Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 06        # 08
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


07

ПОЕДИНЕЦОТ Е МЕДИУМ Е ДРЖАВА

27.03.1998


Зачестија кадровските промени во новинарските куќи. Рубиковата коцка наречена македонски информативен простор (како да ја мести шекнатиот шестопрст гитарист-револвераш) чкрипи во сите насоки, на моменти налудничаво морничаво, но и молскавично брзо, се реди и прередува, зафаќајќи ги најзгодните позиции пред страшната провинциска кралица (на чија круна од стиропор пишува: ИЗБОРИ '98) да пресуди кој е најубавиот за следните четири години. А наоколу главно морални грбавци, грдотии, габори, морлоци, ропаци, толоси и крбли, не баш сјајно друштво за играта: Огледалце, огледалце, катодна цевко, телевизору, те молам, кажи ми, на светот најубав кој е?

Кога велам „налудничаво морничаво” мислам на орвелијански знаковитите и токму молскавично брзи идеолошки преобликувања на играчите; една недела опозиционер, другата черга за да си ги зачистат чевлите министрите од кабинетот; една недела дворски шут, другата завереник од висок калибар кој тура отров во увото на оној што тековно е назначен за отстрел.

Притоа, она што се нарекува (новинарска) индивидуалност (или идентификациски потенцијал) заличува само на искезена маска, денес вака, утре онака, како што од несигурност треперливите раце на цртачите ќе решат (а и тие, кутри, решаваат од трефка; додека стадото им пасе тревка; додуша, некој и пуши, па халуцинира...).

Сепак, во целото (медиумско) лудило има и пар не-маски (не-мазги, за главно дебелата номенклатура што треба да биде опслужена), постојат неколку личности коишто главно ги истераа од екраните, или ги изрокираа во непредвидливи насоки. За среќа, ова општество веќе не може туку-така да голта компетентни луѓе. Никулците на пазарот профункционираа и во деликатната област на информирањето: личноста носи гледаност; логото и фрекфенцијата речиси се небитни без препознатливи ликови зад нив.

Таа мудрост, дека (медиумската) институција всушност е збир од личности (понекогаш дури и една единствена ЛИЧНОСТ!), Македонија бавно ја сфаќа и затоа и имаме (новинарски) институции какви што имаме: кревки, непрофесионални, инструментализирани.

„Се може без секого!” Е, не се може! Многу брзо тоа, конечно, ќе им стане јасно дури и на оние „дрматори” кои според соц-инерцијата и одвратните принципи на негативната селекција тераат и понатаму. За МРТВ нема подобар пример од „Нова Македонија”: најжестоката конкуренција дојде од страна на луѓе кои претходно работеа во „Нова Македонија”, а кои ги формираа „Дневник” и „Денес”. А телевизијата е уште повеќе „индивидуалистички” медиум, каде што гледачот се врзува за личности, не толку за концепти или за политика.

Во секој случај, па макар и во рамките на едно лажникаво општество што само симулира натпревар и конкуренција - казната ќе дојде во вид на намалена гледаност, недоверба и, во крајна линија, пораз во гласачките кутии.

Затоа што дури и симулацијата (како што вели Бодријар) има свои принципи. И под мимикрија, и со маски, историјата и времево поцврсто зафаќаат одредени насоки. Нам компасот ни покажа: веќе не „колективот” туку поединецот; веќе не „еднаквост” туку фер натпревар на различните. И уште еднаш: (медиумските) институции не се ништо друго туку збир од компетентни поединци, професионалци. Поединецот е институција е држава. И не бијат камбаните за никој друг, туку за нас.