23
НАЧЕЛА ЗА СЛОБОДАТА НА ИНФОРМИРАЊЕТО
30.09.2002
Најновото
претепување на храбриот новинар Зоран Божиновски, претходните напади
и заплашувања на новинарите, исклучувањето на ТВ А1 од кабловскиот
систем за време на предизборната кампања, ужасниот безрбетнички
опортунизам што се шири од Советот за радиодифузија, катастрофално
ниското ниво на кое што е сведена МРТВ... - всушност целокупниот
хаос што владее во сферата на информирањето ќе треба да ја поттикнат
новата влада да започне да ги средува работите во оваа област
исклучително важна за консолидирањето и развојот на демократијата.
Современото
демократско општество треба да се потруди да ги избегне двете клучни
опасности за слободата на медиумите: пазарниот монопол кој
информацијата ја сведува исклучиво на стока и сведувањето на
гласилата на пропагандни машини кои ги застапуваат интересите на
политичките структури, вклучувајќи ја и власта. Во Македонија, на
еден изострен начин, се соочуваме со двете опасности, и крајно време
е да се реагира пред целата медиумска сфера да стане цементирана од
економските монополи и од политичката моќ.
Реална е и опасноста
од “медиократијата”, кога гласилата се инструментализирани од
скриените структури на моќта, при што, на пример, се вкрстуваат
маркетиншките и пропагандните структури со структурите на
сопственост над медиумите.
Една од главните
цели на новата влада, значи, ќе треба да биде заштитата на реалната
слобода на медиумите и поттикнувањето на вистинскиот плурализам во
оваа сфера (па и со директна државна поткрепа, затоа што плурализмот
е јавен интерес).
Македонските граѓани во сферата на јавното информирање ќе
треба да ги остваруваат истите права што ги имаат граѓаните во
(западно)европските земји и тоа начело треба да биде примарно, без
оглед на потребата од постепено реализирање на тие права.
Затоа во продолжение
ги пренесуваме, во скратена форма, деветте начела од документот на
меѓународниот центар против цензура Артицле 19. Овој документ за
нешто повеќе од една година стана неизбежно четиво за повеќето
демократски влади во светот. Начелата од документот овозможуваат
поставување стандарди во оценувањето колку законите на некоја држава
овозможуваат пристап кон службените информации. Начелата од
документот ги следат петте клучни принципи на европската јавна
управа: законитоста, отвореноста, одговорноста, ефикасноста и
професионалноста.
Начела на
законодавната регулатива за слободата на информирањето
Начело 1
Законите за слободата на информирањето треба да бидат водени од принципот
за најголем степен на отвореност
Тоа претпоставува
дека сите информации што ги имаат јавните тела треба да бидат
предмет на објавување и дека таа претпоставка може да се занемари
само во мошне ограничени околности.
Идеално би било кога овој концепт би се осигурал во Уставот, со што
недвосмислено јасно би станало дека пристапот до службените
информации е едно од темелните права. Најважната цел на
законодавството треба да биде заживувањето на практиката на
најголема отвореност.
Начело 2
Јавните тела треба да имаат обврска на објавување на важните информации
Слободата на
информирање не подразбира само јавните тела да ги прифаќаат барањата
за давање информации туку таа подразбира да се објавуваат и
предочуваат документи важни за интересот на јавноста.
Начело 3
Јавните тела мораат постојано да го промовираат отвореното водење на
политиката
Начело 4
Исклучоците треба да бидат јасно и прецизно одредени и подложени на
испитување на стварната “штета” и “јавниот интерес”
На пример, само ако
се докаже дека штетноста на барањето е поголема од јавниот интерес,
информацијата може да биде ограничена. Но, никогаш не можат да бидат
оправдани ограничувањата кои имаат за цел да ги заштитат политичките
структури од срамотење или објавување на погрешниот начин на кој се
водат државните работи
Начело 5
Барањата за информации треба да бидат процесуирани брзо и чесно, а
независното мислење за одбивањето на барањето за објавување на
информациите мора да биде достапно
Начело 6
Поединецот при поднесувањето на барањето за информација не смее да биде
обесхрабрен со претерани трошоци
Начело 7
Состаноците на јавните тела треба да бидат отворени за јавноста
Законодавството
треба да создаде претпоставки за отвореноста на сите состаноци на
управувачките тела. “Управувачки” во контекстов се однесува примарно
на овластувањата за донесување одлуки, така што телата чија работа е
советодавна не треба да се сметаат во тој систем.
Начело 8
Законите кои не се во согласност со начелата за максимална отвореност
треба да бидат дополнети или укинати
Законот за слободно
информирање треба да одредува и другите закони да бидат
интерпретирани во согласност со неговите одредби. Таму каде што тоа
не е можно, другите закони кои се однесуваат на јавното поседување
информаци треба да бидат подложени на принципите истакнати со
регулативата за слободата на информирањето
Начело 9
Поединците кои објавуваат информација за некој погрешен потег - наречени
whistleblowers - мораат да бидат заштитени
“Јавниот интерес” во
случајов ги вклучува ситуациите во кои користа од објавувањето ја
надминува штетата или во кои е потребно алтернативно средство за
објавување на информациите за да се заштити клучниот интерес. Тоа се
однесува, на пример, на ситуации во кои
whistleblowers-ите
треба да се заштитат од одмазда, ситуации во кои проблемот тешко е
решив по пат на формалните механизми, ситуации во кои постои
исклучително важна причина за објавување. |