Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 18        # 20
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


19

ЕСЕН/ЗИМА '98

25.09.1998


Кои се главните карактеристики на досегашната кампања по повод изборите?

Концепциски, засега сè е во рамките на очекувањата и на веќе видените кампањи од '94 и '96. Единствена посериозна промена, ако зборуваме за дизајнот, за изгледот, за начинот на кој се води кампањата, се случила кај ВМРО-ДПМНЕ, и тоа драстично кон подобро, иако нивното заостанување во маркетиншки поглед беше толку големо што сè уште имаат многу да достасуваат. ЛДП вообичаено изгледа најпристојно, најграѓански, „најзападно”, а колку тоав е доблест во оваа по многу нешта непристојна (во смисла на изгледот и културата) земја - ќе видиме на изборите.

Од аспект на личности што се турнати во вителот на изборното натпреварување, има една голема и пријатна новост: Ферид Мухиќ, можеби главната ѕвезда на досегашниот тек на кампањата. Иако е прашање колку нему сево ова му треба, особено како застапник на галеријата (менажеријата, поправо) ислужени фаци од времето на бирократскиот социјализам (здодевни, безлични и примитивни, во крајна линија), Мухиќ сепак има што да каже и притоа е јасен, прецизен, концизен (не баш сите негови јавни настапи досега го имале квалитетот на концизност, но господинот Мухиќ, очевидно, работел и врз тој аспект на јавниот настап), сосема колку што треба е опуштен (не дозволува да биде изваден од својот хармоничен такт) и шармантен (без претерано кокетирање, за што исто треба одредена суптилност); со еден збор, сега за сега Мухиќ е видливо супериорен на „групните изложби”, но можно е тоа да е резултат и на слабата конкуренција.

Еден од оние што се слаба конкуренција е и Атанас Вангелов, на пример, СДСМ-интелектуалецот, кој теориски би требало да му парира на жовијалниот филозоф/реторичар. Често кавгаџиски расположен, често неумесно ироничен и импулсивен, со преголема желба да биде експониран (што покажува слаба контрола врз поривите и што е меч со две острици), Вангелов има слаби шанси во јавните дуели со личности од типот на Мухиќ. А можеби, пред сè, Вангелов лошо изгледа; има грд, чиновнички костум, секогаш ист, и ги има катастрофалните врвци за очилата (со кои се слика дури и за корици на книги), кои самите за себе тотално би уништиле било каков јавен настап, бидејќи такви врвци за очила не би си дозволила ни слепата баба-плетачка крај каминот.

Кога сме кај облекувањето треба да се споменат и катастрофите од ДА - Јован Андонов со белите чорапи и ужасните чевли, женската кралица на невкусот Кипријанова (изгледа ко чипкана фигуричка за торта, круто и стегнато), или вообичено ноншалантно „аљкавите” Тупурковски и Столе Попов. На ДА дефинитивно им треба моден советник во кампањата.

Друг, пак, екстрем се кицошите од СДСМ (пред сè, Ханџиски и Црвенковски, или младиот Камчев) со нивните скапи одела што едноставно психолошки не им прилегаат; таков карактерен профил и такво лице во таков костум често делува несоодветно до карикатура и токму фино ја покажува класната и социјална дисбалансираност на нашето општество, каде што одредени луѓе едноставно прерано и потполно неподготвено ја добиле шансата да бидат статусни симболи.

Од сличен „моден проблем” страда и Љубчо Георгиевски со својот типичен изглед на млад роднина од село што дошол на градска свадба. Иако, да бидеме праведни, во Скопје речиси и не постои такво нешто, „градска свадба”, така што пак доаѓаме до средиштето на нашите, меѓу другото, и модни неволји: едноставно не постои некаква попрофилирана култура (или социјална класа) што би ги санкционирала (барем во смисла да не се доберат до некаква екстремна политичка моќ) прост(акл)аците од секаков вид.

За да се развива имунолошкиот систем на општеството и за да јакне неговата стабилност, не е доволно да постои арбитрарна дворска културна врхушка (која, изолирана, обично завршува во декаденција и кич) туку треба да постои голема и образувана средна класа. Токму онаква средна класа каква што кај нас не постои и врз чијашто фантомска празнина ги уцртуваме линиите на чудниве феудално-капиталистички изборни игри деновиве.