21
ИДНИНАТА НА ИЗБОРИ
02.09.2002
Се разбира,
најважната работа што ни претстои на скорешните Избори е да ја
промениме мошне опасната политичка опција што ја репрезентираат
ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Не само заради војната во која нè внесоа и не само
заради длабоко метастазираниот криминал - сегашнава власт мора да си
замине затоа што нема апсолутно никаква идеја за иднината на
земјава. Она што ни го понудија како нивна политика е постојаното
создавање делби, меѓу кои можеби најстрашната е онаа која интензивно
се одвива врз верска основа;
сегашната естрадна тривијализација и инструментализација на верското низ
политичкото (кое, во пропагандна и идеолошка смисла, мошне наликува
на нацистичката естетизација на политичкото) нè враќа, и како држава
и како општество, стотици години наназад, во мраковите на верскиот
фундаментализам и на бескрајните војни.
Сегашната власт не
ја научи основната политичка лекција: Државата мора да обединува.
Државата не е ни етничка ни верска институција. Државата мора да
сплотува со помош на правото и законот. Државата мора да им
гарантира сигурност и добробит на сите свои жители, без разлика на
етничкото, верското или какво било друго потекло.
Тие елементарни
факти за основата на демократскиот поредок власта не ги сфати ни за
четирите години владеење, ниту пак ги разбира денес, продолжувајќи
да шири етнички напнатости и да манипулира со верските чувства на
граѓаните. Таа политика принципот за поделба на власта го има
сфатено касапски и гангстерски: секому одредениот реон, секому
одреденото парче плен. Христијаните во едно трло, муслиманите во
друго, а сите други грубо се отфрлаат или како безбожници или како
припадници на секти. Од таквата констелација за некоја година можеби
ќе преостанат троа на фолклор сведени Славомакедонци и Албанци, но
државата Македонија со сигурност ќе ја нема.
Значи, после сите
политички еквибрилистики што ни ги приредуваа ДПМНЕ и ДПА изминативе
години, обидувајќи се, сосема непринципиелно, па и по цена на
комплетни идеолошки и логички лупинзи, да ја задржат власта, целата
нивна сегашна политичка понуда главно се сведува на најприземните
популистички клишеа, какво што е, на пример, она дека нам наивните
другите ни ја зготвиле кашата. Но, дури и тоа налудничаво
себеамнестирање од одговорноста делува неубедливо, и покрај тоа што
на просториве традиционално се негува филозофијата дека самите не си
ја кроиме судбината.
И заради
лицемерието, значи, сегашнава власт мора да си замине, па и повеќе
од тоа: во историска смисла политичката опција што ја симболизираат
Георгиевски и Џафери (комплет со сите нивни подопашници, а особено
оние за универзална употреба од типот на Андов или Чашуле) веќе
никогаш не смее да добие шанса да ја води државата Македонија. Меѓу
другото и затоа што светогледот на таа политика е племенски,
шовинистички, ксенофобичен, манипулативен и непринципиелен.
Но, дури и ако имаме
разум, храброст и среќа таквото неодговорно политичко шиќарџиство да
го покопаме на ѓубриштето на историјата, пак ќе ни остане потешката
задача: да создадеме политичка клима која на малку подолг рок ќе ја
стабилизира земјава и ќе влее надеж и поттик кај луѓето. Иако
сегашниве властодршци и со канџите се чипчат за да ги задржат
решетките на власта (во чијшто кафез сме?!, или во чијшто кафез - па
и да е златен - тие се?!), потешкиот дел од работата сепак ќе биде
да се гради радикално поинакво општество од затеченово под ДПМНЕ и
ДПА (кои, за волја за вистината, исто така наследија прилично
руинирано општество).
Значи, пред
Македонија, освен тешките ургентни внатрешни проблеми, се наоѓаат и
глобалните, подолгорочни, со кои се соочуваат и најразвиените земји
во светот. Самолоцирањето или себелоцирањето станува наш врвен
политички (па и повеќе од политички - културен, стратегиски...)
императив, кој може да се стави дури и пред класичното прашање “Што
да се прави?” Како што вели Клаус Офе, еден од водечките светски
политиколози, самото политичко дејствување стана проблематично во
современиот свет:
“Наместо да се прашуваме што да се прави би било покорисно да
испитаме дали воопшто постои некој кој е способен да го направи она
што би требало да се направи, што и да е тоа”.
Ќе мораме да ја
одбраниме самата идеја за демократија, особено пред налетотот на
опасните ветувачи на лесни решенија од типот на Жириновски и Шешељ,
на кои деновиве злокобно потсетуваат Георгиевски и Бошковски... Но,
задачата да се одбрани демократскиот поредок не е формална. Ако
демократската политика создава огромна класа на осиромашени,
исклучени, безнадежни, отуѓени и маргинализирани луѓе - тогаш
таквата политика мошне тешко ќе може да се одбрани. Земајќи ги
предвид бурните околности под кои ги воведуваме политичката
демократија и слободниот пазар, ние навистина веќе немаме време да
ги одложуваме масивните програми во корист на најнеповластените и
најзагрозените луѓе. Како што токму вели Офе, доколку создадеме
дуалистичко, длабоко поделено општество (какво што, за жал, веќе
создадовме) демократијата мошне тешко ќе фати корен.
Ќе мораме да се
обидеме да најдеме одговор и на уште едно клучно прашање што ги
допира повеќето политички уредувања: јака или слаба држава? Јаката
држава, на пример, не е пожелна бидејќи може да стане закана за
граѓаните и нивните права. Но и слабата држава не е добра
алтернатива доколку политичката сила е главното средство за заштита
на колективните права и за реформистичките стратегии за општествени
промени.
Но, за сето тоа,
допрва, по 15 септември! |