Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


26

МЕЃУ МИНАТОТО И ИДНИНАТА, ВО ДЛАБОЧИНАТА

11.11.2002

  

Минатата недела во Друштвото на писателите се одржа интересен разговор, за статусот и иднината (или судбината) на македонските списанија од областа на културата. Вообичаено, беа пројавени многу лелекања и самобендисаности, но имаше и по некој збор самокритичност и троа конкретни идеи како да се дојде до малку подостоинствен економски статус на културните списанија (меѓу тие идеи имаше и мошне оригинални; на пример, до пари може да се дојде со поенергично настапување пред министерот за култура!?).

Во еден момент од тричасовната трибина тензиите беа подигнати со малата полемика меѓу двајца наши значајни писатели, полемика само зачната, околу вреднувањето на списанијата и околу односот на тн. “списанија со традиција” и оние кои настануваа(т) во поново време.

Малата расправија не беше развиена во некаква поопшта расправа за важни теми што засегаат поголеми општествени сфери (прашањето за односот меѓу традицијата и модернизацијата секогаш, во сите општества, е меѓу најважните прашања); едниот од засегнатите писатели се навреди дека бил прозван како анахрон, се надоврзаа и другите нервозни и суетни, така што вообичаено, сам од себе, во салата на Друштвото на писателите, од чадот на страсно распу(т)шените, се исцрта, помешувајќи се со лебдечките духови на живите и мртвите творци, прочуениот ликовен мотив, Коњи на поило, кој во еден миг, како облак, се преобрази во друг исто толку славен мотив од чад во народот познат под името Мала бара, многу крокодили.

Зборот е за традицијата. Џемс Џојс вели дека историјата е кошмар од кој се обидува да се разбуди. Моето мислење е на таа трага, делумно е мистичко и произлегува од веќе морничаво напластените слоеви традиција, и од исток и од запад, кои минуваат низ нас: книгите горат, но буквите летаат. Зборот е дека духот останува, дури и зад кладите на инквизиторите или нацистите кои во триесеттите години ги палеа “неподобните” книги. Тој дух треба да биде предводник во новите искушенија што заедниците и општествата ги имаат, наслушнувајќи ги старите.

На Македонија, имам впечаток, во моментов повеќе ù треба токму духовно и суштинско восприемање на благородните нешта од минатото, а не негово фетишизирање. Ни треба реална вера (на пример, дека животот во различност е можен), а не идолатрија на помпезни крстови и џамии. Ни требаат љубов и надеж, така, а не реликти и вуду куклички, за да ги забодуваме фрустрираните игли на сопствената дезориентираност. Најпосле, токму во сегашниов момент треба јасно да се предупреди на старата мудрост: жалта по минатото и стравот од утрешнината се двајца крадци кои ни ја одземаат сегашноста.

Со оглед на фактот дека низ историјата пропаднале или згаснале неспоредливо постари и пославни културни институции од нашиве релативно млади и релативно недоволно втемелени, навистина не гледам зошто до бескрај би опстојувале македонските литературни списанија во својата главно педесетгодишна традиција. Башка, сè под сонцето си бара свое место, пушта некакви жилички, го прокрвува просторот со себе, едноставно заживува низ времето. И пропаѓа, на крајот.

Но, доколку и нема потреба да се фетишизираат голите материјални нешта, дотолку постојат длабоки причини за опстојување на духот и стандардите, кои се најсуштествениот белег на општествата низ времињата. До потемелен општествен развој се доаѓа со почитување на добрите процедури и навики; во областа на законите, во областа на финансиите, во областа на лекувањето на луѓето, во областа на правењето списанија и книги, во сите области од животот.

Камо среќа новите млади уредници во новите весници и списанија, на пример, да беа наследници, наместо на черупки испразнети од значења, на високо развиени професионални стандарди; во тој случај едноставно ќе опстојуваше и ќе се развиваше каузата на професијата, а не идолатријата на логоата.

Се разбира, и процедурите и навиките се менуваат, секојдневно и често радикално. Но и тоа се прави во дослух со минатите практики, често токму како директна реакција на тие практики. Она што - делумно талкајќи - го нарекувам дух, процедури, стандарди, навики (и што произлегува од историјата, културата, образованието...), всушност се културолошките ресурси на едно општество, некаков негов рбет кој не може да се сведе само на традицијата, само на староста, само на артефактите, ниту пак само на економските перформанси. Во спојот меѓу трансцендентното (нешто секогаш нè надживува) и прагматичното (од историјата го избираме она што ни одговара) се чини дека лежи дел од вистината за односот меѓу минатото и иднината.

Впрочем, самата идеја за пошироко образование (блиска до формирањето на нациите и државите) во 19 век настанува низ парадоксалниот но комплементарен процес на паралелна сциентификација и сакрализација на културните вредности. Сциентификацијата на културните вредности е поврзана со историската свест и со идејата за естетска автономија. Сакрализацијата, пак, го означува претворањето на културното знаење во политизирани митови и предмети на верско обожување. Но, за да не бидам погрешно сфатен (сакрализацијата за која овде се зборува всушност е форма на секуларност!), ќе ја наведам дефиницијата за културата на Томас Нипердај: “Културата е секуларен и рефлексивен систем од толкувања кој не е врзан со наследената недвосмисленост на религијата ниту со очевидноста на традиционалните насоки; културата не е фиксирана и зададена, туку е процес”.

Значи, не зборувам само за тоа дали треба да исчезнат старите списанија за литература кои одамна ги загубија сета страст и живот. Не зборувам ни само за Нова Македонија, МРТВ, старите и новите загубари, разните други институции кои сè помалку ја хранат смислата на сопственото постоење. Зборувам за цел еден општествен модел зад нас, кој бавно и претпазливо го напуштаме, всушност за целата низа искуства, што нè сочинува, и која оди во бескрај, се разбира.

Бродот ни е бавен и затоа што наликува на санта мраз: свесни сме само за една дванаестина од парчето на кое стоиме; сето друго е скриено во непрегледната вода.