19
САМО ЗАТОА ШТО СЕ ВИКАМ ЛАВ
05.08.2002
“Кои се тие што завладеале со државата? Најголеми злосторници со
окрвавени раце, ужасно алчни, најголеми и воедно најсамобендисани
штетници кај кои верата, достоинството и најпосле сè она што им е
чесно и нечесно го претвориле во средство за стекнување корист... И
така, кој што и лошо да направи дотолку е побезбеден. Стравот од
својот злостор го претворија во ваш страв; ве застрашуваат вас
коишто ве обединуваат истата желба, истата омраза и истиот страв...
Впрочем, благородништвото со својата партија секогаш можеше повеќе;
моќта на народот, распрсната и растурена, секогаш била помала. И во
војна и во мир управувала волјата на малцинството; тие ја
контролираат благајната, земјите, власта, славите и прославите;
народот е угнетуван со војни и сиромаштија; водачите воениот плен го
распарчуваат со избраното малцинство...”
Овие нам толку
блиски и препознатливи зборови, кои токму како да го опишуваат
нашето невесело совремие, ги напишал Гаиус Салустиус Криспус, пред
повеќе од 2000 години, во првиот век пред нашата ера.
Значи, како од
власта да ги тргнеме штетниците, торбарите и побратимите, и наместо
нив да да избереме луѓе коишто посериозно и поодговорно ќе
ù
пристапат на моќта со која располагаат, со политиката?
Изборите се добра
шанса за тоа. На Изборите треба да избереме чесни, морални и
компетентни луѓе. Треба да избереме луѓе кои можат да создадат
модерно и напредно општество. Оние што ја водат земјата треба да
бидат умни луѓе кои низ својата работа ги афирмираат животот,
демократијата, мирот, правдата, моралот, толеранцијата, знаењето,
културата, работата...
Накусо: ќе треба да
избереме токму онакви политичари какви што сегашниве не се.
Сегашниве како основни управувачки начела на земјава (кои ја
создаваат и преовладувачката општествена атмосфера) ни ги донесоа
принципите на грабежот, омразата, алчноста, примитивизмот,
корупцијата, некомпетентноста, глупоста и војната, во крајна линија.
Непромислено би било
прстот да го впериме во еден или во неколкумина што ни ги замрачија
животите - затоа што станува збор за тектонски и историски
општествени придвижувања и раслојувања, каде што одредена нова
класа, составена од турбо политичари, гангстери и стопански
прематари, придружени со цела една естрадна, медиумска и културна
булумента, ја преземаат моќта во општеството во свои раце.
И покрај тоа што,
велам, би било непромислено туку-така да се бараат жртвени јарци за
тоталната деградација на нашето општество, ќе посочам само еден
пример, од чисто едукативни потреби: Љубе Бошковски. Медиумската
слика на тој политичар токму ги концентрира сите зла што нè навјасаа
годиниве: примитивизам, некомпетентност, неморал, алчност,
неподнослива леснотија на одлучувањето, ширење на национална и
верска нетрпеливост, силеџиство, опасен популизам...
За овој тип наакани
и здивеани политичари и јавни личности (Љубе Бошковски, за жал,
заедно со Љубчо Георгиевски или Латас, само е најекспонираниот
претставник на таа класа што почнува да го завладува општественото
поле во Македонија) Ерих Фром го користи изразот: малигни
деструктивци.
Еден друг автор (во
книгата Системски пристап) вели:
“Оние што
донесуваат одлуки коишто влијаат врз нашиот живот често не знаат што
прават, а тоа не го знаат просто затоа што немаат соодветна основа
врз чиишто темели би можеле да ги предвидат последиците од своите
одлуки. На многумина им се чини дека живееме во ера во која
одлучуваат умно заостанати личности. Тие избрале само еден аспект на
ситуацијата и се држат до него докажувајќи им на противниците дека
не успеле да ја разберат смислата на ситуацијата.”
Значи, ќе мораме -
затоа што од тоа зависи нашето најнепосредно секојдневие, но и
нашата иднина - да избереме луѓе кои потемелно и поодговорно ќе
решаваат за општествените прашања.
Каков профил треба
да има политичарот што ќе го избираме во септември и кои вредности
треба да ги застапува? Пред сè, не смее да шири омраза и страв и не
смее да ги брани интересите исклучиво на тесни тајфи од партиска,
гангстерска, роднокрајска или класна провиниенција. Државниот
службеник мора подеднакво и принципиелно да се грижи за интересите
на сите граѓани во општеството. Доколку личниот ќар носи општествена
штета - моралниот политичар го отфрла. Доколку кусогледата себичност
ги уништува економските перформанси на земјата - одговорниот
политичар ја отфрла. Освен моралност и одговорност, за некој да биде
во состојба успешно да управува мора да поседува толерантност, мора
да биде ментално стабилен, да има широка култура, мора да ги познава
начините на кои функционира неговата држава, но и светот пошироко.
Со своето знаење политичарот треба да го менува животот кон подобро,
да ги унапредува меѓучовечките односи и да не создава конфликти.
Треба да научи да ги слуша разумните луѓе и јавноста, да ги почитува
законите и одлуките на демократските институции.
Како што вели еден
српски политиколог, алудирајќи на ситуацијата во неговата земја:
“Политиката на управување со државата не смее да се претвори во
ситни политички пресметки помеѓу спротиставени политички табори и
лидери. Недозволиво е за ваквите работи да се злоупотребуваат
медиумите, судството, војската или полицијата. Освен тоа,
политичарите не смеат да се служат со лажни ветувања за да ги
придобијат масите и за да стекнат популарност на сметка на државната
стабилност. Злоупотребата на емоциите на народот за политички цели и
заради остварување на себични цели е израз на најголема можна
управувачка неспособност, нецивилизираност и неморалност.”
Веќе немаме право да
си дозволиме да нè претставува и да нè предводи типот на политичар
каков што сега доминира (но кој, за жал, сепак произлегува од нашата
културна и цивилизациска заостанатост): тесноградиот и кусогледиот
провинцијален патријархалец и автократ. Ќе мораме - дури и ако тоа
значи прилично забрзан курс по еманципација и цивилизирање; а
изборите се токму тоа - да ја надминуваме средновековната логика на
кралското самоволие: љуиа номинор лео. “Само затоа што се викам лав”
немам право да ги прождирам сите други. Особено не во еден свет во
кој најслабите се доведени до работ на егзистенцијата и во една
држава доведена до работ на очајанието. |