесно е некого да направите
агресивен ако му го спречите задоволувањето на потребите.
Агресивноста е поголема ако спречувањето е почесто и попотполно. А
денес луѓето имаат проблем да ги задоволат најелементарните потреби,
за храна, сигурност, љубов, почит, самопочит. Исто така, кога
иднината до толкав степен е неизвесна, се доведуваат во прашање
индивидуалните и колективните усилби и насилството станува темелна
форма на односи меѓу луѓето. Единственото што ни е “сигурно” е
постојаната несигурност.
Повторувам:
сегашните властодршци само го дотолчуваат она со што не можеше да се
справи инертната и дезориентирана претходна власт. Сите клучни
проблеми од година на година само стануваа поголеми: невработеноста,
лошата приватизација, бирократизираноста, партизацијата, многу
кревките цивилни, контролни сектори... Доаѓањето на чудната
десничарска коалиција 1998 година покажа дека ни дотогашната
опозиција нема сила да ги придвижи општествените потенцијали. Дури
повеќе од тоа, новата власт ја латифундира земјата во етнички
вилаети, ја пљачкоса и ја доведе во војна. Но, после толку многу
неуспешни политики (и ден денес, воочи новите избори, политичката
понуда главно нуди тотално компромитирани и бесрамни фаци), се
поставува прашањето: дали воопшто постои критична маса на општествен
потенцијал која може да нè отргне од перманентното пропаѓање?
Горе-долу, пак сме
во 1991-та, но главно без енергија, осиромашени и со истенчени
нерви; “побогати” сме само со страшните искуства на едно мрачно
десетлетие. И пак сме исправени пред истите проблеми:
демократизација (која подразбира и посензибилни и потолерантни
медиуми, но и иста таква бирократија, но и исти такви луѓе!),
создавање фер економски амбиент и спасување на она што сè уште може
да се спаси меѓу стотиците илјади безнадежни луѓе во сегашноста, но
и во извесно црната иднина, доколку продолжат сегашниве тенденции.
Заминувањето на оваа
преку секоја мера компромитирана власт само е почеток на некаква
посуштинска промена. Допрва, потоа, ни претстојат, сите нам, огромни
напори да се скроти и омеѓа аздисаната политичка моќ воопшто, но и
да се артикулираат нови важни политички и интегративни принципи.
Бакуњин имал
право кога повикал елементите на идното општество да се создаваат во
сегашново.
Една од ретките
утехи е што овојпат, се чини, Европјаните се на наша страна, чисто
затоа што ним најмалку им треба дестабилизација на регионов. Човек
понекогаш добива впечаток дека за земјава повеќе се грижат емисарите
од ЕУ отколку нашите сопствени политичари. Утеха е што барем некој,
сепак, сè уште се грижи. |