Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


27

ЗА ГРАДОТ И МОСТОТ

25.11.2002

 

Според историчарите, во Европа не постои историски град чие создавање и развој не се во знакот на интеркултурализмот, град кој не е мешавина на цивилизации и етницитети. Уште Аристотел укажува дека разновидноста е основна одлика на градот.

Макс Вебер покажува дека - како последица на исчезнувањето или потиснувањето на крвните врски, табуата и магиите - градот станува конфедерација од поединечни граѓани чијашто општествена положба зависи само од структурните чинители и од личните особини. Граѓанскиот слој е носителот на процесот на рационализацијата, а тоа значи на модернизацијата и демократизацијата.

Според Хабермас, “Градот” не е само во економска смисла животен центар на граѓанското општество; во својата културнополитичка спротиставеност спрема “кралскиот двор” тој пред с$ ја означува раната литературна јавност која своите институции ги наоѓа во англиските кафеани (цоффее-хоусес), во француските салони (салонс) и во германските кафеански друштва (Тисцхгеселлсхафтен).

Во текстот “Ерусалим и Атина” Лео Штраус укажува на два корена и две насоки во развојот на Европа и Запад. Ерусалим е извор на Библијата, на религијата, на пасторалното. Атина е филозофија, политика, полис, граѓанско. Таа речиси архетипска напнатост помеѓу селото и градот, пасторалното и урбаното, религијата и филозофијата, традиционалното и модерното, на Запад, може да се каже, главно е разрешена во корист на граѓанското. Граѓанството, урбанитетот и цивилизираноста, според Вебер, се клучни за настанувањето на Западот.

Ете, нафрлувам само неколку општи места од историјата на градот, за да укажам на важноста на цивилизацискиот феномен што нам ни се случува повеќе како стихија отколку како развој. Ќе се задржам само на еден од симболите на пропаѓањето на нашата граѓанска култура, Камениот мост. Таа отворена рана во центарот на Скопје стана една од големите бламажи на македонската политика, но и една на најголемите бламажи на севкупната наша способност да организираме цивилизиран живот. Повеќе или помалку ги знаеме одговорните (некои од нив, како Васил Иљов, се и кривично одговорни), се знаат и многуте посредни и непосредни виновници, објективните и субјективните причини зошто е доведен во таква состојба (и тоа трае ли трае...) еден од главните симболи на градот и државата, архитектонската творба која нема само огромна симболичка и културна вредност туку има и големо функционално и урбанистичко значење. Дотолку повеќе е несфатливо како е можно речиси цела деценија мостот да се одржува во полуупотреблива и полураспадната состојба и да стане токму речит знак за тивкото пропаѓање на државата изразено преку прекинатите или деградираните комуникациски линии, не само етнички, не само културолошки.

Во некоја идна историја на оваа земја (која доаѓа извонредно брзо, која веќе се испишува, затоа што и светската историја добива забрзување) како фарса ќе биде означен периодот на тн. реконструкција на камениот мост. Идниот историчар кој лови суптилни знаци на надоаѓачкиот процут или распад нема да ја пропушти знаковитоста на подрастурениот мост во времето кога некои се обидуваа да ги подрастурат и другите темели на заедничката држава. Во крајна линија, идниот историчар ќе има совршено легитимно право да стави знак равенство помеѓу неспособноста на кратковидите од типот на градоначалникот Ристо Пенов и бруталните и задкулисни растурачи на државава кои повлекуваа крвави граници и лицитираа територии. Не е никаква утеха што Пенов тоа го правел од наивност; ако веќе се фатил во орото, ако ја прифатил одговорноста да биде градоначалник на главен град на една држава, богами би морал да знае, ако ништо друго, да ги лоцира приоритетите и да ја прочита малку подлабоката симболика на градот. Пенов не успеа да смогне сили да се добере до одговорноста и затоа се вреди меѓу најголемите виновници за општата деградација (пред с$ духовна и морална, која нормално реперкурира и со материјалната деградација). Воопшто не е утешен фактот што Пенов е само дел од овдешната ниска урбана свест, и од тој аспект, се разбира, тој е само затекнат во хаосот, како и повеќето граѓани.

Ако значењето на симболите во политиката го сфати еден токму пасторален, сомнително религиозен и прилично второкласен политичар (второкласен во смисла на некои европски стандарди), руралниот Љубчо Георгиевски, градејќи цркви и крстови наоколу и вложувајќи пари во церемонијалните аспекти на културата, дотолку повеќе е несфатлива индолентноста на Пенов и на дузината кобајаги градски фаци што беа набутани и допрва ќе се набутуваат во власта, и локална и државна. И по тоа идниот историчар ќе го регистрира ова време: Љубчо Георгиевски (и тоа градејќи еден бесмислен, грд и мегаломански крст над Скопје!) ги учеше шлифуваните државотворни Македонци што значат симболите! Народниот театар не е само театар! Градскиот стадион не е само стадион! Па, добога, ова е паметта од 19-иот век, која во современата архитектура добива фасцинантни надополненија насекаде низ светот!

Нејсе. Пенов, комплет со виновниците за девастираноста на државата помеѓу 1993 и 1998 година, одново има шанса. И таа шанса дефинитивно веќе не смее да се прокоцка затоа што влогот не е само судбината на централно-левите партии туку целокупната мошне издишана надеж на граѓаните. А шансата ќе се искористи само ако Скопје одново радикално се отвори за странскиот ум, како што се отвораше по Втората светска војна или по земјотресот. Се чини дека нашите планери и нашите архитекти не се дораснати да го решаваат проблемот на центарот на Скопје. Се чини дека градот - поради своите нараснати функции, државни, сообраќајни, симболички... - како да ја надраснува провинцијалноста на затечените што треба да се грижат за неговата иднина. Ако веќе државната политика ни ја водат разноразни емисари и олеснувачи, зошто директорот на МНТ или архитектот кој конечно ќе понуди соодветна визија за центарот на главниот град да не бидат странци?! Големите светски градови се натпреваруваат во трката по најголемите архитекти! Истиот натпревар владее и во сферата на културата, и во сите други општествени сфери. Разбивањето на лажната умисленост на овдешните вечни фаци од културата или науката треба да биде еден од императивите на новата политика.