Медиумите целосно нè
напаѓаат. Тие проникнуваат толку длабоко со нивните лични,
политички, економски, естетски, психолошки, морални, етички и
социјални последици што ниту еден дел од нас не останува недопрен,
природен, непроменет. Медиумот е порака. Разбирањето на
општествените и културните промени е невозможно без познавање на
начините според кои функционираат медиумите како целосно
опкружување.
(Маршал Меклуан) |
Текстовите во
книгава беа објавувани во двонеделникот Форум од крајот на 1997
година до средината на 2001-та. Станува збор за 85 (т.е. 86)
текстови што беа поместени во рубриката Светулки и Мракови.
Зошто ги публикуваме уште еднаш, речиси пет години по објавувањето
на првиот од серијата, и година и пол по последниот текст отпечатен
во двонеделникот?
Постојат повеќе причини. Ми се чини дека главната е да се обрне
дополнително внимание на една занемарена сфера: медиумите. Иако
исказот делува парадоксално, дека е занемарено она што ни продира и
под ќебињата и во сништата (опседнатоста со медиумската презентација
на стварноста), сепак мислам дека во еден посуштински аналитички
поглед промислувањето на медиумите кај нас навистина е во некаква
почетна фаза. Особено во споредба со светските искуства во оваа
сфера; изминативе неколку децении - а сè позабрзано последниве
години - се објавуваат купишта книги кои можат да се подведат под
корисниот збор што го смисли Режис Дебре: медиологија.
Медиологијата се обидува да се воспостави во недефинираниот простор
помеѓу потценетата техника и преценетата политика. Како што вели
Дебре, иако политичката власт нема пресудно влијание врз работите
(туку само ги насочува придружните последици од техничката
еволуција) таа и понатаму ги опчинува луѓето, пред сè затоа што тој
вид дејствување неспоредливо посилно ги мобилизира афектите и
емоциите. А бидејќи емотивното е поисплативо од оперативното,
залудната страст по власта со помош на медиумите го опседнува
јавното мнение.
Текстовите во оваа книга настануваа токму во просторот меѓу
журналистичкото и теориското, меѓу разумот и емоциите, меѓу
политиката и техниката, меѓу медиумите и идеологијата сфатена како
преовладувачка културна практика. Тие главно кружат околу
„медиолошките прашања”: дали се намалуваат или зголемуваат нашите
заблуди? Дали воопшто постојат критериуми за веродостојно
просудување на телевизијата? До каде оди степенот со кој (се)
манипулираат и инструментализираат медиумите? На што воопшто можеме
да се потпреме? Итн.
Втората важна причина зошто решив во една книга да ги соберам
колумните од рубриката Светулки и Мракови исто така е поврзана со
идеолошкото и политичкото. Една од клучните задачи на јавното
дејствување и на интелектуалната активност, па и еден од најважните
принципи за функционирање на која било држава или заедница - е
императивот да се помни и да се споредува. Повеќето од личностите
што ги спомнував со име и презиме континуирано се присутни на
јавната сцена во Македонија, но многумина од нив ги менуваа(т) како
гаќи своите политички принципи и својот прокламиран светоглед. На
пример, токму овде поместените колумни сведочат дека во поглед на
инструментализацијата на гласилата не постоеше голема разлика меѓу
двата режими што владееја со земјава во последните два изборни
циклуси.
Значи, и како ментална хигиена и вежби од паметење треба да послужат
собраниве текстови. Како што вели Режис Дебре: „Симболичките
производи на општеството во даден момент не можат да се објаснат
независно од технологиите на помнење што ги користиме во истиот
даден момент. Тоа значи дека динамиката на мислите не е одвоива од
физиката на трагите.”
Третата причина за обединувањето на оваа збирка колумни може да биде
лична и пак е комлементарна со претходно наведеното. Една кинеска
пословица вели: „И најдоброто паметење е послабо од најбледото
мастило”. Во бурните времиња што нè навјасаа до толкава мера што
почнавме да ги губиме критериумите за работите што ни се случуваат
архивирањето и сортирањето на нештата што сме ги работеле помага и
за лична подобра ориентација, во секоја смисла: морална, естетска,
политичка.
Оттаму, ставањето лична црта под пишувањето во одреден временски
период исто така ми беше снажен поттик за излегување на книгава.
Текстовите, се разбира, не ги преуредував, освен во минимална
техничка и лекторска смисла. Доколку тие во детаљи не одговараат на
објавените во Форум, тоа е затоа што претрпеле горе-долу
незначителни скратувања или лекторски интервенции од страна на
уредниците во двонеделникот.
Ми се виде интересно редоследот на текстовите да биде од 2001-та кон
1997-та, а не по „природниот” хронолошки пат. Затоа книгата почнува
со текстот број 85, а завршува со текстот број 1. Последните
Светулки... ги напишав кон крајот на мај 2001-та, кога веќе се
назираше дека оружените судири во Македонија добиваат на интензитет.
На крајот од секој текст во книгава ставен е и датумот на неговото
прво објавување.
Скопје, 20. 09.
2002. |