04
РЕКЛАМИ
13.02.1998
Сакате реклами? Ги сакале или не - тие се тука: неизбежни и со мошне
значајно општествено влијание, дури и кога се неспретни, технолошки
заостанати и нефокусирани кон целна публика, какви што се повеќето
македонски реклами.
Во светот, инаку, тие стануваат медиум за себе околу кој се вртат
неверојатни пари (буџетите за спот од 30 секунди почнаа да ја
надминуваат сумата од еден милион долари!); дури и од аспект на
уметноста (она што го навести Ворхол) рекламите стануваат сè
поинтересни: многу важни уметнички имиња учествуваат при изработката
на рекламни спотови, создавајќи мали уметнички дела (кампањата за
вотката „Апсолут”, на пример, ангажираше десетици светски најпознати
ликовни уметници; стариот Фелини исто така правеше реклами, а и
некои други големи филмски режисери).
Еве еден пример што секојдневно го гледаме: рекламата за „мирисот
што ги блокира женските мисли”; технички е брилијантна
(сценографија, звук, светло, монтажа, генијални детаљи како капката
мастило), со духовито, заокружено и поентирачко дејствие и со
извонредна (во смисла на голема идентификациска енергија насочена
кон гледачите) актерска поделба: главен „дечко”, две прекрасни (но
различни, класно и естетски!) девојки и еден ропак што го повикува
намирисаниот шизик на телефон. Ремек-дело.
Се разбира дека овдешните продукциски услови ни оддалеку не
овозможуваат таков перфекционизам, но за солидна реклама честопати е
доволна само добра идеја или јак слоган. Кај нас еден прашок за
перење направи снажен продор во „колективната општествена свест” со
само само две сјајно избрани реченици: „Продолжете да се смеете,
господине” и „Дали тоа е вашето дете, госпоѓо?” Одлична беше и
рекламата (кога сме веќе кај моќта на слоганите) за супа: „Да не се
расправаме, јадете супа” (важен елемент на таа реклама е
сугестивниот спикерски глас, што е, исто, многу важно при
испраќањето пораки).
Не е ништо ново ако и во оваа прилика истакнеме дека убедливо и
неприкосновено најдобра маркетиншка кампања (чија круна се
ТВ-спотовите) кај нас има Скопска пивара. За жал, како и повеќето
подобри маркетиншки производи, и оваа рекламна стратегија се готви
кај нашиот северен сосед, кој барем на овој план е најмалку 10
години пред нас (и во смисла на технички потенцијали, а пред сè во
смисла на креативен кадар и агенции). Во годината на изборите - со
реална закана да се одлеат милиони долари за маркетиншки кампањи -
не е лошо да потсетиме на овој факт, белки овдешниве прилично
неспособни за поизразити креативни дострели адвертајзинг фирмички ќе
пронајдат начин (здружување, купување на млади и паметни итн.) да им
станат конкурентни на во моментов супериорните Срби.
Дека бавно и малкуцка работите сепак се придвижуваат и кај нас,
постојат одредени знаци (ТВ-спотот за ова списание, на пример!
Технички прилично елементарен, речиси во форма на новински оглас,
тој сепак зборува за еден веќе препознатлив креативен ракопис на
неговите автори, кој допрва - и во подобри продукциски услови -
треба да се развива). Одредена свежина и доза на автентичност во
правењето на ТВ-спотови внесе и неизбежната екипа на К-15, но многу
брзо сето тоа се претвори во бедна тезга ослободена од хумор и
памет.
На крајот да ги споменеме и рекламните џинглови на телевизиите
(знаете, она кратко спотче што најавува блок реклами); А1 има (а нов
е!) грозоморен џингл со посебно иритирачки звук (бам-бум-трас!);
Телма има нешто слично, со технички квалитет на слика блиску до
катастрофа; МТВ - коректен џингл, иако технички и колористички (онаа
светло сина боја) делува малку наивно (ко за детска емисија) и
надминато; Сител го оценуваме највисоко: префинет, дискретен џингл,
со добар звук, со добар фонт (исто така важен елемент: изборот на
букви за „каирон”; тука МТВ се тотални дилетанти!).
|