06
ЗА ВКУСОТ СЕ РАСПРАВА
13.03.1998
Окото е светилка на телото.Затоа, ако окото ти биде здраво, целото
тело ќе ти биде во светлина. Но, ако окото ти е болно, целото тело
ќе биде во темнина. Ако стане темнина светлината што е во тебе,
колкава ли ќе биде темницата?
(Христ)
Францускиот социолог Пјер Бурдие во своето веќе класично дело
Distinction: A Social Critique of the Judgement of Taste
(1984) нуди
интересна и прифатлива теорија за тоа дека вкусот баш и не е толку
лична работа туку дека е општествено обликуван. Тој зависи од
образовното ниво, од општественото потекло, а служи и како еден од
главните маркери на класната припадност. Бурдие зборува за
општествената хиерархија на вкусовите, за поделбата меѓу „високата”
и „ниската” култура, за тешкотиите да се разбере поп-културата од
страна на тн. „интелектуалци” (кај нас, инаку, род во изумирање,
освен неколкуте заштитени примероци и неколкуте фосили).
Госпоѓата Дона Колар Панова, пак, во еден свој понов текст вели дека
токму „тоа е проблем и за нашата политика на знаењето: на кој начин
ние, како аналитичари на културата заинтересирани да ги сфатиме
аудиториумите, се поставуваме во однос на тие аудиториуми?” Дали со
анализирањето навистина го уништуваме задоволството од гледањето
Касандра, на пример?
Може да се постави уште едно важно прашање : колку Бурдие воопшто е
применлив во ова растурено општество? Дали кај нас навистина постои
домен кајшто се изразува и артикулира „културната хегемонија на
доминантните класи” наспроти народната евтина забава од типот на
бинго и сапунски опери?
Бурдие, на пример, вели дека хабитусот на доминантната класа се
карактеризира со големо количество културен капитал. Не сум баш
сигурен дека нашата доминантна класа во настанување поседува дури и
минимален културен капитал. Токму „постмодернистички” (во смисла
дека се измешани поп-културата и „високата” култура, маркетингот и
политиката, уметноста и идеологијата), нашево општество си го живее
својот класен и културен хаос, во кој Роли и Бранко играат фудбал, а
Латас тоа ù го соопштува на нацијата како првокласен јавен настан.
Парадоксално, тоа и е првокласна медиумска материја, но која би
требало да дејствува деградирачки разорно (пред сè токму во класна
смисла!) врз оние што се нејзина содржина, во случајов комплетната
банда. Но не! „Културната” легитимација на овдешнава „елита” токму
се состои во бахатото размавтување со соголената моќ на тупаниците,
пиштолите и парите. Сè повеќе, тој феномен (може да се нарече и
„џаровизам”) почна да се одвива не само кулоарски (што е доволно
ефикасно тектонски да ги поремети вредносните и сите други системи
во едно општество), туку и јавно, низ медиумите.
Но, пак: не е проблемот во гласилата и нивните идиотски неодговорни
уредници; проблем е што сето тоа е вистина; што во недостиг од
автентична културна елита почнуваат да царуваат просташтвото и
вулгарноста; што спојот меѓу криминалните структури и
политичко-економската олигархија се гледа и од месечината, како
кинески ѕид, којшто пак исто успеавме да го подигнеме, во меѓувреме,
стратифицирајќи го општеството според тн. „метода месар” (или
„касапница” или „лудиот хирург”).
Медиумите се, главно (освен кога не се екстремно злоупотребени),
сепак само огледало на стварноста, а таму се Латас и Касандра,
нашата страшна вистина годиниве пред крајот на веков.
|