08
НЕМОЈ СО СИЛА, ЗЕМИ ПОГОЛЕМ ЧЕКАН!
10.04.1998
Нашето општество во голема мера е контаминирано со политика, и тоа
политика од најтривијален вид: која банда против која банда. Кога ќе
се постави прашањето за одговорноста поради таквата „ментална
состојба” на нацијата (хронично заглупавување), неизоставна е
улогата на гласилата, и тоа пред сè на телевизијата, се разбира,
како највлијателна. И тука се поставува веќе неизбежното (но поради
тоа не и помалку загадочно) прашање: кој ја формира нашата слика за
стварноста? Политичарите? Медиумите? Нивната спрега? Ние самите?
Дали „стварноста” самата себеси се формира низ мисли, текст и слики?
Се разбира, тешко дека колумнава може да понуди подлабоки копања по
одговорите на тие тешки и речиси метафизички прашања, кои сепак
допираат еден аспект кон кој сакам да обрнам внимание: јазикот ни е
уморен, светогледот, темите ни се изабени, а просторот за евентуални
поразлични пројави стеснет. Оттаму и потребата ова да се проквичи,
заложбата токму вака, „однатре” (и „автореференцијално”), да се
обидеме да ги помрднеме аглите на посматрање, кога веќе толку упорно
сликата што ја добиваме не ја бидува. (Марфи би рекол: „Немој со
сила. Земи поголем чекан!”)
Дури и малите промени што се чувствуваат во медиумската сфера влечат
кон лошо: зголемени се стравот и несигурноста, намален е просторот
за некалкулантски новинарски професионализам, посебно, повторувам,
во сферата на политиката, која метастазира насекаде.
Како целиот избор да се сведува на две групи луѓе: од една страна
имате божемни „професионалци” кои знаат дека се искористени но
планираат далекусежно и веруваат дека предвидуваат потег однапред;
слабост им се кукавичлакот и времето што ги гази.
На другата страна е бизарната и толку присутна менажерија од
турбо-новинари кои генерално ги снижија стандардите, но честопати во
насока на не баш етеричниот предел на општествената „автентичност”.
Некои од нив како одново да ја открија моќта на личноста во
медиумите, напор што заслужено се верифицира низ гледаноста и
влијанието, покажувајќи им на „зихерашите” дека дури и грдите и
алчни дотрпезни дворски кучиња понекогаш се поинтересни од шутовите.
Во секој случај, изборот меѓу тие две доминирачки категории на
ТВ-новинари (канцелариските стаорци за сите времиња и неуките но
страсни пит-бул активисти) е тажен и води кон исклучување на
телевизорот, што често е добра животна варијанта.
Во случајов, се разбира дека зборувам за/во фигури, за делумно
исконструиран модел, и дека тука постојат уште многу валери, тонови
и полунијанси (луѓе!, добога, кои се обидуваат како-така, со
сопствените потенцијали за чест и професионален морал, да ги
истуркаат гадниве и несигурни времиња); но, факт е дека
„загадувачкиот” и доминантен општествен дискурс (пред сè во
медиумски поглед, но дури и во некаква потесна јазична,
„структурна”, па и психолошка смисла) го наметнуваат намножените
неинвентивни партиски и пара/партиски политиканти и колумнисти
(досадни и тапоглави не само во поглед на „политички” теми и
вокабулар, туку и во изгледот, стилот, манирите, што посебно е
недозволиво за телевизијата); додека целото друго стадо, комплет со
гласачите и брифинг-овците (или „спинерите”, па и кога тие
умислуваат дека спроведуваат некаква уредувачка политика) ја
прифаќа(ат) глупавата игра чија најголема жртва се разумот и вкусот
на поданиците.
Од тие причини решив, контра струјата, рубрикава во овој момент да
биде малку повеќе „есеистичка” отколку тековна валоризација на
медиумските случувања. Впрочем, после светулките и мраковите што ги
исподеливме пред речиси четири месеци (две Сителови емисии и на
врвот и на дното: „Балкан-експрес” горе; а долу, во калта, со жабите
и постоинската слепа рипка, нормално - „Профил”), нема ништо
значајно ново, освен новиот џингл за реклами на А1 и враќањето на
културата (каква таква) на истата ТВ-станица.
|