14
ЗА ГЛАВНАТА СТРУЈА И АЛТЕРНАТИВЦИТЕ
02.07.1998
Има лек против здодевните фудбалски коментатори на МТВ. Се вика
канал 103. Во рамките на истата куќа, МРТВ, дејствува еден особен и
важен медиумски проект, радиото „стотројка”. Деновиве тоа радио врши
духовити и откачени преноси од светското фудбалско првенство,
внесувајќи пародија („добро го тоа стори!”), енергија (специјален
џингл и урлање после секој гол), а богами и, повремено, суптилни и
нестандардни забелешки од типот „топката зашиба кон голот ко мазно
камче по езеро”. Ги коментираат - отровно и зајадливо, како што
заслужуваат - дури и глупавите реклами што го сечат преносот. Така
што, сè на сè, имате избор, најважната медиумска (демократска!)
работа: пуштиш слика на МТВ, тон на радио 103 и - полна капа!
Воопшто, интересен е феноменот „стотројка”. Би се осмелил да кажам
дека тоа радио е еден од најдобрите потези на мастадонтот МРТВ во
последниве десетина години. Дури би рекол и дека тоа - центарот и
маргините во иста зграда! - е типична македонска работа, но во
позитивна смисла! Кога веќе се нема сила/зрелост (критична маса) за
авторитетно и сериозно воспоставување на одреден културен
естаблишмент кој би ја влечел сопствената алтернатива повеќе
еволуциски отколку промислено, тогаш најдобро е работите фино да се
измешаат, како што впрочем насекаде низ светот и се случува;
границите веќе не држат цврсто и, барем во културна или општествена
смисла, измешани се „поетиките” на главната линија и на
„алтернативците”. Затоа сметам дека е особено мудро (за опстанокот
на кревкава ни култура) тој некаков си наш културен естаблишмент да
ја негува „алтернативноста” веќе во своите пазуви, приближно онака
како што МРТВ го оддржува радиото 103.
Се разбира дека еден таков концепт во себе крие многу опасности, од
кои некои се токму најстрашните: работите дополнително да се
централизираат и тоталитаризираат наместо да се олабават, а
„алтернативците” да бидат само контролирана и гротескна маска на
моќта. Сепак, судејќи по тие неколку примери што сè уште фино
балансираат меѓу рабовите - канал 103, К-15 продукцијата, бендовите
Архангел и Анастасија, итн. - се чини дека нашата едвај постоечка
држава сепак пронаоѓа одредени начини - па макар и доделувајќи
трошки - да го одржува набојот на напнатоста и спротиставеноста,
кои, се разбира, ги движат работите напред.
***
Иако ризикувам да бидам неактуелен - емисиите за кои ќе стане збор
беа емитувани пред десетина дена, што е речиси вечност кога станува
збор за налудничаво брзата телевизија - сепак ќе споменам, можеби и
како прилог кон темата за релативноста на позициите „централен” и
„маргиналец”: Лилјана Алтипармакова од МТВ во својата емисија
„ТВ-интервју” (гостин: економистот Михаил Петковски) ù одржа
вистинска лекција по новинарство на својата колешка од А1, Оливера
Трајковска, која истата вечер (вторник, 23 јуни) ја водеше својата
емисија „Црвена линија” со својот гостин, архитектот Грчев.
Алтипармакова и Петковски: со продукциска поддршка, брзи, духовити,
компетентни (но и скромни; одличниот Петковски на една забелешка
дека добро ги предвидел економските случувања одговара: „и расипан
часовник два пати дневно покажува точно време!”). За разлика од нив,
Трајковска и Грчев: нарцисоидни, пред сè (се најдоа), но и здодевни
и слабо подготвени. Архитектот Грчев, на пример, наместо да
демонстрира компетентност (што со голема убедливост и леснотија го
направи економистот Петковски), држеше демагошки и политикантски
тиради за компетентноста.
Сепак, станува збор за една издвоена емисија. Не дека Алтипармакова
не сме ја гледале во улога на политички сервисер, и не дека
Трајковска немала навистина ѕвездени моменти. Само резимираме:
постојано треба да се работи и да се биде внимателен; меѓу другото и
затоа што од мракот ве демне
Коља Мраковски
|