Глигор
Стојковски, уредникот на “Култура”, сосема непромислено, неупатено и
без доволно видливи мотиви застанува во одбрана на Комисијата за
издаваштво која неодамна донесе скандалозни одлуки за финансирање
книги од страна на државата во тековнава година. Или Стојковски има
скриени мотиви или има некаква мува на капата или одново проработува
стариот клиентелистички концепт во кој Стојковски се снаоѓа како
жаба во мочуриште, со оглед на неговото долгогодишно искуство на
“културно” мешетарење.
Но, да го баталиме за момент агилниот бранител на ликот и делото (на
секој кој во моментната констелација на сили е појакиот, односно го
отвора патот кон парите), и да се вратиме на суштината.
Значи, постојат две главни причини зошто се нерегуларни резултатите
од конкурсот за издаваштво (во рамките на годишната програма за
остварување национален интерес во културата во 2004 година):
1. Конкурсот е распишан според едни критериуми (оние на во меѓувреме
разрешената Катица Ќулафкова), а одлуките се носени според други
критериуми, донесени “ад хок” (како што самиот признава актуелниот
назначен арбитар, Венко Андоновски);
2. Ад хок склепаните критериуми според кои се решавало кои книги ќе
добијат даночни пари а кои не - не соодветствуваат на стратегиската
културна политика на Р. Македонија, донесена неодамна од страна на
Министерството за култура во Националната програма за култура за
2004-2008 (на пример, една од важните цели на Националната програма
за култура е и развивањето културна размена со светот).
Лично, сепак, вон овие пресудни формални причини за невалидноста на
резултатите на конкурсот за издаваштво, сметам дека најпоразителниот
резултат на овој конкурс е застрашувачката провинцијализација во
која актуелните арбитри го буткаат македонското издаваштво и целата
наша култура. Веројатно прв пат во овие шеесет години печатење книги
на македонски се случува државата да одбие да финансира преводна
литература: сите книги кои во 2004 г. ќе добијат даночни пари се од
македонски автори, фино етнички пребројани на Македонци и Албанци. (Додуша,
во вториот круг на финансирање, во соработка со ФИООМ, ќе бидат
поддржани и неколку преводи на исклучиво теориска литература.)
Затоа сметам дека резултатите на конкурсот за издаваштво се срамни и
скандалозни и дека претставуваат голем чекор назад во ионака
загрижувачки бавното напредување на македонското издаваштво.
Тоа е, значи, јасно, гласно и кратко, мојата оценка за конкурсот за
издаваштво (уште пократко, во пет реда, изречена во “Дневник”), при
што на ниеден начин не е тангирана “Култура”, а уште помалку нагло
истрчаниот во одбрана на тековните моќници - Глигор Стојковски.
Но кога веќе Стојковски дрско ги навредува маргина-лните издавачи (додуша
малку брборливо бидејќи тешко се артикулираат смислени зборови со
каишот во заби), тогаш сепак да му објасниме на бранителот: улогата
на “маргиналецот” секогаш била пар екселанс улога токму на човекот
од културата, на интелектуалецот, на уметникот. Уметноста секогаш,
самата по себе, и тоа е една од нејзините најважни суштини, била на
општествените рабови и нудела некои сосема поинакви,
неконвенционални и неконформистички светогледи. Затоа нашето
списание (со кое Стојковски бесрамно се подбива) се вика “Маргина” и
затоа, еве речиси 15 години, и како издавачка куќа, безрезервно го
чекориме патот на таквото сфаќање на културата и уметноста (Маргина
деновиве слави десетгодишнина).
За жал, господинот Стојковски, еден од клучните гробари на
македонскиот културен журнализам, е сосема на другата страна; за
него културата е подаништво, сплеткарење, провинцијализам и
клиентелизам, и тој тоа го докажува во континуитет, и кога работеше
како уредник на култура во “Нова Македонија” и денес кога работи во
“Култура”.
Значи, токму тоа - сосема различното сфаќање на улогата на културата,
комплет со литературата - е она што длабоко нè разликува, нас “маргиналците”,
од вас “од главната струја”, комплет со Венко Андоновски, комплет со
сите ваши министри, директори, уредници, писатели, комунистички и
капиталистички газди...
Се разбира дека сум ироничен, господине Стојковски, кога ве ставам
во “главната струја”. Вие не бевте главна линија дури и кога бевте
единствениот културен арбитар во земјава; слуга, апартчик и човек
кој апсолутно нема чувство за современиот свет и современата
уметност - може да биде “главна струја” само ако самиот си се
прогласи, што вие, без вкус, срам и перде, и си го правите (патем
беспотребно, непромислено и неупатено мавтајќи по нас, “маргиналците”).
Ако вие навистина имате угледно место во нашата јавност (за разлика
од нас, боранијата), и покрај сите стравотни хипотеки што ги имате и
од позиција на од небо паднат уредник во издавачка куќа во која
државата изминативе 50 години фрлила пар десетина милиони евра (десет
вработени, велите, имате?!, после 50 години цицање?!) - тогаш фала
му на бога што сум на рабовите. Што не значи дека и од таму нема да
се борам со вас и вам сличните, затоа што за културната беда во која
живееме еден од најголемите виновници сте токму вие, заедно со
разноразните комисии што со години веќе тешко стекнатите даночни
пари ги арчат во кругот на клиентите и пулените.
Но, со вас во оваа пригода повеќе не сакам да се занимавам,
господине Стојковски; со овие непромислени излетувања вие станувате
интерна грижа за вашите газди. Велам, станувате грижа затоа што,
како што слушам по некои делови од јавноста, и лева и десна, и од
многубројните луѓе што секојдневно доаѓаат во културниот центар
Точка (вие ли спомнувавте некаква јавност?!), времето на Милош
Линдро и Младен Србиновски (за кое ние издавачите мислевме дека е
чума и невиден примитивизам) во културна смисла наликува на идила,
широчина и космополитизам во однос на сегашново време на Венко
Андоновски и неговите бранители. Ете затоа, господине Стојковски,
затоа што не мислите доволно, затоа што првото што ве води е
клиентелистичкиот рефлекс и себичните интереси, и затоа што браните
нешто што поради својата глупост не може да се брани - во моментов
за вас треба да се погрижат вашите газди.
За другите важни прашања, за културната политика на оваа земја, за
стратегиите во издаваштвото, за начините како најумно и најефикасно
да се употребат, во долгорочна смисла, малите даночни пари - во
секое време сум подготвен за разговор.
Никола Гелевски, уредник на книгоиздателството Темплум
|