Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 10        # 12
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


11

ИНКА-ТЕЛЕВИЗОР

22.05.1998


Наспроти очајната состојба на немаштија меѓу луѓето „долу” (токму како низ пеколните кругови што се во форма на инка; само малубројни се во полесните и тесни кругови околу грлото на инката; како се оди удолу, во длабочината, расте како очајот така богами и бројот на очајниците), МТВ тера злокобно налицкана слика на идила, речиси, во која се добиваат кредити, странците откупуваат акции, фабриките шибаат продуктивност, виршли висат на дрво а лижавчиња се берат наместо цветчиња, како во Пинокио. ЛАГА - се разбира, од која расте носот до бестрага, така што дневниците на Македонската телевизија стануваат дегутантни во секој поглед и дури споредливи - можна ли е поголема навреда во сферата на медиумите!? - со славната по озлогласеност телевизија на Слободан Милошевиќ, која успеа - без пердувце да ù летне, и ден денес придржувајќи се до истите орвелијански принципи на работа - да напакува пар војни и пар стотици илјади мртви и протерани луѓе. Тоа што лагата на МТВ се промовира во предизборно време и во политички цели не е оправдување, туку е уште поголем грев, и во морална и во професионална смисла.

Еве само еден пример како МТВ пакува анестезија (ви се дрогираат ли децата?; ги бркате ли дилерите?; тоа се проблемите на ова општество, така ли, како што вели главниот анестетичар): после вообичаено глупавиот и безличен дневник (како да го прават портирите-безбедњаци во ЦК) следува конечно еден жив, нормален, човечки прилог (инаку фикшн за марсијанците-лајнаријанци-чувари на лудата граница од МТВ) за осумнаесетгодишниот убиец од Гевгелија; и покрај стереотипниот тон и грозоморното фразерство (особено на кобајаги „професионалците”: полицајците, социјалните работници, новинарот), низ анкетата меѓу клинците на улица и, особено, во разговорот со мајката на убиецот, проблеснува една малку поинаква и покомлексна „вистина” за настанот. И добро, си вели човек, конечно не нè третираат како малоумници на кои треба да им се нацрта кој е добар а кој е лош. Но! Животот не е црн, туку розе!, вели спикерот, и ја бапнуваат Касандра како доаѓа во Скопје, баш фино за крај, големите манипулатори точно ја задрапуваат жицата за завршниот акорд, и таа тривијалност, профаност, провинциска беда просто, ве зашлакува до амнезија. Какви убиства, каква невработеност, каков очај, дај Касандра! Дај Евровизија! Мртво, мртво, мртво, помрднало, потреперило, хипер-мртво! - ете ви ја линијата на животот/вистината на еден типичен МТВ-дневник, прилагоден отприлика на искуството и интелигенцијата на едно осумгодишно девојче навлечено на Барбики.

***

Во минатиот број пропуштивме две, во моментот, важни теми: поделбата на фрекфенциите за радијата и телевизиите и, втората, телевизиското одбележување на неколку важни датуми: денот на работниците и годишнините на Гоце Делчев и Тито. Една од причините за пропуштените теми беше раното, пред први мај, затворање на бројот. Како и да е, сјајната Катерина Блажевска од „Денес” (ако загар-новинарите од типот на Мирка Велиновска - или Загор-новинарот Латас од чудното мочуриште Ѕинголенд со главен град Дарквуд - се „најдобрите пера во земјава”, тогаш Блажевска е вонземјанин, и во смисла на државава и во смисла на космосот) внимателно забележа (Блажевска) дека за „чуварите на секојдневната стварност”, нашите телевизиски ѕвездогатачи, Тито не ни постоел, Први мај речиси исто така, додека Гоце билда во историските шминкерници, ко да е јунак од цртан филм: ту го смалуваат на ниво на џуџе, како со специјални техники препариран индијанец, ту ете го ко цепелин што го препокрива скоро целото тесно македонско небо. Тоа ти се вика вештина на ретуш: денес вака, утре онака, а историјата е нешто како изветвена, правлива и од молци изгрицкана тешка драперија што служи како сценографија за урнебесно крвави сцени, но по потреба може и да се тргне.

Во тој случај, фино можете да гледате, зад драперијата, во бескрајната празнотија на телевизорот, таа наша историска црна дупка во која исчезнуваме, и „консументите” и „производителите”, и линијашите-лајнаријанци (што ги има по линиите на екраните во количества на лајна) и невидливите суштества од црните соби, сите комплетно, се лизгаме низ инката, токму.