14
МАЛА ЛОКАЛНА ИСТОРИЈА НА НОВИНАРСТВОТО
27.05.2002
Власта олицетворена
во ВМРО-ДПМНЕ отвора фронт спрема медиумите кои дејствуваат
критички. Тоа е доволно за општа загриженост и за мобилизација не
само на медиумите.
Но, кога на тоа ќе
се додаде фактот дека власта отвора фронт и спрема поширокиот
невладин, граѓански сектор, тогаш работите стануваат тревожни и
потребен е контраодговор во најширока можна општествена смисла.
Тој одговор, за
среќа, пристигнува. Низ синдикатите, во прв ред, низ медиумите кои
не сакаат да замолчат пред криминалот на власта, и делумно низ
невладините организации кои за прв пат имаат конкретна шанса да
покажат дека навистина се невладини, но не во смисла на аполитичност
туку токму како фактор што ги балансира тензиите во општеството и
претставува контратежа на големата и често неконтролирана моќ на
државата.
Но, за невладините
организации (кои, меѓу другото, можат да бидат коректив дури и на
“седмата сила”, печатот), ќе зборуваме друг пат; сега ќе се задржиме
на медиумите.
Во западните држави
новинарите, особено печатот, се именуваат како четврта власт, покрај
парламентот, владата и судството. (Кај нас за журналистите се велеше
“седма сила”, според изразот на Томас Карлајл.) Славниот Токвил го
воздигнува печатот уште повисоко: “По народот, печатот е прва сила”.
Еден од “светите
монструми” на американското новинарство, Волтер Липман, ја скицирал
схемата на историскиот развој на печатот во четири стадиуми. Во
првиот, печатот му е подреден на монополот на власта; во вториот тој
е под контрола на политичките партии; во третиот стадиум печатот
станува независен благодарение на читателската публика; во четвртиот
се става во служба на идеалите: да
ù служи на вистината.
И покрај тоа што
ваквата схема изгледа делумно идеолошка и детерминистичка, коментира
историчарот на новинарството Џовани Гоцини, останува фактот дека
битките на новинарите често се преплетуваат со битките за одбрана на
граѓанските слободи. Впрочем, членовите против цензурата и за
слободата на печатот се појавуваат во нацрт-уставите што ги
предлагаат европските национални движења во текот на целата прва
половина на 19 век. Значи, резимира Гоцини, освен со политичката
историја, историјата на новинарството органски е поврзана со
историјата на правото.
Интересно е што за
овие десетина години релативно независно новинарство македонските
медиуми забрзано поминаа низ сите четири фази од “историјата на
новинарството”: во прв ред им служеа на власта и на партиите, но се
случуваа и елементи на независно, делумно и пазарно новинарство, па
дури и новинарство на идеали. Всушност, сите тие фази проникнуваат
меѓу себе и постојат едновремено, во поголема или помала мера, а
нашето новинарство е интересна парадигма за тоа.
На пример, на самите
почетоци на печатеното новинарство, во 16 век, се воспоставува
правилото за непристрасност, и тоа не толку од почит кон читателите
туку повеќе како правило за преживување и одржување на рамнотежа во
рамките на дворските судири. Тоа правило, се чини, го одржува
новинарскиот занает еве веќе речиси 500 години: можеби не се во прв
план идеалите или читателите или високиот морален кодекс, но
непристрасноста на проследувачите на настаните честопати произлегува
токму од нивната борба за опстанок во компликуваните игри меѓу
моќните. Тој фактор на изнудена непристрасност можеби повеќе влијае
на развојот на македонското новинарство од сите возвишени заложби за
каузите на професијата, нацијата и државата. Треба да се преживеат
валканите сплетки на големците.
Меѓу другото и затоа
верувам дека ВМРО ДПМНЕ нема никакви шанси во борбата против
медиумите. Просто е неможно (иако ова го пишувам со зорт,
демократијата сепак е кревка работа, особено младата демократија и
особено онаа која прв пат се соочува со елементите на фашистоидност,
видливо присутни во ВМРО ДПМНЕ) да се враќаме на состојби што во
Европа траеле пред 200 и повеќе години, кога владетелите цензурирале
и издавале дозволи.
Но, фашистоидните
капацитети на ДПМНЕ не треба да се потценат; спојот меѓу бруталниот
и примитивен популизам на Георгиевски и Бошковски со неморалниот и
бескрупулозниот но испеглан технократски опортунизам на луѓе од
типот на Груевски може да го поплоча патот директно во пеколот.
Впрочем, доволно е да се слушнат младите надежи на ДПМНЕ, Ѓорчев и
Милошоски (едниот им се заканува на медиумите, другиот на
муслиманите), за човека да го фатат морници.
Во секој случај
демократијата, слободата на печатот, слободата на здружување, нема
да се одржат сами од себе, како што ни не се создадени сами од себе;
ќе мораме да научиме да се вложуваме себеси во демократијата и да ја
браниме, пред сè од фашизмот кој насекаде во Европа богами ја
поткрева грдата глава. Начинот на кој повеќето медиуми, како и други
институции во општеството, му се спротиставија на диктатот на
власта, храбро и решително, влева надеж дека Македонија и не е толку
проклето место за живеење, и покрај трудот на повеќемина да ја
направат таква. |