Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


20

ЈАВНА СФЕРА, ЈАВЕН ИНТЕРЕС

19.08.2002


 

Изборите, особено парламентарните, навистина потемелно го протресуваат општеството, и тоа не само во младите демократии, каква што е нашава, со релативно скромно државно и политичко искуство. Изборите одново и одново ги поставуваат на дневен ред најфундаменталните прашања за државата и поединецот, за заедниците и за правата, за слободата и одговорноста, за јавната сфера и за моќните кланови што ја управуваат државата.

Изборите се тренирање на демократијата, можеби во нејзината најсуштинска смисла, но слободните избори сами по себе не ја воспоставуваат демократијата. Еден од клучните фактори за постоењето на демократскиот поредок и на можноста за слободни и фер избори е изградбата на јавната сфера.

Од 18 век навака, во западните демократии постои еден концепт за јавната сфера како ограничувач и контролор на моќта на политичкото. Јавната сфера, низ отворените расправи на мнозина спротиставени актери, на некој начин го отелотворува општествениот разум. А разумот треба да ја припитоми моќта. Новата јавна сфера што се појавува заедно со Алексис де Токвил, Едмунд Берк, Имануел Кант, големите мислители на демократијата, е дискурс на разумот за моќта и околу моќта, а не од моќта. Јавната сфера треба да овозможи општеството да формира јавно мнение без посредство на политичката сфера, низ дискурсот на разумот вон моќта, но којшто е нормативен за моќта.

За разлика од патријархалното, тн. “општочовечко” мислење кое пасивно се всадува во секое следно поколение (и кое најчесто е непромислено и непосредувано со дискусија и критика) јавното мнение е производ на размислувањето, произлегува од дискусијата и го одразува консензусот постигнат по активен пат.

Македонската политичка, но особено културна елита, како сè уште да ги нема расчистено основните начела на демократијата, меѓу кои е и она дека државата и народот не се некакви трансцендентални и метафизички форми туку дека произлегуваат од меѓусебното договарање меѓу луѓето и дека се менливи. Општеството не е отелотворување на некаков метафизички поредок во кој луѓето дејствуваат само во строго зададени и засекогаш присутни рамки, ниту општеството се конституира врз метафизички темели. Како што вели Чарлс Тејлор, старото општествено единство исчезнува, а на негово место треба да дојде ново. Еден од најважните фактори што ќе го воспостави тоа ново општествено единство токму е јавната сфера.

И уште една работа на која обрнува внимание американскиот филозоф за нас денес е особено важна: “Радикалната секуларност на јавната сфера можеби е нејзината главна карактеристика. Секуларноста е во контраст не само со божјиот темел на општеството туку и со секоја идеја за општество според која тоа е востановено во нешто што го трансцендира современото заедничко дејствување. Јавната сфера е здружување кое не формира ништо што е надвор од заедничката дејност што во неа ја остваруваме”.

(Во изворна смисла секуларното значи од ова време, со-времено, т.е. она што му припаѓа на профаното време. Блиско е до значењето на “темпоралното” во опозицијата темпорално/спиритуално.)

Чарлс Тејлор во својата книга Привикување на граѓанското општество резимира: “Јавната сфера во 18 век станува нов мета-локален простор во кој припадниците на општеството можат да разменуваат идеи и да донесуваат заеднички заклучоци. Како таква, таа претставува мета-локално тело за кое се смета дека постои вон политичкиот поредок на општеството и сосема во профаното време. Јавната сфера, тоа е вонполитички, секуларен, мета-локален простор кој сосема го измени нашето вкупно разбирање на времето и општеството”.

Но, јавната сфера не смее да се гледа само како општествена форма со која се ограничува политичкото, туку треба да ја разбереме и како медиум на демократската политика. Ова е особено важно да се нагласи кај нас, затоа што често пати - на пример, во таканаречениот невладин, граѓански сектор - аполитичноста, ескапизмот, дефетизмот, па и опортунизмот, се сметаат за доблести само затоа што се неконтаминирани со политичкото. Значи, јавната сфера не само што го контролира политичкото тку таа на одреден начин и го вообличува.

Се разбира, дискутабилно е прашањето кои се границите на јавната сфера и што воопшто претставува јавниот интерес. Во јавната сфера дејствуваат секакви видови чинители, вклучувајќи ги и оние со крупни политички цели, и оние поврзани со актуелната власт. Меѓутоа, иако во одредена мера се узурпирани, фактот дека овие области функционираат со сопствена динамика има пресудна важност за ограничувањето на власта и со самото тоа за одржувањето на слободата на модерниот Запад. Во модерното демократско уредување, границите помеѓу политичкиот систем и јавната сфера треба да бидат максимално пропустливи.

И само уште неколку збора за јавниот интерес. Дали воопшто е можно да се зборува за јавен интерес во едно волку радикално поделено општество, пред сè во економска и образовна смисла, а потоа - можеби како последица на претходно извршените економски стратификации - и во експлозивната сфера на меѓуетничките односи?

Поимот јавен интерес (или општото добро) спаѓа во т.н. класична или супстанцијална теорија не демократијата. Таа се занимава со прашања од типот дали интересите на луѓето во демократијата се задоволени, дали демократски избраната власт ја исполнува општата волја на граѓаните, дали некоја група се наметнува во името на сите итн. Општото добро, значи, на некој начин е крајна цел на демократијата.

Денешните расправи за јавниот интерес или за општото добро често се конфликтни; постојат, на пример, многубројни анализи кои покажуваат дека општото (колективно) добро е збир од приватни (себични) интереси. Од друга страна, се тврди дека себичните интереси однапред се одредени со нормативниот систем на едно општество. Човекот може да биде и себичен и кооперативен, во зависност од правилата на игра. Доколку, како денес кај нас, општото добро систематски се запоставува, луѓето ќе престанат да соработуваат и комуницираат во некаква посуштинска смисла која би ја облагородувала заедницата.

Во секој случај, општото добро се занимава со заштита и ширење на вредностите какви што се: вистината, општествената еднаквост или рамноправниот пристап, културната различност, општествената кохезија, солидарноста итн.

Ете, меѓу другото и затоа што на изборите, решавајќи меѓу понудените политички опции, самите одлучуваме дали себичноста или солидарноста ќе бидат нормативи на нашето општество - изборите се толку многу важни.