Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


25

ЗНАЦИ ЗА ЕПИДЕМИЈА

28.10.2002

 

За неколку дена конечно ќе се случи долгоочекуваната смена на власта. Од новата власт во прв ред очекуваме да ги изолира криминалците и воените подбуцнувачи (се чини дека ДПМНЕ и ДПА како да започнуваат да го градат својот опозициски идентитет низ ширење етнонационалистичка хистерија; што додуша го правеа и додека беа на власт доведувајќи ја земјата на работ на несогледлив хаос). Новата власт исто така има обрска не само посилно да ги зацрта клучните линии на развој на земјава (мир, демократија, толеранција, интеграции...) туку кон тие стратегиски линии да пријде принципиелно, сериозно, одговорно, ако треба и пожртвувано. Очекуваме политиката да престане да биде трка по брзи профити, перфидно и опортуно тактизирање и простачко чаталење со моќта; очекуваме политиката да стане терен за одговорност, за принципи, за разум, за долгорочно планирање...

Иако сите ние во државава навистина имаме јаки причини за гордост затоа што во најрешителните моменти за судбината на земјата горе-долу останавме присебни и разумни (1992-та кога заминуваше ЈНА, 1994-та кога Грција ја зафати националистичка хистерија контра Република Македонија, 1995-та кога атентатот врз Глигоров навестуваше дестабилизација, 1999-та при бегалската криза и бомбардирањето на Србија...), тоа не значи дека не сме ослободени од одговорноста за некои други грди нешта кои ни се случуваа и сè уште се случуваат. Начелото на одговорност треба да стане обврзувачко во малку поширока смисла. За реално да се случат подлабоки промени, подлабоки пред сè во смисла да се промени пристапот кон владеењето на сите нивоа, ќе биде потребно и малку подлабоко посегање во себе, во својата најнепосредна околина, од каде всушност и се генерираат матриците на општествениот морал и на политичкото однесување.

Најновите протести на средношколската младина (кои злокобно потсетија на студентско-професорските демонстрации од 1997 година, а кои беа прикриено навестување за контролираната војна што се случуваше 2001-та) уште еднаш нè принудуваат малку повеќе да се замислиме над судбината на земјава. Многу нешта не чинат кај самите нас, во семејството, на пример, во образованието, во медиумите... Нештата во општеството, за жал или за среќа, се фатално поврзани. Образованието, на пример, стои во тесна врска со цел комплекс институции кои започнуваат од семејната витрина со книги: канонот на текстовите, канонот на знаењето, гимназијата, театарот, музејот, концертот, киното, дури и тн. образовни патувања - сето тоа потпаѓа под класичниот граѓански концепт за образование.

Во образовна, воспитна, културна смисла, Македонија е запуштена земја. Општеството страда од синдромот ние-тие; страда од пристрасност, од атмосферата на некритичност кон својата група и од преголема критичност, па и отворено непријателство спрема спротивната група. Македонија страда од трибалистичкиот менталитет чија оска е антиндивидуализмот, кога луѓето во заедницата се стремат кон меѓусебни униформирани погледи и чувства. За таа историски специфична форма на еден образац на колективно однесување, како што вели психијатарот Душан Кецмановиќ, карактеристични се нетолерантноста, деградирањето на рационалното, зголемената подложност кон емоционални поттици, екстремизмот, поедноставувањето на сложените односи, ослободувањето од индивидуалната одговорност и нејзино пренесување врз колективот, ригидноста, склоноста кон конформизам односно потчинувањето кон авторитетот, агресивните чувства спрема оние кои се сметаат за инфериорни...

Се разбира, кога велам дека нашето општество страда не мислам посебно на некоја етничка група ниту пак мислам дека еден голем дел од луѓето немаат изградени внатрешни механизми за спротиставување на колективистичкиот тоталитаризам. Напротив: токму успешното справување со многубројните кризи изминативе десетина години покажува дека Македонија поседува одреден и незанемарлив демократски потенцијал.

Но, обрнувам внимание на нешто што Ерих Фром (обидувајќи се да го концептуализира односот помеѓу општеството, општествената структура и поединецот) го нарече општествен карактер, кој повеќе или помалку го споделуваат сите луѓе од одредена заедница. Обрнувам внимание на она што Теодор Адорно, го нарече авторитарна личност, која се карактеризира со склоноста кон конвенционалности и со потчинувањето спрема авторитетот. Без надворешна поддршка таквата личност не може да каже што е исправно а што не е, и затоа конвенциите ù се основен ориентир.

Гледајќи ги македонските дезориентирани младинци (всушност, најкревките жртви на десетгодишната немилосрдна и грабежлива транзиција кон еден примитивен капитализам), станува јасно дека оние што се наклонети кон комфорниот етнонационализам, како што вели Кецмановиќ, се токму базично несигурните и загрозените луѓе кои се емотивно закочени и немаат доверба во сопствените способности и во сопствената иднина.

Пред нас (мислам на медиумите, образованието, невладиниот сектор...), значи, е задачата да ја подобруваме општествената атмосфера во насока на солидарност и толеранција, на почитување на другоста и различноста, во продлабочувањето на демократијата... Пред нас е задачата да ја намалуваме ригидноста на луѓето, исклучивоста, авторитарноста како пожелно или дури изнудено општествено однесување.

Најпосле, во секоја средина постои еден релативно малуброен слој на тн. ендемски националисти и шовинисти. Но, вистинската опасност за општеството настанува во моментот кога ендемското прераснува во епидемија и кога вирусот на нетрпеливоста и омразата излегува од контрола и почнува да го разјадува општеството. Затоа е важно умеењето да се препознаат првите епидемиски симптоми и затоа е важно превентивното дејствување. Македонските средношколци само испраќаат еден од низата сигнали каква е реално состојбата во општеството. На многу нивоа од заедницата важно е да се знае како да се примат тие сигнали и како треба да се дејствува понатаму. Освен врвната политичка власт, незаобиколна е улогата, повторувам, и на поширокиот социјален контекст.