Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 12        # 14
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


13

ЈАДИ ФУДБАЛ

18.06.1998


Јади фудбал.

Пиј фудбал.

Спиј фудбал.


Ова го советува Кока-Кола во една од своите речиси ингениозни реклами по повод Светското фудбалско првенство. Третиот совет - да се отспие Мондијалот - и не е за фрлање, особено со оглед на фактот што нам фудбалските случувања ни ги посредува една тажна и во секој поглед слабо подготвена екипа спортски новинари од МТВ.

Веќе станува заморно од секој поголем спортски настан да ги слушаме истите стари фразерски фолирања и шмирања, непоткрепени со знаење, актуелност и подлабок интерес. Дното на таквиот тип „импресионистичко” новинарство, во суштина некомпетентно, го претставува Зоран Михајлов, чии коментари, според стравотната стереотипност и безличност, наликуваат на политички говори при отворање селски чешми. Неговиот вокабулар е ист, сеедно дали пренесува бокс, уметничко лизгање, тенис или фудбал. А јазикот е ист (со главно војничка метафорика од типот „четата на тој и тој”) затоа што таквите коментатори често не ги знаат дури ни елементарните правила на спортот што го пренесуваат, а камоли да ги знаат подлабоките и стручни финеси. Коментаторите од типот на Михајлов дури имаат проблем со најобичното следење на натпреварот затоа што едноставно не забележуваат - вон неподготвеноста и незнаењето - што се случува: луциден потег, судиска одлука, периферен настан.

Просто почнав да копнеам по малку постручни коментари. Во какво и друштво да ги гледам спортските натпревари на МТВ (баба, куче, аквариумските риби, ситните деца и распиштолените комшии) испаѓа дека сите знаат повеќе за натпреварот и за екипите од самиот коментатор! Не случајно, во речиси сите светски ТВ-мрежи, неизбежна институција, мошне добро платена и ценета, е стручниот соработник на коментаторот, најчесто бивша спортска ѕвезда. Ем учи самиот коментатор, ем ние добиваме порелевантни информации.

Да не бидам погрешно сфатен: во МТВ има и добри коментатори (Александар Табаковски, на пример, кој стручно и одмерено ги пренесува трките во Формула 1; Атанас Костовски, и покрај јазичните несмасности, далеку е пошармантен од Зоран Михајлов; итн.); но во суштина сепак станува збор за една надмината - пак велам: „импресионистичка”, нестручна - школа на спортско новинарство. На крајот на краиштата, МТВ имаше еден извонреден спортски новинар, Зоран Јордановски (сега работи во Дојче Веле), но тој сепак беше инцидент во една погрешно поставена шема.

***

Кога сме кај спортското новинарство - неизбежна тема месециве: светски првенства во фудбал и кошарка, НБА-финале, тениски грен-слем турнири... - да споменеме и две неочекувани спортски коментаторски светулки што доаѓаат од Телма; не им ги знам имињата, но според гласот станува збор за две момчиња кои на мошне интересен начин, со многу знаење, луцидни забелешки, но и со страст и љубов, го проследија хокеј финалето во NHL лигата, коешто е голем спортски и медиумски настан и кое, благодарение на Телма, прв пат можеме да го проследиме низ директни преноси.