02
ОДНАДВОР СЈАЕ, ОДНАТРЕ МРАК
17.01.1998
Со помош на околината се храни и расте медиумот, при што тој може но
не мора да искажува барања. Недвосмислено, би можеле врз првата
рачна преса и длабокиот печат да ја примениме забелешката што David
Landes ја примени за механичкиот часовник: “Часовникот не ја
придвижи желбата да се мери времето; туку таа желба водеше кон
изумување на часовникот.”
Режис Дебре
Токму во јануари пред 70 години (1928 година), во лабораторијата на
„Џенерал електрик” во Њујорк беше создадена телевизијата. Тогаш
шведскиот пронаоѓач Ернст Александерсон го испроба својот нов изум:
екранот на којшто се гледал неговиот колега кој најпрвин ги симнува
наочарите, а потоа прави крукчиња од чад. Со тоа Александерсон
дефинитивно го претркал својот конкурент, Шкотланѓанецот Џон Бард
кој го комбинирал радиото со еден механички уред за пренос на слика.
Американското списание „Лајф” овој настан го смета за еден од 25-те
најзначајни настани во целиот милениум што изминува, но има и еден
зајадлив коментар; имено, и покрај тоа што телевизорот денес е
стандардно „огниште” во речиси секое семејство на планетата, ретки
се емисиите кои по квалитет ја надминуваат онаа првата од 1928
година.
Човек се осведочува за тоа посебно во време на новогодишните
празници, кога ионака лошата стандардна програма се заменува со
„парадата од пијанство и кич” наречена новогодишна ТВ-програма.
Всушност, и не е проблемот во „пијанството и кичот” туку токму во
сервирањето медиокритетски содржини кои се обидуваат да задоволат
секого, а главно не задоволуваат никого.
Тука и лежи вистинската и длабока разлика, барем кај нас - што и да
мисли фамозниот Бодријар - помеѓу стварноста и телевизијата: тој
автентичен, архаичен но доволно жив и снажен порив за
карневализација, обред, ритуал и „потполно откачување” (што нè
обзема во деновите календарски наменети за откачување, што токму ги
минуваме) низ филтерот што ни ја посредува стварноста, телевизијата,
омлитавува до ниво на јаловост и безличност, кога секој „медиумски
работник” гледа нешто набрзинка да изтезгари па да збрише дома, „во
реалноста”, за барем тие неколку дена да здивне од својата бездушна
работа на „произведувач на стварност”.
Иако, кога ќе размисли човек, дали оргијастичката потреба шифрирана
некаде во нашите гени воопшто веќе излегува надвор од нас, па дури и
ако тоа „понадворешнување” на поривот го „емитуваме” спрема
телевизијата? Не ли почнавме да ги фалсификуваме дури и сопствените
подлабоки пориви, нели се втопивме во општото фолирање поттикнато од
некоја полумртва колективистичка инерција? Дали и таа состојба може
да се подведе под значењето на зборот симулакрум? Дали сепак
Бодријар има право? Дали всушност насекаде станува збор за симулации
(на карневал, оргии, „откаченост”) и дали телевизијата, во крајна
линија, сепак си останува на својот трон на господар и „создавач на
стварноста”?
Во крајна линија, би рекол, тоа е индивидуален проблем. Од нас
самите зависи дали сакаме да бидеме „консументи на стварноста” или
нејзини „произведувачи”, дали глупаво ќе се кезиме и веселиме и кога
искрено не ни е до тоа, или пак ќе си пронајдеме модел на
пријатност, па колку и тивок и скромен да е. Дали тоа ќе биде читање
книга, посетување пријатели, лекување од мамурлак или сурфирање по
ТВ-канали - право нека ви биде, да си изберете.
П.С. А светулките и мраковите? Па, обележувањето на новата година
всушност е една толку голема светулка што во неа комотно си е
разбашкарен еден китовски голем мрак. Принцип сличен на руските
куклички збутани едни во други, или дури принцип на самиот
телевизор: свети, а однатре мрак!
|