Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 04        # 06
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


05

„ЅВЕЗДИ” И ИСКЛУЧЕН ТОН

27.02.1998


Деновиве, како вистинска медиумска фурија, протатни Игор Џамбазов, оставајќи (ѕвездена!?) прашина како зад себе така, дури, и зад исклучените „мраковити” телевизори (кои се инаку наши галаксии, така ли). А тогаш кога ви продираат и во мрак, „на суво”, дефинитивно е јасно дека сте станале благо зацопан медиумски зависник, фан, речиси. Во тн. цивилизирани земји тоа е само предигра за понатамошна снажна пенетрација од економски тип, кога само рутински се присобираат парите што ги множат во индустријата за забава конструираните „ѕвезди”.

Всушност, можеби и не е важно она што се наметнува како тема во врска со падовите и узлетите на фамозниот Џамбазов, прашањата од типот: колку долго трае „светулкавоста” на фаците, прашинестата „ѕвезденост” на најекспонираните во етерот. Важно е системот да функционира, постојано да произведува нови и повисоки стандарди, и пред сè да се држи до професионалните норми („ѕвездата”, на пример, подразбира, добра сценографија, совршени технички услови, педантно испланирана режија...). А сето тоа на нашите телевизии главно го нема (погледнете само како тажно и ислужено делуваат здебелените типчиња од „Шоуто мора да продолжи”, една од емисиите, на пример, која би требало да биде значајна верига во еден медиумски систем на произведување и оддржување ѕвезди).

Сево ова, се разбира, не значи дека и на нашите телевизии нема „ѕвездени просјајувања”. Впрочем, и Игор Џамбазов е пример за тоа. Факт е, тој постави одредени стандарди во ТВ-водителството кои кај нас во моментов ретко кој може да ги загрози. Духовит е, брз, глаголив, медиумски ишлифуван, со солиден телевизиски изглед и со јако чувство за настан и сцена. Од друга страна, му се случува да биде фриволен, банален во изборот на гостите, наивен... што сè веројатно спаѓа во описот на задачата; телевизијата сепак е популистички медиум од прв ред.

Зборот е дека господинот Џамбазов - паметно и фала му на бога што барем некој во земјава има малку поинтелигентна стратегија - тргнува во експлоатација на својата медиумска харизма, притоа баш и не обѕрнувајќи се на „детаљите” (што всушност ѕвезда значат!) од типот: стил на организацијата или глупост на содржините.

Проблемот не е во Игор Џамбазов туку во ниските медиумски стандарди што овде владеат. А тоа што нашата инфраструктура за поддржување на некаков „систем на ѕвезди” е таква каква што е (Универзалната сала стана симбол за универзална беда и невкус, весниците што треба да придружуваат сјај и стил изгледаат како фабрички летоци што можат да се употребат само за фишеци за леблебија), само е знак дека сè уште сме во зачетоците на формирање на индустрија за забава, инаку прилично профитибилна индустриска гранка надвор од земјава. Така што, сè што преостанува е ентузијазмот на поединци (во случајов Игор Џамбазов, малку пред тоа на екипата К-15...), нивното чувство за „бизнис” и самопромоција.

***

Да му дадете на Зоран Михајлов да коментира уметничко лизгање е како на мало крдо слонови да им дадете да го уредат ентериерот на познатата продавница за порцелан. Или: ко на господинот Мравојад да му дадете во стакло да дувне пар вазни (за потребите на порцеланската продавница, по посетата на слоновите).

За среќа, тоа го сфатија дури и во МТВ, така што нè поштедеа од понатамошни мачења.

Инаку, зимската Олимпијада, во смисла на телевизиско презентирање, помина очекувано одлично; освен технолошката супериорност на Јапонците, делумно изненадија и навистина суптилно стручно режираните настани. На што мислам? Европјаните, на пример, главно воопшто не знаат да режираат кошаркарски натпревар. Повторуваат кого не треба, инертни се со статистиката, бавни во реакциите, во измените на плановите; со еден збор - слабо ја чувствуваат (или слабо ја познаваат) играта. Финалето, пак, во хокеј на Олимпијадата беше изрежирано како англиско фудбалско дерби: минуциозно, со сите емотивни и драмски преливи, со прецизни промени на камерите (од кои некои, зад головите, подлетнуваа!), со сјајно вметнати крупни кадри... Се разбира дека сето ова успеав да го видам делумно и поради тоа што натпреварот го гледав со исклучен тон (претпоставувате зошто; коментатор: Зоран Михајлов).