12
КОШАРКА И АРХИВИ
04.06.1998
НБА-кошаркарското финале (што деновиве се одвива) е несомнен
планетарен настан. Благодарение на А1 ТВ повеќе години наназад имаме
шанса да го следиме тоа случување кое и во спортска и во медиумска
смисла далеку ги надминува не само нашите македонски бачилски
стандарди, туку, би се осмелил да речам, и европските високи
стандарди за она што значи јавен спектакл. Башка, Европјаните
всушност никогаш не научија како телевизиски треба да се претстави
кошаркарски натпревар: повторуваат кога не треба, немаат доволно
прецизен тајминг со ионака шаблонската статистика, немаат доволно
камери, немаат соодветни и навремени крупни планови, немаат
динамична режија, а веројатно ниту атмосфера и волја за поделикатни
дострели во сферата на кошаркарскиот пренос. (А можеби Европјаните
просто немаат доволно развиена љубов за таа игра, од каде што
всушност и произлегуваат знаењето и вештината!?)
Е, затоа пак Американците сето тоа го имаат во изобилство; истата
секунда после кошот во крупен план го имате не поентерот туку
асистентот, што само зборува за изострената спортска и професионална
култура и на режисерот и на камерманите; истото феноменално чувство
за игра и за значајни информации го имаат и статистичарите на
компјутерите, кои не само што мошне внимателно го следат натпреварот
и бомбардираат со исклучително проникливи и често пати
неконвенционални статистики, туку водат сметка и за податоците што
не се однесуваат конкретно на тој натпревар; имаме преглед (често и
со архивска слика!) не само над претходните натпревари, туку и на
целата сезона, или пак на сите изминати сезони, при што за кариерата
на секој играч се води извонредно прегледна и навремено сервирана
статистика.
Накусо, станува збор за високо комплексна и квалитетна телевизиска
работа која ги допира горните граници на самиот медиум.
***
Во оваа прилика посебно внимание би сакал да обрнам токму на погоре
споменатиот „архивски аспект” на телевизијата, која, во некоја рака,
освен што е проследувач на настаните, е и нивен хроничар и
историчар. Дури и низ на прв поглед технолошки баналниот предизвик
на еден спортски пренос, ја согледуваме огромната потреба, па и во
помалите телевизиски куќи, од солиден и релевантен архивски
материјал кој нема да се користи само во документарни емисии и при
нечија смрт, туку (ќе) има суштинско место во програмата, па дури и
во рамките на живи преноси, како што ни покажуваат Американците.
Си приспомнувам, на пример, пред неколку недели, за време на
гостувањето на македонската фудбалска репрезентација во Северна
Америка, телефонските извештаи од таму, барем пет дена по ред, А1
телевизијата ги илустрираше со едно те исто кусо филмче на нашиот
гол против Бугарија. За пет дена во истите спортски вести барем
десет пати гледавме иста слика. И тоа речиси секојдневно се случува
(исти панорами од светски градови, исти фотографии, исти спортски
стории, исти „метеоролошки” пејсажи...), не само во А1 туку дури и
кај МТВ, која би требала да биде предводник и узор, барем за
посуптилните аспекти на телевизиската работа, кои бараат погломазна
инфраструктура. За некои посериозни аспекти (кои буквално имаат
историска важност) на телевизиската архивистика во оваа пригода нема
да зборувам, иако е јасно дека и на тој план нашите телевизии
работат катастрофално, т.е. без елементарното чувство не само за
сериозноста на самиот медиум туку и за дигнитетот, во крајна линија,
на својата сопствена работа.
***
Сепак да завршиме со светулката што се вика Љубомир НБА Николовски,
спортскиот коментатор на А1. Тој не само што успева од година на
година да се избори да ги гледаме НБА натпреварите, туку
континуирано ги подигнува ниските стандарди на македонското спортско
новинарство, па и на спортската култура воопшто. Во однос на
заостанатите во време, тажни и незаинтересирани спортски новинари од
МТВ (од кои повеќето имаат елементарни проблеми со македонскиот
јазик, а мизерната спортска култура и да не ја спомнувам), во однос
на пискавите и вечно необјасниво вознемирени од судиските неправди
простаци од Сител, Телма и ТВ Скопје, Љубомир Николовски (би требало
да) заслужува олимписки статус и заштита.
|