Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 15        # 17
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


16

ПОЛЖАВ И ЖЕЛКА

30.07.1998


Телевизијата веројатно е најголемиот арбитар во сферата на моралот. Таа пресудува и свесно, тенденциозно, со оглед на односите на сили во општеството, но многу повеќе несвесно, низ начинот на кој ги третира темите од животот. А бидејќи кај нас владее морален хаос што произлегува од синдромот наречен транзициско лудило, јасно е дека свој не мал удел кон општата дезориентираност (и во морална и во друга смисла) има телевизијата.

Од една страна, нашата телевизија, посебно МТВ, сè уште ги има оние социјални, да не речеме социјалистички, колективистички рефлекси при обработувањето на поделикатни теми. Од друга страна, благо се пробива - и, се разбира, повеќе на приватните телевизии - актуелниот дух на ироничниот либерализам (чиј врвен претставник е Ричард Рорти, на пример, еден од највлијателните современи филозофи), кој вели дека болката и суровоста на светот не можат да се намалат, туку може само да се посака тие да се намалат. И телевизијата тоа го прави: симулира грижа низ хипокризија и се обидува да ги зацврсти тековните структури на моќ.

Она што посебно загрижува кај нашите телевизии - посебно кај МТВ - е што тие сè уште се главните обликувачи на поданичка политичка култура во која од политиката не се бараат нејзините реални заслуги туку се бара да биде неприкосновена. И второ, се чини дека нашите телевизии - повторувам: клучните создавачи на општествената свест и морал - како да го занемаруваат фактот дека модерните општества во секоја смисла се мошне сложени, и класно и национално, и религиски и политички, што значи дека претставуваат меѓудејство од најразлични интереси. А да се хомогенизира тоа мноштво во еден поим, како што вели современиот етнолог Иван Чоловиќ, значи да се изврши насилство над општествената заедница, над сопствениот народ. Не постои една статична, непроменлива слика на етносот, вели тој, а оние сили во политиката и културата што им ласкаат на заблудите на националната психа, на предрасудите и навиките во мислењето, често претставувајќи се себеси како гаранти на сигурност, всушност насилно го разоруваат комплексното и кревко општествено ткиво.

Така што, произлегува, вредностите, моралот, духот, што треба да се форсираат се: индивидуализмот наспроти колективизмот, критичката свест наспроти подаништвото, класната слоевитост и интересовните групи наспроти хомогенизациите по национални линии.

На крајот, еден „транзициски” виц: Одат полжав и желка. Нога пред нога, полецка, се разбира. „Фала му на бога што одиме пополека”, прозборува полжавот од време на време. Во еден момент желката го губи трпението и бесно прашува: „Зошто добога се радуваш затоа што одиме пополека!?” „Затоа што одиме во погрешна насока”, вели полжавот.