24
ЗА ДРУГОСТА: МЕЃУ ХРИСТИЈАНСТВОТО И ИСЛАМОТ
14.10.2002
Односот помеѓу
христијанството и исламот е една од најважните светски
културно-политички теми во моментов, но и нешто што длабоко ќе го
одреди текот на човечката историја воопшто.
Значи, дури и ако ги
занемариме сегашните сериозни тензии помеѓу западниот и арапскиот
свет, прашањето за односот спрема Другото и различното останува меѓу
најважните цивилизациски прашања, веднаш покрај прашањето на, да
речеме, генетскиот инженеринг.
Нашата земја е во
вителот на напнатоста меѓу христијанството и исламот и нејзината
иднина во значајна мера зависи од начинот на кој сите ние,
поединечно и колективно, ќе успеваме да одговориме на
цивилизацискиот предизвик.
Во Македонија постои
вековна култура на отвореност, на толеранција и респект спрема
различното; постојат, се разбира, како што постојат насекаде, и
провинцијализмот и затвореноста и стравот од “иноверците” и од
поинаквите. До нас е како ќе ги насочиме постоечките енергии, како
ќе ги економизираме напластените искуства, како ќе изградиме корита
и брани за чудната идентитетска сила што знае да ги облагородува но
и да ги опустошува општествата. Национализмот ја создаде модерната
држава, при крајот на 19 век. Но, “национализмот денес уништува сè,
земјата, народите, политиката”, вели Бронјислав Геремек, бившиот
полски министер за надворешни работи кој сега претседава со ОБСЕ.
Веројатно сите
човечки заедници страдаат од хипер(дија)болизацијата на Другиот.
Можеби така се доаѓа и поблиску до дефинирањето на сопствениот
идентитет. Но, нам историскиот миг повеќе ни е за де-идеализирање на
концептите за “Ислам” и “Запад”, отколку за мистификации,
хиперболизации и дијаболизации.
Како што вели
Алжирецот Мохамед Аркоун (од париската Сорбона), Западот не е демон
(материјалистички, неморален, невернички...), а Исламот не е
фундаменталистичка и интегристичка идеологија која заплашува. “Она
што во најголема мера го исткало тоа сложено клопче од негативни
предрасуди и взаемни исклучивости се стратегиите на моќта
(хегемонијата, трупањето на богатство, еднодимензионалниот светски
поредок) кои го победиле влогот на смислата (културните и
хуманистичките вредности, дијалошкиот дух).”
Една пословица вели:
Оној кој секогаш самиот го држи кантарот во рака ја заборава
сопствената тежина. Ова во прв ред се однесува на моќните, на оние
што пресудуваат (САД, на пример), но пословицата има, се разбира, и
општо значење, токму во насока на уважување на туѓото стојалиште и
релативизирање на сопственото.
Има и многу други
причини (освен проценувањето на сопствената тежина) зошто различието
е богатство. Во нашиот конкретен случај, различноста може да биде
важен коректив.
На пример, тесната испреплетеност и исповрзаност на овдешните
елити често предизвикува застој во порадикалното отворање и
демократизирање на општеството. Постоечките јазли на моќ гледаат да
ги сочуваат своите монополи (економски, културни, политички...), и
оттаму ситуацијата често може да ја расплете само некој од страна,
“радикално Другиот”.
Во моментов кај нас
тоа го прават странците од Запад, но доколку порасне довербата меѓу
овдешните граѓани можно е неопходниот корективен поглед отстрана
всушност да ни доаѓа однатре!
Освен тоа, факт е,
ние веќе десетина години ја живееме кризата на наследените облици на
легитимитет кои создадоа простор за поинаква поставеност на
работите. Меѓу другото, и затоа ни се случи Охридскиот договор. Тој
поставува рамки за демократијата сфатена како начин да се заузда
моќта на државата и како можност да се воспостави легитимитет врз
основа на политичката вклученост на мнозинството граѓани. Затоа се
важни принципите за интегративност и затоа се важни формалните
демократски процедури. Низ созревањето на свеста за Другиот и за
комплексноста на интересите во општеството македонските граѓани
најефикасно и најдлабоко ќе ја изградат државноста на својата земја,
во најпозитивна, заштитничка и обединувачка смисла.
Во продолжение на
темата за другоста ќе пренесам неколку тези на Мароканецот Мохамед
Абед Ел Џабри кој е голем стручњак за Авероес, најголемиот арапски
филозоф од 12 век. Тезите се извадени од неговото предавање во
Толедо при отворањето на европската Комисија Авероес за културен
дијалог.
Ел Џабри предлага
корисен модел што има универзален карактер, а кој осум векови спие
во мислата на Авероес. Тој модел секого од нас повикува да го
разбереме другиот во неговиот сопствен систем од референци
или во неговото културно подрачје. Станува збор за реалистичен модел
кој на другиот му се обраќа таков каков што тој пред нас се
претставува, а не онаков каков што ние во нашиот дух го замислуваме
(често имаме погрешни идеи за другите, што се базираат на стереотипи
и предрасуди). Тој модел ни овозможува да го видиме другиот без
сопствените негативни или фиктивни предрасуди.
Вториот важен
принцип што Ел Џабри го позајмува од Авероес, е принципот за правото
на разлика.
Не се препорачува ниту радикалното мешање, синкретизмот, ниту
радикалните несогласувања; вистински се препорачува почитување на
границите и разликите. Тоа секому овозможува да ги задржи својот
идентитет и својата историска, културна и расна различност, а притоа
сепак да придонесува во одбраната на напредниот и позитивен дијалог.
Третиот принцип на
Авероес е разбирањето во смисла на толеранција и прифаќање. Авероес
се грижел да го оправда секој пат кој води кон вистината и
разбирањето, дури и ако тој пат е на сметка на самите нас.
“Оправдувањето”, пишува Авероес, “се состои во барањето аргументи во
корист на својот противник, исто онака како што правиме за самите
себе.” |