18
РЕТОРИКА
10.09. 1998
Дали личностите што се појавуваат во нашата јавност (од сите фели:
политичари, уметници, обични луѓе...) воопшто знаат јавно да се
обраќаат, и дали барем малку ја совладале тешката вештина на јавниот
говор?
Одговорот е едно предвидливо и громогласно: Не!
Непосреден повод за овој текст беше несфатливо лошото јавно обраќање
на министерката Софија Тодорова, и тоа не пред некаков вообичаено
пригоден и фразерски собир на медиокритети (какви што се повеќето
манифестации каде што се појавуваат министрите), туку пред група
збунети и кревки првачиња! Тодорова и инаку е позната по своите
безлични и кукавички јавни настапи, но да настапите пред група
возбудени седумгодишници, на првиот ден од нивното школување, со
таков вокабулар („апликација на ЦД-РОМ”, на пример) и со таква
мизерна фразеологија („да другарувате со учебниците”) значи тотално
да немате чувство за тоа што значи контекст и јавно обраќање.
За жал, Софија Тодорова е само врв на ледениот брег, на што заличува
оваа културно запуштена држава во своето - има човек впечаток -
безглаво пловење низ транзицискиот океан. Сетете се само на Радмила
Кипријанова, на пример, уште еден блескав кандидат за најлошиот
македонски реторичар на сите времиња. Или Илинка Митрева, или Златка
Поповска, кога сме веќе кај (застрашувачки малубројните) жени во
власта. Просто не би сакале да поверуваме дека се во власта токму
поради своите безлични и крајно неинспиративни јавни настапи, затоа
што сепак постојат исклучоци, дури и во рамките на политиката:
Радмила Шеќеринска, на пример, сепак има малку поинтелигентна
реторика, како и, на пример, Лилјана Поповска од ЛДП, една од
ретките жени на јавната сцена која изгледа и зборува нормално и
природно, без афектации, без премногу фрази, без страв, во крајна
линија. (Дали можеби тој крут бирократски јазик што доминира во
јавноста всушност не е еден од најстрашните остатоци на мекиот соц
тоталитаризам од кого толку тешко се одвојуваме, пред сè во
психолошка смисла?!)
Мажите, пак, подобро да не ги спомнуваме, не знае човек кој е полош
говорник (иако Ѕинго предводи, тешко е да се надмине таков
капацитет). Посебно загрижува неверојатно ниското говорно ниво кај
повеќето мажи што во јавноста се појавуваат како претставници на
сферата на културата. Дури, оние кои најмногу би требале да знаат за
вештината на реторството, писателите, како да предничат во фразите и
лошиот стил: само приспомнете си како медиумски се претставуваат
Струшките поетски вечери. Според иконографијата, вокабуларот,
изгледот на експонираните, имате впечаток дека присуствувате на
конгрес на некоја третокласна политичка партија. Уште кога тука ќе
ги здогледате омилените политичари, јасно ви е дека духот и
јазичната досетливост се истопени од страв, и претворени во згрчени
насмевки и цветчиња во реверите на погребната облека.
Реториката, инаку, настанала во античка Грција, и била условена со
типот на јавниот живот во градовите-државички, посебно со атинската
демократија во која живиот збор дејствувал непосредно и бил
најважното орудие (оружје, поправо!) во политичкиот живот, во
правните расправи и на свечените собири. Софистот Георгиа (кој го
составил првиот теориски прирачник за реториката) беседништвото го
нарекувал „творец на убедувањата”.
Да се вратиме кај нас. (А можеби скокот од Хелада во петтиот век на
старата ера до Македонија во 2000 година на новата ера и не е толку
голем, посебно ако се земе предвид влијанието на писменоста во
јавниот живот!? Не ли сме, според влијанието на јавно изговорениот
збор, особено ако е пропуштен низ екранот, прилично блиску таму
некаде до далечните почетоци на демократијата!?) Можно е во новиот
парламент конечно да заседне филозоф, г-динот Ферид Мухиќ, една од
ретките личности кај нас што знае јавно да настапува. Иако Мухиќ во
своите настапи воопшто не е ослободен од демагошките поттексти, го
издвојувам овде повеќе како мајстор на формата отколку како
вистински “творец на убедувања”.
Токму Мухиќ сигурно знае дека во расправата околу влијанието врз
образованието на младите, реторичарите однеле трајна победа над
филозофите, и тоа уште со реторското школо на Исократ. Иако дури и
Исократ, и покрај тоа што во прв план ги ставал површинските и
формалните квалитети на изразот, препорачувал занимавање и со
позначајни теми, посебно во сферата на политиката, и ја застапувал
потребата од пошироко образование на беседникот.
На крајот, дали навистина веруваме дека јавната сцена и квалитетот
на јавниот говор првенствено ни зависат од реторските способности на
оние што ќе треба да ги избереме за новиот парламент?!
Не би рекол. Со толку осиромашен и културно запуштен народ (комплет
со неговите демагошки предводници, и тоа пред сè во сферата на
културата и образованието) работите, во смисла на издигнување на
демократската и културна свест, нема да се одвиваат баш лесно.
Впрочем, ќе ги видиме и „новите”.
|