18
ДА НЕ ИМ СЕ ПЛАШИМЕ
22.07.2002
Во време кога
очекуваме да нè заплиснат разноразните изборни слогани
(интелигентни, лукави, перфидни, глупави, фразерско патриотски,
патетични, претесно насочени, расплинати во општост, воинствени,
националистички, секакви) нудам еден слоган и од оваа страна: ДА НЕ
ИМ СЕ ПЛАШИМЕ.
Пред сè, да не
ù се
плашиме на власта, која и да е. Да не им се плашиме на Георгиевски,
Џафери и Андов, денес, а утре да не се плашиме кој и да дојде -
менливи се.
Но, да не им се
плашиме ни на свеживе некрофиличари што нагалено, по нашки и по ново
ги викаме капиталисти. Да не им се плашиме од отказните решенија, од
телохранителите, од дворците и лимузините, од нааканоста и
просташтвото.
Да не се плашиме ни
од моќта, влијанијата и богатството на големите земји или на
посилните соседи. Својата судбина, сепак, во поголема и во пресудна
смисла, самите си ја создаваме.
Да не им се плашиме
ни на силеџиите, последниве години намножени како стаорци (“мала
бара - многу крокодили”). Да не им се плашиме затоа што, најпрвин,
мирољубивите се големо мнозинство во однос на насилниците; а и затоа
што и на питомиот може да му пукне филмот, како и што им пука на
тормозените, злоставуваните, обесправените. Во социјализмот велевме:
“Никој не може да ме плати толку малку колку што малку можам да
сработам”; така може да им се рече и на дигнативе тепачишта:
“Лудилото на немоќниот, на загрозениот, на малиот, може да биде
победничко лудило, затоа што тој веќе нема што да изгуби”.
Стравот,
дефинитивно, ќе мораме да го победиме. Граѓанско општество со
исплашени граѓани, со поданици, кукавици и опортунисти - не бидува.
За правото да се биде граѓанин, да се биде слободен, да се учествува
во демократскиот живот - ќе мора да се избориме. Тоа е
најелементарната историска лекција. Националната држава не е крај на
демократскиот развој на општеството. Ќе треба да се бориме и против
деспотијата и против обидите на моќните да го држат народот во мрак.
Многумина од хероите
на слободата, низ историјата, особено од пониските класи, тн. мали
луѓе, факт е - се заборавени. На пример, како што вели една историја
на печатарството, меѓу тие безбројни луѓе што отпорот спрема
деспотијата го создавале одоздола имало и одрпани питачи кои
по споредните влезови на богаташките куќи молеле парченца од
господските гаќи и фустани, стари крпи и постелнина и други состојки
за произведување печатарска хартија; меѓу нашите безимени херои се и
печатарските работници кои живееле тегобен номадски живот постојано
селејќи се во потрага по работа, потоа трговците, книжарите,
селските пивничари, кафеџиите - каде што се дистрибуирал слободниот
печат, често пренесуван во мртовечки ковчези, во кутии за шешири и
во пратките со храна или валкани алишта. Сето тоа се ликови од не
толку познатата историја, наши херои од подземните токови, каде што
лавата се крчка. И од нив може да се учи способноста да се победи
стравот.
Стравот мора да се
совлада и затоа што моќта на власта мора да биде контролирана и
ограничена. Меѓу другото и затоа што општеството постои пред власта,
како што вели старата либерална мудрост на Џон Лок. Тоа произлегува
од оној прв договор кој за поединците го означи крајот на природната
состојба. Новосоздаденото тело потоа ја создава власта. Таа би
можела да се дефинира како врховна, но всушност има подреден однос
спрема општеството. Ако власта ја изигра довербата, општеството е
слободно да дејствува.
Исто така, важно е
да ја изживееме и идејата дека општеството не е исто со неговата
политичка организација (политеиа). Тоа е една од главните идеи на
граѓанското општество и корен на западниот либерализам.
Како што вели Чарлс
Тејлор, можат да се издвојат барем три значења на концептот
Граѓанско општество. Во минималното значење, граѓанското општество
постои таму каде што постојат слободни здруженија коишто не се под
туторство на власта. По два, во построга смисла, граѓанското
општество постои таму каде што општеството како целина самото себе
може да се структурира и да ги координира своите акции низ
слободните здруженија. И под три, како алтернатива или додаток кон
второто значење, за граѓанско општество можеме да зборуваме таму
каде што здруженијата, заеднички настапувајќи, значајно би можеле да
ја одредат државната политика или да влијаат на нејзината насока.
Но, услов над сите
услови, за да се стане граѓанин, е да се победи стравот и да се
престане да се биде поданик во некаква феудална смисла. Како што
општеството е пред политичкиот систем, така и поединецот е пред
колективот, а критичката свест пред поданичката.
Се разбира,
просвет(л)увањето на луѓето, нивното будење од оваа веќе
десетгодишна резигнација, нема да ни падне од небо, па ни од избори.
Работата нема да ја завршат ни законите за широка рамноправност или
слободно здружување; во голема мера работата ни зависи од подоброто
општо образование и од поскептичното јавно мнение. Изборите се добра
шанса да му се врати суверенитетот и дигнитетот на граѓанинот, но не
само во формална или инструментална смисла.
Што значи, граѓанинот може да реши и да не го троши залудно
својот глас. Но, и за тоа да го реши потребно е да не биде исплашен
и да не биде поданик. |