Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


13

АЛТЕРГЛОБАЛИЗАМ или ГЛОБАЛИЗАМ ОДОЗДОЛА

13.05.2002
 

Време е борбата за глобализмот оздола, а против неконтролираниот неолиберализам, да ја започнеме и дома. Мизерните македонски синдикати, начинот на кој го одбележуваме Први мај, но и слабоста, особено идејна, и на пошироката невладина сфера во Македонија, само се дополнителна причина малку повеќе да се поработи на каузата популарно наречена “антиглобализам”, а поточно: алтерглобализам или глобализам одоздола.

Но, потребата од едно малку поинакво синдикалистичко и граѓанско здружување во Македонија не произлегува исклучиво од идејната сфера, иако таа, во случајов, е примарна; погледнете што ни прават бескрупрулозните капиталистички монополи од типот на Македонски телекомуникации: за десет месеци 140% се поскапени нивните услуги, и тоа во време кога во целиот свет телефонските услуги поевтинуваат. Против Македонски телекомуникации и против сите други аздисани монополисти на Први Мај не требаше да излезат само ионака сосема резигнираните и “утепани” работници; овој Први мај требаше да излезат и студентите и интелектуалците и жените, воопшто сите граѓани коишто во моментов се екстремно загрозени и од двете страни: од корумпираната и неспособна политика и од бескрупулозната монополистичка економија.

Последниве години во светот постојано се пронаоѓаат нови форми на отпор спрема неконтролираната моќ. Нараснатата еколошка свест, нараснатата родова, класна, расна осетливост, борбата за поголеми права и слободи и во тн. Трет свет, разоткривањето на економскиот и културниот колонијализам, сето тоа токму го создава феноменот на алтернативниот глобализам кој во многу нешта има сосема поинакви интереси од глобализмот на привилегираните. Новите, пак, интелектуални насоки за еден поправеден светски поредок ги исцртуваат важните денешни мислители: неодамна починатиот Пјер Бурдие, Ноам Чомски, Едвард Саид, Имануел Волерстин, Жан Бодријар, Улрих Бек, или новите ѕвезди како што се Антонио Негри, Мајкл Хард, Наоми Клајн, Џорџ Монбио...

Токму следејќи ги патоказите на тие мислители, но и на многумина претходни, ние не смееме да се помириме со сегашната наметната состојба при која 200 најбогати луѓе од светот поседуваат повеќе богатство од 2 милијарди луѓе. Можеби сè уште не се искристализирани доволно јасни визии за можниот похуман и послободен посткапиталистички свет, но трагањето по тој свет, борбата за него, не може да престане. Секој напредок во историјата мора да ја надмине идејата дека нештата се неизведливи само затоа што никогаш пред тоа не се случиле; од окончувањето на робовладетелството до воспоставувањето на сегашниот степен на демократија, кој го вклучува универзалното право на глас на жените, синдикатите, граѓанските права, сите тие цивилизациски исчекори беа поврзани со борба и со надминување на претходниот поредок.

Како што вели Бурдие: Сосема е природна и оправдана одбраната на социјалните придобивки кои се меѓу највозвишените достигнувања на цивилизацијата. Тие социјални придобивки, правото на работа и социјалното осигурување, на пример, се возвишени и скапоцени достигнувања кои не опстојуваат по музеите и библиотеките туку управуваат со секодневието на луѓето.

А тие придобивки денес се наоѓаат под ударот на милитаризираниот и циничен неолиберализам.

Идеологијата на неолиберализмот ултимативно се поставува како единствена и незаменлива. Но, во суштина, тоа е само идеологија на тенкиот слој на светската владеачка класа. Тоа сценарио, кога владетелите ја креираат сликата на реалноста, досега, низ историјата, е видено безброј пати. Видено е и создавањето на нови реалности и нови поредоци, врз урнатините на старите. Имануел Волерстин, на пример, анализирајќи ги економските тенденции последниве 500 години, ерата на капитализмот, предвидува дека сегашниот преовладувачки капиталистички систем може да трае уште најмногу 50 години. Она што нè чека по окончувањето на сегашниот исцрпен капиталистички модел никој не може со сигурност да го предвиди. Но никој не може да нè спречи да ги гледаме слабостите на сегашниот систем и да се подготвуваме за нова политичка економија заснована врз принципите на соработка, еднаквост, самоуправување и индивидуални слободи.

Како што вели Роберт Мекчејсни, во предговорот на една книга на Чомски, за да биде ефективна демократијата бара луѓето да се чувствуваат поврзани со своите сограѓани, но и таа поврзаност да може да се манифестира низ разновидни непазарни организации и институции. “Живата политичка култура изискува заедници, библиотеки, јавни училишта, месни организации, кооперативност, места за јавни собирања, доброволни организации и синдикати коишто на населението му даваат можности да се сретнува, комуницира и да соработува со своите сограѓани. Неолибералната демократија, со својот став пазарот над сè, го држи на нишан овој сектор. Наместо граѓанство, таа создава потрошувачи. Наместо заедници, трговски центри. Збирен резултат на сето ова е автоматизираното општество на неповрзани поединци кои се чувствуваат деморализирани и општествено немоќни.”

Република Македонија не може да стои настрана од креирањето на сопствената иднина, пред сè во регионална и европска смисла. Дури, би рекол, нашата земја има скапоцено историско искуство во градењето на едно реално социјално општество. Можеби би било претерано да се каже дека Македонија во периодот 1974-1990 живееше и реално самоуправување, бидејќи тој модел имаше сериозни слабости. Но, значајни принципи од тој наш напуштен општествен модел можат одново да станат важни интегративни нишки при градењето на некакво трето општество. Настрана тоа што третиот, посткапиталистички, модел станува сè поважна тема во светските интелектуални дебати.