Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 09        # 11
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


10

СВЕТОТ КАКО ФАНТОМ И МАТРИЦА

08.05.1998


Како читатели на текстов ги имам предвид потрошувачите, значи пред сè слушателите и гледачите, а професионалните филозофи и стручњаци за радио и телевизија дури на второ место. (...) Се разбира, не им се обраќам на сите потрошувачи, туку на оние на кои веќе им се случило за време на некоја емисија или после тоа вџашено да се запрашаат: „Па што правам јас? Всушност, што ми прават?” На оној што така се вчудовидел во понатамошниот текст

ќе му дадеме неколку разјаснувања.

(Гинтер Андерс, Светот како фантом и матрица)

Едно од важните денешни прашања гласи: Дали ние ја консумираме телевизијата или таа нè консумира нас? Со оглед на тоа колку време и енергија ни вшмукува најголемата социјална сила на денешнината (телевизијата е културен империјалист од највисок ред, кој не се задржува само на тоа да го одредува распоредот на нашето слободно време туку длабоко посега во самото чувство за она што значи слободно време и самослобода), без двоумење можеме да заклучиме дека присуствуваме на погребот не само на сопственото слободно време туку и на самата реалност. Полека стануваме парализирани и пасивни сунѓерчиња (целите претворени во очи) - консументи на слики (т.е. исконсумирани планктони - да останеме доследни на метафорите - кои во топлата и удобна внатрешност на господинот Кит Фантомски, како во кино-сала, гледаат прожектирани филмови).

Велам, присуствуваме на погребот на „реалноста” зашто „знаците на екранот не се стварноста во која живееме туку програмирани апстракции или избрани копии на стварноста” (Ханс Блоел). Така стварноста станува копија на своите копии, а телевизијата нејзина содржина („слика и прилика”), чија моќ, според Мартин Еслин, се состои токму во тоа стварноста да ја преобрази во некаков тип фантазија.

Сè на сè, веќе и не постои реалност што постои вон телевизијата. Дали тоа е добро или лошо и не е толку важно (штотуку траат расправите по тоа прашање, со убедливи аргументи за едното и другото, а јас вака бегло и „колажно” нестварно, токму како самата телевизија, тој „генератор на популарната тривијализација кој до непрепознатливост меша што било со било што”, давам скромен прилог кон расправата).

Да цитираме две мислења што имаат снажна врска со темава:

„Дали удобната, доброволна неслобода е наша неминовна судбина во која слоганот на Нил Постман, критичарот на американското медиумско општество, 'да се забавуваме до смрт', се искажува како формула на нашата општа заразеност со слики, како копнеж за распарчување на стварноста, за нејзино растворање; дали сликите му противречат на културниот мит и дали воопшто постои нешто што може да се сфати како 'целина'?” (Томислав Гавриќ)

„Во рамките на една 'децентрализирана' продукција веќе не е можно да се предвиди едно показно јас како референт на интимен личен стил, ниту пак е можно да се одржи некогашната елементарна дистинкција помеѓу автентичното и неавтентичното, помеѓу оригиналот и копијата.” (Ги Дебор)

Значи, против узурпаторот на реалноста, ТВ-екранот, не располагаме со некои особени средства за борба, ниту на планот на идеи (во современата филозофија владее концептот на „симулакрумот” - чијшто врвен принцип веројатно токму е телевизискиот медиум), а уште помалку на некој практичен план.

Пред страшниот продор и упад на манипулативната и посредувана „реалност”, олицетворена во фантомскиот свет на телевизијата (вампир што нè консумира!), ни останува да се тешиме со фактот дека новите медиуми низ целата историја секогаш биле доживувани како загрозување на културата. Денешните масовни “општила”, како што забележува Умберто Еко, своите механизми и влијание главно ги одмеруваат врз една шема за разбирање што се врзува за тн. ренесансен човек, кој очевидно веќе не постои. Но, за неговото исчезнување, вели Еко, не придонесоа масовните медиуми туку цивилизацискиот процес, чијшто тие се само израз.

Дали тоа значи дека помеѓу „забавата до смрт” и инкорпорирањето на еден релативно нов медиум во цивилизациската матрица, всушност и не постои разлика? Можеби одговорот на ова е поставувањето на една сосема поинаква перспектива? Еве една можна насока за размислување, од фамозниот француски медиолог, пријателот на Че Гевара и советникот на Митеран, Режис Дебре:

Ние едновремено сме сочинети и од папирус и пергамент и хартија и екран. Без и малку срам ја поставив катодната цевка врз табакот хартија и школската тетратка врз камените таблици од Законикот. Ние едновремено сме сочинети од псалми и од рок, од ползење и летање, од пиктограми и хипертекст. Секој наш современик го отсликува метежот во времето, збрката во која сè е полно од медиасфери кои меѓусебно и со него самиот се договараат, без каков било ред и поредок, за местото што ќе го заземат, зависно од моментот, за општеството во кое ќе бидат и за сопствените приоритети.