03
ИМЕТО Е СОДРЖИНА!
31.01.1998
„Културно-уметничките” емисии се приказна за себе. Наместо тие да
бидат полигон за испитување на нов медиумски израз, тие се еден од
најзакоравените телевизиски сегменти. Пример за ова е емисијата
„Скен-култ” (инаку многу несреќна со кумовите; првото нејзино име
„Аквариум” соодветно се надоврзуваше на декоративната употреба на
телевизорите од пионерските првобитни времиња: миљенце, обоен филтер
за црно-белиот телевизор да го претворите во „колор”, гондолиер па и
аквариум врз телевизорот...; новото име, „Скен-култ”, е таква
несмасна бесмислица што не вреди ни да се коментира); таа емисија -
задржувајќи го стариот дух во новото име - токму го негува тој
малограѓански, укочен и снобовски светоглед за кого што уметноста е
синонимна со гоблени (гондолиери, аквариуми...), вештачки насмевки,
кичерајски „класичен” мебел, а пред сè е, онака, церемонијална,
арбитрарна и „државотворна”. Но, се разбира дека тука не може да
стане збор за некакво сериозно форсирање на високи културни содржини
(па, да речеме, и во смисла на „висока национална култура”) бидејќи
хендикепот на таа емисија почнува и се содржи веќе во името!
(читајте ги Витгенштајн и Дерида! Името е знак и содржина!)
Замислете ситуација (а нема потреба ни да замислувате, се случувало)
некој од она недоучено множество лектори (за кои умно приспомнува
писателот Мето Јовановски) токму во рамките на една емисија која се
вика „Скен култ” (бррр!) да зборува, на пример, за преголемото
присуство на латиницата или англицизмите во јавниот живот?! Или,
како може сериозно да се разговара со новинар кој во снимена најава
во рок од пет минути барем пет пати ја споменува проклетата божица
Талија?! И сè во тој стил: недоучено, кичерски, со вокабулар
пренесен од тетратки со писмени вежби на основци (накитено, со
предвидливи стилски фигури, со десет стереотипи во три реченици,
нешто налик на „поезијата” во уште една „бисер” емисија на МТВ -
„Семејна палета”).
Накусо, „Скен култ” има застарен телевизиски концепт, многу лоша
опаковка и, главно, некомпетентни (освен за фрази) водител(к)и.
Се разбира дека одговорен виновник е уредникот на емисијата,
Евгенија Теодосиевска, но кога веќе ја споменуваме, да речеме и
нешто позитивно за неа; имено (збор што таа го користи најмалку
десетина пати на емисија!), Теодосиевска минатата година направи
сјајни интервјуа со двајца уметници кои гостуваа во Скопје, а се
светски ѕвезди: Тони Крег и Марина Абрамовиќ. Поради тоа ù
доделуваме неколку задоцнети светулки (а и да покажеме дека
телевизиската содржина, слично како театарот или весниците, сепак не
испарува истиот момент кога е консумирана!).
Следната емисија на која обрнуваме внимание оди на Сител, исто така
има глупаво и претенциозно име, „Арс модус”, слично е кукавичка и
зихерашка во концепцијата (момчето што ја води агилно трчка по
пресовите на мртовечкото културно друштво, давајќи ни да ги голтаме
кантински бедните дневни хроничарски културни порции). Сепак, поради
скромноста (некој би рекол: безличноста) на оваа емисија ù даваме
еден мрак помалку од Скен-култ.
Втората „културна” емисија на Сител, „Мала сцена и височина”
(најдобро име од наброениве, па соодветно и содржина!) има јасна
концепција, новинарски е актуелна, водителката (и авторка: Мимоза
Ангеловска) е солидно жива и автентична, иако изборот на гостите
често е направен според дневните „фрки”, без притоа добро да се
процени телевизиската и „културна” релевантност на гостинот (просто
не можам да не ставам наводници околу зборот „култура”; ќе ми
простите, но чинам дека по сето она што се случуваше со уметноста -
пошироко: „културата” - во дваесеттиот век, наводниците се повеќе од
неопходни). Значи, една светулка за „Мала сцена и височина”, не
толку затоа што емисијата е добра (често е рутинска и здодевна и
премногу зависи од расположението на гостинот), колку што не е
затапувачки очајна.
„Везилка” на Телма има контра-име во однос на „латинскиве”. Но и тоа
име баш не блика од луцидност, асоцијациите се слични како за
Аквариум, културата сфатена како работа на мравки, декоративна, во
крајна линија, фолклорна. Но, да не грешиме душа, барем на скалата
на имиња, ако Скен-култ има четири (ма, пет!) мракови (за името)
тогаш за „Везилка” две светулки.
„Везилка” и во содржинска смисла заслужува една-две светулки: барем
се назира некаква концепција, некаков израз, иако фразерството,
конвенционалноста и воопшто крајно нетеливизичната статичност, се
особини и на оваа емисија. Кога на тоа ќе се надоврзе нискиот
технички квалитет на „Везилка” (и воопшто на „Телма”) дискутабилна
станува и едната светулка, која сепак е заслужена, во однос на
конкуренцијата.
На А1 „Култура” ни немаат. Тие тераат бизнис. Како впрочем и
поголемиот дел од населението. Затоа бизнисот и ни е таков каков што
ни е: никаков.
|