15
ТРАНСФЕР-ЛИСТИ
16.07.1998
Кога станува збор за трансфер-листите, МТВ последниве години
наликува на фудбалскиот клуб Вардар. Клучните играчи упорно си
заминувааат, а некои чудни еминенции во сенка печалат економски,
идеолошки или казнено-поправни (полициско-дисциплински) поени. Тоа
што институцијата (клубот, телевизијата...допиши по желба) неумоливо
пропаѓа - кому му е гајле; трае големото „транзициско” прегрупирање,
внатрешната (граѓанска!?) војна по (нови) простори и територии,
ловот по позиции, влијанија, пари, луѓе... - впрочем, како и во
секое друго општество не многу различно од глутница којоти.
Добрата работа од уништувањето на едни институции е настанувањето
нови, кои барем добиваат шанса да ја почнат работата врз здрави
темели. Несомнено дека телевизиите Сител, Телма, А1 и неделникот
„Денес” се засилија со новите играчи од МТВ: Јадранка Костова,
Роберт Поповски, Оливера Трајковска, Горан Величковски. Несомнено е
и дека МТВ по заминувањето на овие луѓе значително е ослабната; еден
од симптомите на слабоста на оваа куќа е што не се ни обидуваат
преку збогатена продукција (сега барем редовно ги добиваат не малите
пари од претплатата) да се борат со конкуренцијата; дури не смогнаа
сили да ја обноват својата најзначајна емисија Без наслов (која беше
темелник на целиот идентитет на МТВ, заедно со Дневникот кој сепак
повеќе е „државна” работа отколку строго професионална).
„Пребезите” од Без наслов главно добро се снаоѓаат на новите работни
места. Се чини дека најмногу труд во своите емисии, сега за сега,
вложува Јадранка Костова (секогаш солидно подготвена за
соговорникот, нерасплината, пристојна а сепак остра, со снимени
прилози како поддршка во разговорот...); Оливера Трајковска има лоша
шпица на емисијата (не баш сјајно исфотографиран его-трип; белки не
е проблемот во шминката и фризурите?!), добра сценографија и главно
актуелни гости, кои често остануваат „необработени” пред кревките
трач-налети на понекогаш недоволно подготвената Трајковска. (При
ТВ-интервју финтата не е исклучиво во тоа да се постави
„прашањето-бомба” туку пипаво, со серии мали подпрашања да се цеди
соговорникот и да се извлекуваат информации битни за јавноста;
доколку соговорникот е закопчан за позначајни информаци тогаш е
доволно само да се отцрта неговиот психолошки профил; Трајковска е
јака за „прашањата-бомби”, но слаба за посуптилни обработки на
гостинот.)
Кога сме кај А1 и темата „трансфери” да споменеме еден катастрофален
кадровски потег на оваа куќа; дозволија да си замине презентерот
Лазар Темелковски, главното лице на А1 ТВ, симболот на идентитетот
на куќата. Глупост рамна на онаа да се расформира емисијата Без
наслов.
***
Фала богу, заврши Светското фудбалско првенство. Нашите коментатори
(комплет со во минатиот број пофалената екипа од радиото 103)
неславно си ја завршија работата. Ова посебно се однесува на Атанас
Костовски кој катастрофално ги коментираше полуфиналните и финалната
средба, постојано заморувајќи нè со ирелевантната статистика во кој
период од играта се даваат голови, притоа занемарувајќи статистички
многу поважни податоци: удари кон голот, посед на топка, клучните
линии на нападот и одбраната итн.; да не зборуваме за гафовите од
типот Шурјак (наместо Шукер). Но, и другите коментатори од МТВ во
неукоста го следеа Костовски; се случуваше понекогаш десетина минути
да не го знаат ни резултатот затоа што не разбрале дека голот е
поништен.
Емисијата, пак, „Гол-шоу”, со неподносливо лежерниот Сидоровски, ќе
остане запаметена како емисија со најлоша сценографија во целиот
македонски етер (а замислете ја само конкуренцијата: Шутел, Амазон
итн.). Дали причината за тоа е вообичаеното адвертајзинг лудило на
Ино-Спектар (човек што ќе види нивна реклама од очај веднага се
прешалтува на алкохол), невкусот на распиштолениот Сидоровски или
незаинтересираноста на луѓето од куќата - просудете сами.
|