17
ПОПУЛАРНА КУЛТУРА
08.07.2002
Во светлината на
завршеното Светско фудбалско првенство, но и непосредно пред
започнувањето на изборната кампања кај нас, сакам да обрнам внимание
на еден важен а на некој начин запоставен општествен феномен:
популарната култура. Се разбира, имам таман толку простор за да
нафрлам пар тези од непрегледната литература на оваа тема,
ризикувајќи да бидам премногу “интелектуален” зборувајќи за
популарното.
Најпрвин, да
разјасниме:
популарната култура повеќе е структурен отколку квантитативен
феномен. Популарна култура се спортот, рокенролот, фолк музиката, стриповите,
ТВ-сериите, филмовите, рекламите... - без разлика дали се проследени
од милиони консументи или од мали групи луѓе. Кај нас, на пример,
панкот или стрипот никогаш не биле масовно прифатени, но тие сè
првокласни феномени на популарната култура.
Повод да се осврнеме
на темава деновиве може да биде и мошне агресивната кампања за
воведување фискални каси. Но, таа владина агитпроповска акција
повеќе наликува на травестија на матриците на популарната култура
(станува збор за навредлива кампања на криминализираната држава
контра своите граѓани) затоа што грубо ги злоупотребува ионака
медиумски крајно потрошените фигури од типот на Цацко. За жал, тоа
кај нас речиси е правило: популарните фаци многу брзо стануваат
бедни инструменти на моќта олицетворена исклучиво во парите и многу
брзо го губат тешко стекнатиот субверзивен потенцијал.
Културата секогаш е
поврзана со идеологијата, со распоредот на моќта во општеството.
Умберто Еко зборува за “семиотичкото герилско војување” како клуч за
разбирање на популарната култура и на нејзината способност да
ù се
спротистави на владеачката идеологија.
Популарната култура
често служи за да го ослободи нашето тело од стегите на дисциплината
и на едноличната работа. Фудбалското првенство, на пример, може да
се гледа како вид карневал, “екстатичка колективност” која е
инструмент за демистификација на сето она што го отежнува
остварувањето на таквата колективност: класната хиерархија,
политичката манипулација, сексуалната репресија, догматизмот и
паранојата. “Во оваа смисла карневалот подразбира став на креативно
непочитување, на радикално спротиставување спрема сето она што ужива
незаконита моќ, спрема сето мрачно и монолошко.” (Р. Стам)
Фудбалот, на пример,
уште од своите почетоци се врзува за посиромашните класи. Иако денес
работите прилично се изменети, таа класна димензија на фудбалот сè
уште е присутна. Раширеноста на фудбалот е планетарен пример и за
глобализмот одоздола кој во рамките на популарната култура е одговор
на глобализмот на моќните и богатите.
Иако масовната
култура (која не е сосема иста со популарната култура) често знае да
биде инструмент за владеење на моќните, некои теоретичари сметаат
дека борбата помеѓу популарната и елитната култура е борба против
постоечкиот поредок на моќта, во смисла дека таа го помага
одржувањето на свеста за постоењето на општествени разлики; а
судирите на интереси во рамките на општествените разлики меѓу луѓето
имаат суштинско значење доколку сакаме општеството да биде
продуктивно а не статично, напредно а не реакционерно.
Според Џон Фиск,
тркалцето на општествените промени може да се придвижи само
одоздола, од свеста за општествените разлики засновани врз судирот
на интересите, а не од либералниот плурализам во којшто разликите во
крајна линија му се подредени на консензусот, чија функција е да ги
одржува тие разлики онакви какви што се.
На пример,
општествените припадности во голема мера се одредуваат не само
позитивно туку и негативно, против кого сме. Свеста за
разликата можеби дури е попресудна за припадноста отколку свеста за
сличноста. Во некои општества антагонизмите повеќе се класни, родови
или расни; кај нас антагонизмите (кои, повторувам, можат да бидат
продуктивни!) главно се врз етничка па и религиска основа, но допрва
ќе ни се случува раздвојување и по некои други линии.
Дали за нашето
место во општеството е поважен фактот дека немаме работа, дека сме
стари, дека сме полуписмени, дека сме тормозени од насилници, дека
сме сиромашни итн. од фактот дека сме Албанци или Македонци?! Меѓу
другото, во сферата на популарната култура се рефлектираат и овие
прашања.
Едно од важните
својства на популарната култура, но и на општествениот идентитет, е
флуидноста. Секој од нас, во различни моменти движејќи се низ
општествените формации може да создава културни припадности со
различни, можеби и контрадикторни општествени групи, како што вели
Фиск. Постојат ситуации кога, на пример, родовата сличност меѓу две
жени, нивната загрозеност од патријархатот, е многу поважна за
нивното чувство на идентитет отколку нивната етничка различност.
Истото важи и за образовната сличност, или за заедничките интереси
на повозрасните луѓе, но и за образовната нееднаквост, за големите
социјални разлики - сето тоа сосема во втор план ги става етничките
или религиските разлики. А популарната култура е простор каде што
тие разлики и сличности меѓу луѓето во општеството јасно се
отсликуваат.
Но, како што не
смееме да го потцениме, никако не смееме ни да го прецениме
субверзивниот потенцијал на популарното. Како што вели Фиск:
“Популарното
искуство секогаш се обликува внатре во структурите на доминација;
популарната култура се занимава со произведување и ширење на
популарните простори во рамките на тие структури, обидувајќи се да
избега од нив, да им се спротистави или да ги навреди. Таа може да
биде прогресивна или агресивна, но никогаш потполно слободна од
структурите на моќта на општеството каде што е популарна.”
Можеби просветената
јавност треба да стои како некаков неутрален медиум помеѓу
агресивните зони на “популарното” и “елитното”?! Текстов се обиде да
влезе во тој меѓупростор, помеѓу тривијалното и дистанцираното, но,
чувствувам, на сомнителен начин. Дали сепак судбината на секого од
нас е во одредена единица време да биде исклучиво “горе” или
исклучиво “долу”?! |