17
ИГРИ И ЛЕБ
28.08.1998
Индустријата за забава (entertainment) станува клучна стопанска
гранка во светот кој галопирачки се престројува кон правилата за
игра на следниот век. „Новиот светски поредок е по мера на Дизни”,
вели Жан Бодријар. Телевизиите и ним придружната комуникациска и
сателитска технологија стануваат најважен фактор на глобалните
случувања, поважен речиси од сите светски влади.
Но, владите главно се умни и настојуваат својата моќ да ја преплетат
со онаа на медиумите, согледувајќи дека реалната моќ се содржи во
табелите на гледаност.
И така - низ таа тројна интерферирачка фигура:
политика-медиум-публика - настанува двојна, по малку перверзна игра:
секој едновремено контролира и е контролиран, секој надзира и е под
надзор. Параноично? Можеби, но во некаква хипертрофирана смисла
сепак станува збор за демократија.
Од друга страна, едновремено тече и процесот на виртуелизација на
светот. Нештата постојат или електронски, „во телевизорите”, или
воопшто не постојат. Жан Бодријар, големиот гуру на виртуелноста и
на современите медиуми, тоа го илустрира, на пример, со
настојувањето на компанијата Дизни да ја купи њујоршката 42 улица,
светски прочуениот порно центар. Вели Бодријар: порнографите и
проститутките треба да се трансформираат во некакви плошни суштества
од светот на Дизни; сите тие треба да се претворат во идентични
ликови - мумифицирани и дизнификувани.
Патем, вели Бодријар, знаете ли како генералот Шваркцоф, големиот
стратег на војната во Заливот, ја прослави својата победа? Направи
гоооолема журка во „Disney World”. „Прославата/баханалиите во храмот
на имагинарното претставуваше наједекватна завршница за една
виртуелна војна”, резимира Бодријар.
***
Во текот на изминативе два месеци, речиси секојдневно, гледајќи ги
светските првенства во фудбал и кошарка, бевме сведоци на
актуелноста на пораката „panem et circenses” (леб и циркуски игри)
што староримскиот поет Јувенал ја испратил до плебсот.
Леб и игри - тоа денес се социјалната помош и спортските натпревари,
вели белградскиот теоретичар Вук Стамболовиќ. А циркуските игри, во
форма на спорт, стануваат многу важно средство за политичка
манипулација.
Според Стамболовиќ, постојат три поизразени манипулативни елементи.
Првиот е наједноставен - чисто трошење на енергијата. Толпата што
слави спортски победи, на пример, барем кратко време не е способна
да демонстрира против власта.
Вториот, многу поважен манипулативен елемент е пренасочувањето на
акумулираната агресија. Имено, наместо агресијата да биде насочена
кон конкретните предизвикувачи на социјалната беда, властодршците,
таа се насочува спрема потставениот спортски непријател.
Третиот битен елемент е од ментална природа. Спортските успеси,
посебно во меѓудржавните средби, обезбедуваат големи резерви на
мошне привлечната „храна за мисли”.
Ете зошто, меѓу другото, медиумите во Србија и Хрватска ни ги дупнаа
ушите (па и нам, кои сме во нивната „медиумска зона на влијание”)
славејќи ги спортските успеси.
Но, барем можеме да се тешиме поради слабите дострели на
македонскиот спорт: нашите властодршци имаат барем еден сегмент
помалку за манипулација со нас. Што не значи дека не им остануваат
(и дека не ги користат) многубројните други методи за манипулација.
Што сè (дубарите од сите форми и видови), всушност, со оглед на
неофицијалното започнување на кампањата за парламентарните избори,
допрва нè чека(ат). Како што нè чека и претстојната НБА-сезона (фала
му на бога, после оние натпревари во слободни фрлања и задржување на
топката што ги нарекуваат светско првенство во кошарка), а веќе
започна и англиското фудбалско првенство. Така што: само ни останува
соодветно да избираме, зарем не?
|