Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 08        # 10
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


09

ЛОВЦИ ВО СНЕГ И ЗАМРЗНАТО ЕЗЕРО

24.04.1998


Се чини дека печатените медиуми во Македонија изминативе неколку години се покажаа побрзи, поагилни и похрабри од електронските медиуми, доколку како критериум се земе отворањето на темите („аферите”) што потоа во една надолна линија (од првата кон последните страници, од првите минути во вестите кон последните) го пополнуваат тривијалното (медиумско) простор-време што го живееме. Од друга страна, токму избрзаноста и недоволната подготвеност при отворањето на „аферите” често ги прави печатените медиуми банални и површни во однос на нивните „електронски” конкуренти.

Во секој случај, работата е разиграна, принципите на конкуренција горе-долу функционираат, па макар и врз необичната основа од безброј огледалца (што различно ги рефлектираат светот и „реалноста”, во зависност од тоа дали се испакнати или вдлабнати, дали се испокршени и земени од лудата куќа на смеењето, од некаков луна-парк или пак минуциозно се брусени во работилниците на некои други илузионистички мајстори - што сè - магионичарите, бабите што гледаат во кугла, илузионистите..., заклучно со фрлачите на ножови и луѓето исфрлени од топ како теледиригирани проектили - потпаѓа, се разбира, во големата каста на тн. „медиумски работници”); а играта што се одвива врз таа ледена огледалска плоча, претпоставувате, е - хокеј, и тоа од типот каде што нема фаули и офсајди, туку главно млатење со палките по глава.

Ете, тоа е една „романтична” (бројгеловски идилична тема на селани што се лизгаат врз замрзната бара) слика за македонскиот информативен простор, во кој, како во некаков налудничав експериментален филм, целиот во еден статичен кадар, постојано, како на лента, од лево влегуваат фрикови со разбиени глави и џепни огледалца, и излегуваат на десно, бескрајно, како во некаков карусел. А коментираат, на пример, со изобличени машински гласови, Трпески и Михајлов?! Што значи дека, токму според драматуршките правила, идилата се претвора во кошмар, ледот се крши и сè оди по ѓаволите, како што и оди.

***

Минатиот пат останав должен барем неколку куси објаснувања зошто емисијата „Балкан експрес” (секој втор понеделник во 20 часот на Сител) ја сметам за најдобра авторска емисија на нашите телевизии. Прво, го деконструира глупавиот говор на моќта (што доминира во јавниот простор, а се состои од повишена наци-реторика, фрази, стереотипи и сивило; тој тип на говор, инаку, знаат добро да го испердашат - додуша, често низ чудната комбинација од зихераштво и храброст - и актерите од К-15); второ, се обидува да воспостави автентичен линк со нашето и тоа како живо СФРЈ минато, и тоа не на вообичаениот начин мртовецот со сè правот да се турне под тепих; трето, сето тоа го прави на телевизиски соодветен начин, иако технички рудиментарен (такви се просто продукциските услови, доколку се дозволени такви оправдувања); четврто, личности, личности, автори, идеи, хумор гледаме во „Балкан-експрес”, а не купиште бетон и камења што се гои на ТВ-претплата.

Ете четири мали причини зошто среде мраков, откако профучи кланкавиот Балкан-експрес, сепак останаа неколку светулки, ко ѕвездена прашина, ко трага.