Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 00        # 02
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


01

МАЛА РЕКАПИТУЛАЦИЈА - 1997

03.01.1998


Зарем маните на техно-утопистите и горчината на технократите не произлегуваат, на крајот на краиштата, од преценувањето на медиумот и потценувањето на опкружувањето?

Режис Дебре

Оваа рубрика пред сè ќе се занимава со критика на телевизиската програма, но ќе се обиде, повремено, да биде и критика на медиумите воопшто. Бидејќи кај нас речиси и не постои областа наречена Теорија на медиуми, понекогаш ќе се обидувам и низ тој „теориски” ракурс да ги доловувам прилично компликуваните односи во медиумската сфера не само кај нас туку и пошироко. Во светот литературата за оваа сфера (од Режис Дебре наречена „Медиологија”) расте со геометриска прогресија, така што некакви копчи со поширокиот контекст се повеќе од неопходни.

Од друга страна, се разбира, ќе се обидам да не го потценам нашиот општествен контекст, нашето “опкружување”, низ чијашто светлина (или темнина) всушност и ја исчитуваме специфичната медиумска слика.

Што се однесува до непосредната ТВ-критика, светулки ќе бидат: подготвеноста, компетентноста, шармот, хуморот, добриот изглед, течниот и богат јазик, снаодливоста, ефикасноста, критичноста... на сите оние што учествуваат во ТВ програмата.

Мракови ќе бидат спротивните нешта: неподготвеноста, фразерството, ограничениот вокабулар, непочитувањето на гостите и времето, лошиот изглед, импровизациите, манипулирањето со јавноста, политичката некоректност...

На пример, во една спортска емисија на МТВ, пред неколку недели, кошаркарскиот тренер Лазар Лечиќ рече дека „кошарката не е цигански спорт”; башка што тренерот и инаку ја злоупотреби емисијата - што секогаш е и голема одговорност на водителот, во случајов Атанас Костовски - таквата изјава е типично „политички некоректна”, па дури и повеќе од тоа (расистичка), но, за жал, неретка во нашите медиуми кои многу често се потпираат врз изградени стереотипи и предрасуди наместо да ги разбиваат со професионално подготвени информации и со просто вградените демократски рефлекси - кои се под а) кога станува збор за функциите на медиумите.

Од време на време ќе ги проценуваме и техничките работи: како се снимени емисиите, како се монтирани, сценографијата, звукот, светлото итн., нешта без кои не може да се замисли модерна телевизиска програма, но кои сосема се запоставени пред говорните содржини што доминираат низ ТВ програмата.

***

Наместо детаљи („крупни планови”) за ова прво претставување одбравме една панорамски широка рамка која ќе се обиде во груби црти да направи мала согледба на тепозначајни програмски теченија во изминатава година.

Во фокусот на нашиот интерес претежно ќе биде работата на четирите наши малку попрофесионални и програмски попрофилирани ТВ-куќи: МТВ, А1, Сител и Телма.

Во МТВ, после повеќегодишната „криза” (која всушност стана нормална состојба за таа гломазна куќа на која, сè повеќе станува јасно, ù требаат коренити организациски реформи доколку сака да остане во конкуренција, па дури и ако државата ù ги овозможува нашите стотина марки од домаќинство годишно), сепак дувнаа некои попријатни ветрови. Дневникот, на пример, е значајно подобрен: прилозите се монтирани да бидат “побрзи” - сè уште далеку од западните стандарди, но барем покажуваат тенденција конечно да научат нешто; има неколку горе-долу компетентни водители, го имаат најдобриот спикер во Македонија, Александар Деловски, но имаат и многу сериозни слабости, посебно, на пример, во уредувањето на тн. „периферни” рубрики: живот, култура, спорт, време, кои и понатаму се стравотно здодевни; но и од тоа има полошо: дописничката мрежа од внатрешноста е гола катастрофа, но само зборува за страшната централистичка уреденост на државава. Влијателната емисија „Без наслов” повторно е на репертоарот и тоа исчистена од претходните слабости; сега делува поефикасно (без некогашните расплинувања), покомпактно и посовремено; малку изненадуваат зрелоста и сериозноста (можеби инцидентни, треба да почекаме) со кои се здобил Горан Величковски кој полека станува добар „разговорец” (има добар дијалошки „тајминг”, има чувство за јавна релевантност, има брзина и хумор, а старите грешки на неискуството - избрзаност, повремен невкус, пристрасност, дури и пар шовинистички испади - солидно ги „испеглал”) загрозувајќи ù го приматот на „прва ѕвезда” на Оливера Трајковска, која предностите на добриот изглед (фино дозиран еротизам во комбинација со остар јазик - добитничка ТВ-комбинација) понекогаш ги губи поради недоволна подготвеност за темата, па изгледа инфериорно во однос на соговорникот. Во другите програмски сегменти во МТВ главно трае истата стара и здодевна приказна, на што повеќе ќе се задржиме во друга пригода.

Телевизијата А1 веројатно ја проживеа својата најлоша година од постоењето, но сепак остана релевантна во етерот, меѓу другото и затоа што конкуренцијата не знаеше да ги искористи дадените шанси. А1 предничи во многу нешта: убедливо најдобра спортска редакција, најдобра екипа новинари што ги покриваат економијата и стопанството, најмалку (но ги има) „валкани” вести (што служат за политички игри и се готват во политички кујни). Голема слабост на А1 е лошата филмска програма за која просто не сакаме да веруваме (иако е можно, „конфекциските” филмови се поевтини од впечатливите авторски дела) дека е резултат на тоа што А1 ги почитува авторските права.

