22
ПОВИКАНОСТ ЗА ПОЛИТИКА
16.09.2002
Ова е прв ден од
остатокот на нашиот живот. Можеби секој ден е токму тоа, прв ден од
нешто што преостанува, но сепак: за само три-четири изборни циклуси
времето на сопствените животи, но и историското време, почнавме да
го мериме според власта што управува со државата.
Не ќе е лошо, од
денес, оваа навика барем делумно да ја промениме. Начелото на
одговорноста, за која толку многу зборуваме во политичкиот живот, ќе
мораме да го насочуваме многу пониско и поконкретно: кон себе, пред
сè. Наместо да бидеме пасивни и управувани ќе мораме да учиме да
управуваме и соработуваме. Тогаш и времето ќе престанеме да го
мериме според СДСМ и ВМРО; во тој случај нашата судбина првенствено
ќе биде одредена од нашата сопствена (не)способност да живееме и да
се снаоѓаме во еден несигурен и непредвидлив свет чиешто само
нераскинливо делче е и Република Македонија.
Се разбира, тоа не
значи дека политиката не е битна и дека многубројни други околности
не влијаат врз обичниот човечки живот. Но, наместо компликуваната
животна шара да ја сведуваме на разноразни бабароги кои секогаш ќе
бидат алиби за неодговорност (виновни се: Албанците, Македонците,
Американците, НАТО, ЕУ, СДСМ, ВМРО, итн., допиши по желба) можеби ќе
треба да станеме поотворени и пофлексибилни;
во светот кој
забрзано се менува ќе мораме да научиме да се менуваме, за да
преживееме; можеби токму многубројноста на можностите и на факторите
што влијаат треба да нè оттргнат од дефетизмот и од длабоко
всаденото верување дека секогаш некој друг ни го пакува и ни го
распределува обележаниот шпил карти. Со јакнењето на свеста за
сложеноста на можностите добиваме шанса да излеземе од
самонаметнатата позиција на објект или жртва, а со тоа созреваат
интелектуалните, моралните и политичките потреби за покомплексно
себесогледување.
Не постои личен
идентитет без таквиот процес.
Во таа смисла, ќе
мораме да ја преземеме одговорноста и за државата, покрај онаа за
сопствениот живот. На пример, со речникот на невладиниот сектор, што
го користи големиот современ социолог Улрих Бек: Државата ќе мораме
да ја ослободиме од одредени задачи. Па малку паушално: насекаде
каде што постојат организирани интереси, државата можеби треба да се
повлече. Тогаш во средиштето на политиката би можеле да дојдат
занемарените прашања како екологијата, развојот на техниката,
делумно и односот меѓу мажите и жените... Како што поентира Бек:
“Граѓанското општество веќе не смее да стои пред државата во ставот
мирно. Но, потребни се и државни иницијативи; интересите на
неродените, на пример, не можат да се организираат и затоа не се
присутни во политичкиот систем...”
Се разбира,
аспектите на развој што Бек ги предлага за современиот западен свет
не се туку-така применливи и во нашиот случај, но за нас е многу
важно барем стратегијата за идниот развој во општи црти да ја
наслушнуваме и усогласуваме со поширокиот контекст, со средини кои,
на пример, имаат каде-каде поголема историја на граѓанско
организирање.
Македонија не е
надвор од Европа. Дури, нашата земја во моментов всушност ги
олицетворува токму врвните европски дилеми; во Републикава, како и
во ЕУ, постојат два спротивни а сепак комплементарни процеси: едниот
е централизацијата (врз Брисел, на пример, се пренесуваат одредени
надлежности на националните држави), а другиот е децентрализацијата,
која им дава поголема автономија на регионите, областите,
провинциите...
Делбата на власта меѓу наднационалното, меѓунационалното и
внатрешното национално ниво е едно од клучните прашања и во
Македонија и во ЕУ.
“Европа на
регионите” (новата важна политичка доктрина) многу повеќе го
стимулира учеството во “европските работи” на разновидните
организации на граѓанското општество. Во прв план веќе не се
исклучиво земјите членки туку се оди сè до локалните нивоа на
организирање. На пример, користењето на фондовите на ЕУ е засновано
врз трикратно интерактивно партнерство меѓу Европската комисија,
земјите членки и локалните власти, при што посебно се стимулира
учеството “одоздола”.
Најпосле, ќе мораме
да го менуваме и нашето сфаќање на политиката. Управувањето со
државата веќе не смее да биде платформа за лично богатење и
екстремни привилегии. Занимавањето со јавните работи (рес публица)
бара посветеност, решителност и чувство за пошироките интереси. Како
што вели Макс Вебер, можеби највлијателниот социолог на 20-иот век:
“Демократијата од луѓето на власт бара многу повеќе од кој било друг
поредок во историјата; за да се биде достоен за политиката
едновремено треба да се биде цар и пролетер, модерен херој”.
Но, за некој воопшто
да може да се квалификува да се занимава со политика, ќе мора да ги
сфати мошне длабоките парадокси што владеат во длабочините на
политичкото. Според Вебер, тотална политичка незрелост е сфаќањето
дека од доброто произлегува само добро, а од лошото само лошо;
историјата ни кажува нешто сосема друго. Во политиката многу често
се судираат етиката на уверувањето со етиката на одговорноста, а
многумина напалени фанатици “длабоко уверени” во исправноста на оваа
или онаа кауза направија од историјата крвав кошмар.
Својата славна книга
Политиката како повиканост, Вебер ја завршува вака:
“Политиката значи снажно, лесно бушење на тврдите штици, со страст и
мера едновремено. Сосема е точно, а тоа го потврдува целокупното
историско искуство, дека човек го постигнува можното тогаш кога во
светот секогаш одново се посегнува кон неможното. Но оној кој тоа
може да го прави мора да биде водач и херој. А и оние кои не се тоа
мораат да се вооружаат, уште сега, со таква цврстина на срцата која
се соочила со поразот на сите надежи; инаку нема да можат да го
остварат ни она што денес е можно. Само оној кој е сигурен дека нема
да се прекрши затоа што светот, од негово стојалиште, е премногу
глуп или прост за она што тој сака да му го понуди, само оној кој на
сето тоа може да рече ‘Сепак!’, само тој ја има ‘повиканоста’ за
политика”. |