16
ОМРАЗА, ЗАВИСТ, АЛЧНОСТ
24.06.2002
Прес конференцијата
на младиот владика Јован, одржана пред неколку дена, беше еден од
поголемите скандали во ионака прекумерно скандализиранава земја. По
многу нешта тој настап на едно високо црковно лице е парадигматичен
за состојбата во која се наоѓаме како држава и општество, поточно,
тој настап токму е пример за распаѓањето и на последните институции
на авторитет во Република Македонија. Откако длабоко се разнишаа
политичките институции на земјава, пред сè Собранието и Владата,
редот дојде и на симболички мошне значајната Македонската
православна црква.
Нејсе. Институциите
пропаѓаат или се реформираат. Се појавуваат и нови центри на
авторитет, се реконфигурираат, фала му на Бога, и многу покомплексни
општествени системи од Република Македонија.
Ако бидеме доволно
умни и мудри да го сочуваме благородниот континуитет со она што
избираме да биде наша историја и наш идентитет (како што избира
секоја нација и држава), но и ако бидеме доволно храбри радикално да
се реформираме таму каде што сме најслаби - ќе нè биде. Во спротивно
работата ќе ја земат во свои раце незрелите, поткупливите,
хистеричните, догматичните, впрочем оние толку добро познати, од
историјата, јуродиви фигури, јавачи на апокалипсата, какви што се
нагледавме изминативе години, пред сè во соседството, но последниве
години такви манијаци за жал поинтензивно почнавме да гледаме и
овде. Младиот
и напален догматик директно од Синодот на МПЦ само е капак на
таквите состојби.
Јован несомнено е
реторичар што привикува радикални решенија. И површна психолошка
анализа на неговиот настап открива човек под голем притисок и со
големи фрустрации, човек неодмерен до мегаломанија - над урнатините
на македонската држава Јован не само што ќе си формира Синод по ќејф
туку и под српско и веројатно грчко покровителство ќе создаде и нова
држава! А таа нова држава можеби нема да биде секуларна туку попска,
какви што беа државите пред едно илјада години?! Вакво мегаломанско
лудило базирано врз уништување одамна не сме сретнале во јавниот
дискурс, па дури ни кај потврдените воени злосторници од север,
инаку покровители на нашиот млад јуришник.
Таквата
апокалиптична реторичка силина на Балканот ретко кога носи добри
расплети. Впрочем, војната по правило започнува тогаш кога јавниот
простор го заземаат манијакалните разрешувачи со брза и куса памет.
Доколку не бидат правовремено санкционирани, потпалувачите ќе се
обидат да ја искористат секоја следна шанса да направат пожар. Јован
веќе досипуваше бензин во нашиот оган, а овајпат тоа го прави по
диктат на неговите браќа по пироманија од Србија. Нашата земја во
случајов може да стане жртва на потпалувачи од високите српски и
веројатно грчки црковни кругови; откако ги потпалија Косово и Босна,
ѓаволовите шегрти
ù се навртија на Македонија. Еден од
највлијателните свештеници во Српската православна црква е
озлогласениот воен злосторник Амфилохие Радовиќ, човек кој и сега
мешетари и сее отров низ Црна Гора и низ Македонија, човек кој ќе
влезе во ужасната историја на балканските распирувачи на омраза
скриени под мантиите и под високите црковни титули. Тие мрачни
фигури, зачудувачки, и ден денес предизвикуваат стравопочит и
идолопоклонство кај догматичните и изгубени во времето и во
просторот црковни кругови на овие простори. Единствената политика
што можат можат да ја замислат тие луѓе е перфидната политика
“раздели па владеј”, политиката на еден до самоуништување стеснет
национален светоглед кој се пумпа со мегаломанија, омраза, завист и
алчност. За среќа, се чини дека преовладувачката политика на
Балканот, да му умре козата на комшијата, полека заминува на
буништето на историјата; за среќа, приемот во ЕУ за балканските
земји е условен со меѓусебен мир, соработка и взаемно почитување.
Но да се вратиме на
некрофилите: дали можете да замислите луѓе до врвовите од мантиите
до вратот нурнати во крв (над двесте илјади убиени луѓе во Босна,
неколку илјади во Косово, милиони протерани, осиромашени и
уништени), луѓе директно од врвовите на СПЦ и САНУ (кои идеолошки
кон крајот на осумдесеттите ја осмислија Голема Србија и го
востоличија мизерниот комунистички апартчик Слободан Милошевиќ да ја
реализира нивната лудачка цел која во меѓувреме, очекувано, заврши
со катастрофа на самата Србија), дали можете да замислите дека
истите тие луѓе обвинуваат македонски владика за некаква канонска
неисправност??! И притоа користат - како што секогаш користеа -
недоквакани пилиштарци од типот на Јован - да го извршат погнасниот
дел од работата, егзекуцијата на секој што ќе им застане на патот.
Дополнително
застрашува перфидноста и тоталитарноста на целата ситуација. Младиот
владика Јован (кој ја изневерува целокупната традиција на
сопствената црква, која го востоличила!) не дозволува дури ни
поинакви толкувања на неговиот ноторно разурнувачки чин!
Претпоставувам дека оние неколку несреќници што се уловиле на
данајските дарови на Јован се закачиле токму за тој авторитарен и
догматски аспект на целата работа: јас сум чувар на целата црковна
вистина и јас ќе ви кажам што треба да мислите! Во нашата поданичка
и патријархална култура вакви тирански и диктаторски концепти често
успеваат, кога веќе луѓето речиси никогаш не добиваат шанса, заради
лошите политики и лошите попови, да направат нешто навистина
благородно од својот живот.
Нејсе, пак велам.
Дури и да
пропадне МПЦ, сигурно нема да ја обновуваат јуродивите. Дури и да
пропадне Македонија, сигурно нема да ја обноват оние што ја
растурија.
Но, она што
најефикасно нè разорува - кога веќе, на некој чудно извртен начин
зборуваме за верата и надежта - се омразата, зависта, алчноста. Тие
три нешта искомбинирани со малку погрешно насочено младешко лудило
со троа примеси на идеализам и романтизам - поинтензивно ги гледаме
веќе четири години, пред сè низ опустошувачкото владеење на
ВМРО-ДПМНЕ. Само тоа треба да ни биде доволно за да не дозволиме,
никогаш веќе, во политиката да добиеме незрели и нервозни луѓе од
типот на Јован или Љубчо. Ни Господ нема да нè чува ако барем малку
не поработиме за сопствената помирна и понадежна иднина. |