Сител успеа да се избори за своето место „под сонцето” (чудно звучи таа фраза во ова сателитско време), иако - барем во смисла на некакво продлабочување на медиумските содржини - има најлоша програма од четирите телевизии. Но веројатно не најлоша во комерцијална смисла, и тука Сител треба да се пофали: поради јасната програмска шема, прегледниот дизајн и чувството за курентност. Од друга страна, Сител е малку опасен поради упливот на вулгарност (Драган Вучиќ, Латас и слично), но кога МТВ може да емитува 150 глупизоди од Касандра може и Сител да тера популистички нискости. И уште една работа: веројатно најсвежата и најнеконвенционална емисија оваа сезона, „Балкан”, на добрите траги на некогашниот „Сабвеј” (иако технички прилично зад него) - доаѓа од Сител. „Балкан” треба да се пофали пред сè поради две работи: 1. го истражува самиот ТВ-медиум (наивно, технички сиромашно, но единствени се на сите канали што колку-толку експериментираат со изразот! Освен ако надреалистичките лудила на одредени собни телевизии намножени во етерот не се сфатат како „експеримент”); 2. „Балкан” покажува дека „југо-носталгијата” може да се тера духовито и критички, што инаку е („југо-носталгијата”) една од медиумски и психолошки поделикатните теми на целиот екс-ју простор; во недостиг од квалитетна и автентична домашна медиумска продукција и лишен од подлабоки соочувања со тоа „колективно несвесно” од минатото (каде што лежат неговите „идентификациски столбови”), народот е препуштен на највулгарна можна турбо-фолк ТВ-продукција главно од српско-венецуелска провиниенција. Емисијата „Балкан”, на некој начин, барем не мижи пред тие факти, туку на свој начин ги обработува.

Телма е најпријатното изненадување годинава: почнаа со оние мртовечки „радио” емисии од политички тип (еден план на камера трае од 30 секунди до минута, како во вестите пред 50 години или оние на ТВ Амазон). Иако тие политички дрдорења и понатаму им делуваат глуво и празно (чинам дека звукот и осветлувањето тука играат одредена улога), Телма успеа да фати ритам и за само неколку месеци да им стане речиси рамноправен соперник на поискусните ТВ-куќи. Телма има убедливо најдобра филмска програма (дали тоа се должи на „пребезите” Куновски и Османли?), фина документарна програма, вредни тематски блокови (за цртаниот филм, на пример, или Монти Пајтон вечерта), а успеваат да бидат конкурентни (и тоа на чесен начин!) во конкуренцијата на спортските преноси.

Мракови на годината

О, тука има жестока конкуренција, дури и во рамките на само една ТВ куќа! Сител, на пример, има импозантни мракови:

-Драган Павловиќ-Латас, националниот ТВ демагог број 1;

-Драган Вучиќ, слика и прилика на културното и социјално дно што народов го допре годиниве;

-Бошко Трпевски, најлошиот спортски коментатор во галаксијата, најлошиот соговорник (за него и Латас е ЦНН) и во смисла на изглед, и во смисла на вокабулар, брзина, компетентност... - со еден збор: чудо невидено.

Со легендарни пропорции на космички мрак годинава се здобија:

-Драган Симоновски, православно-христијанскиот фундаменталист од Амазон;

-Марин Бабиќ , актерот и радио-водител поради невкусните полу-пијани седенки на А1;

-МТВ исто треба да добие неколку мрака, чисто принципиелно, пред сè поради неизвршувањето на функцијата јавен сервис, а богами и поради политичкиот кукавичлак.

Малку и за неизбежниот „феномен Латас”, најсериозниот конкурент за „Мрак на годината”: инструментализиран, вулгарен, демагог до наивност (тој и „обичните луѓе”), нарцисоиден, во еден ограничен круг на гости коишто сè почесто личат на кафеанско друштво (и тоа од сомнителен тип)... - Латас сепак успева да биде гледан и да им го подига притисокот на одредени новинари-марионети од големите јавни куќи (пред сè, од „Нова Македонија”) кои со години ни го продаваат истиот шмирантски „професионализам”, а сега се шокирани од својата слика во огледало! Од тој аспект, Латас заслужува дури и една-две светулки, внесувајќи енергија и борбеност во досега тивкиот (ко најмен убиец) и бирократски жанр на „нарачано новинарство”.

Светулки на годината

-Новите дневници на МТВ (додуша, старите паднаа на толку ниско ниво што целата куќа ризикуваше потполна деградација);

-Рубриката „Економија” (уредник: Герман Филков) во рамките на вестите на А1;

-Емисијата „Балкан” (автор: Логин Кочишки) на Сител;

-Билјана Стојчевска; ново и конечно свежо лице во културната програма на МТВ, неодамна направи одличен прилог за самиот ТВ медиум; за жал ниту таа не успева позначајно да го подигне ниското ниво на емисиите од „културата”;

-Краткиот филм “Часовник” на Игор Иванов заслужува пофалби и поради својот изгланцан изглед (нарацијата вака-така, баш ме интересира дали таму може да се исчепка некаква приказна), но пред сè затоа што беше работен во професионални услови на коишто како да се одвикнавме;

-Александар Деловски, најсимпатична (а доаѓа од МТВ!) и едновремено високо професионална фаца во етерот;

-Лазар Темелковски (А1), заедно со Деловски, најмаркантиот спикер во Македонија;

-Љубомир Николовски, спортскиот коментатор на А1, посебно поради неговите НБА-преноси и неверојатната вештина да остане професионално чист среде лавините ѓубре што се слеваат низ „падините” на македонскиот спорт затрупувајќи сè живо;

-Појавувањето на Телма телевизија.