15
СИНДРОМ НА ЖРТВА
10.06.2002
Еден од главните
генератори на долгогодишниот конфликт помеѓу Палестинците и
Израелците е таканаречениот синдром на жртва. И обете страни при
градењето на својата идентитетска слика максимално ги користат сите
можни потенцијали за да се прикажат како жртви, и во историска и во
современа смисла. Израел ритуално се повикува на милионите убиени
Евреи во Втората светска војна; Палестинците се повикуваат на
својата одземена држава, на фактот што и после низа резолуции на
Обединетите нации за правото на Палестинците да имаат своја држава
тие на сопствената територија се чувствуваат изложени на прогони што
наликуваат на расизам. Во најново време дури слушаме дека Израелците
имаат планови за тотално етничко чистење на Палестинците. Тоа мошне
мошне наликува на Хитлеровото “тотално решение”. Се разбира, и
радикалните Арапи имаат свое решение за Израел: да се истурка
директно во морето.
Синдромот жртва го
негуваа и народите што учествуваа во најновите балкански војни. Со
лелекањето најпрвин почнаа Србите, демек добивале во војна а губеле
во мир, и сè копајќи по гробовите и тврдејќи дека се експлоатирани и
загрозени ги натераа сите други југословенски народи себеси да се
здогледаат како жртви. Откако пепелта се слегна, испадна дека
Бошњаците реално се најголемите страдалници во војната од 1991 до
1995, но ништо покуси во кукањето и самосожалувањето не беа ни
Хрватите, па дури ни Словенците, кои збришаа од федерацијата речиси
нечепнати.
Синдромот жртва во
најново време снажно ги зафати и најмалубројните балкански народи,
Македонците и Албанците, кои и онака имаат склоност - можеби токму
заради своите поприлично второкласни позиции дури и во рамките на
регионот - да се гледаат себеси како обесправени губитници.
Албанците ги фаќа параноја од словенското опкружување, а Македонците
ги фаќа нервоза од речиси сите соседи, а во поново време и од
целокупниот свет на чело со Америка.
И имаме лоша
ситуација. Речиси на чекор до војна. Но, и да не стане вооружена,
војната, токму низ синдромот жртва, длабоко е навлезена меѓу луѓето.
Речиси секој од нас е обесправен и онеправдан по ова или она
прашање. И каква ни е мизерна државата, таа обесправеност
секојдневно се шири, наместо да се намалува.
Познатиот
психијатар, Душан Кецмановиќ, кој последниве десетина години живее
во Австралија, вели: “Слушајќи ги, така, луѓето од различно
етно-национално потекло од подрачјето на втора Југославија, и
размислувајќи за можните причини за нивната убеденост дека родот, и
тие самите заедно со него, им е само и исклучиво жртва, доаѓам до
заклучок дека темелниот услов за каков-таков мир помеѓу
етно-националните групи коишто случајот и историјата ги одредиле да
живеат едни крај други, е да престанат себеси да се посматраат како
жртви. Не зборувам ни за простувањето ни за заборавот, туку за
потребата секоја страна да почне да се навикнува дека не е само таа
жртва. Имено, ниедна друга улога - како улогата на жртва - не
обезбедува толку моќни и бројни причини и за поединците и за
заедниците што повеќе да се оддалечуваат едни од други и следниот
меѓусебен судир да го сметаат за неизбежен и дотолку потребен.
Конечно, лесно е да се биде жртва со самото тоа што секој, и денес и
во минатото, може да пронајде многу основи само себеси да се види
како жртва. Тешко е да не се биде жртва.”
Оваа лекција, дека е
потребен цивилизациски напор за да се надрасне позицијата на жртва,
Македонците и Албанците во нашата држава ќе мораат да ја научат во
забрзан курс. Доста беше со националната романтика и манипулација.
Наместо да се свртиме и да им помогнеме на реалните жртви од
суровата економска транзиција што протатни низ земјава изминативе
десетина години, кон морето до опустошеност осиромашени луѓе, нам ни
е полесно да цимолиме над несреќните судбини на нашите национи
фатени во канџите на глобалниот или регионалниот поредок. Полесно ни
е да градиме идиотски крстови со милионски доларски суми отколку
станови за луѓето или фабрики.
Има и уште една
многу важна причина зошто не е продуктивно чувството на жртва. Пред
нас се изборите. Во голема мера овогодишните избори ќе ги решат
токму очајните, резигнираните, осиромашените, оние на кои веќе не им
е до избори, кои реално станаа жртви на лошата транзиција, на лошата
политика, на аздисаните криминалци и силеџии на сите нивоа на
општествениот живот.
Многу е важно таа
армија од очајни луѓе (практично исфрлени од општествените текови)
сепак да го препознаат својот животен и политички интерес, својата
надеж. Се разбира, тоа е дотолку потешко со оглед на фактот дека
повеќето актери на изборната сцена се длабоко компромитирани, не
само застрашувачката ВМРО-ДПМНЕ и претходната партија на власт,
СДСМ, туку и многубројните помали партии чии лидери во ниедна
варијанта не можат да бидат амнестирани за сега веќе долгогодишниот
застој во кој живееме. (Покрај еден германски автопат постои
извонреден еколошки графит кој во тој контекст се однесува на
сообраќајот, но во наши услови значи и нешто повеќе:
“Ти не си во застој, ти си застојот”.)
До таа точка конечно
дојдовме, кога и огледалото вели дека и самите не сме баш безгрешни
во целата каша. Но, од таа точка веќе е потребно креирање на
поинаков општествен систем кој реално ќе ги вклучува луѓето. Систем
кој ќе значи градење доверба не само меѓу етничките групи туку меѓу
сите граѓани во земјата; доверба на економски, на културен, на
секаков план; доверба која значи одговорност и солидарност.
Можеби политичките
актери се најважните во оваа игра, но процесот кој стои пред нас, да
изградиме држава без жртви и џелати, држава на рамноправни граѓани,
не е само работа на политиката. Ако ништо друго, во септември имаме
уште една симболичка шанса за пресврт, за работите конечно да тргнат
на подобро. Глупаво ќе биде да се испушти таа шанса. |