20
СТУДЕН ПОЖАР
09.10.1998
Кога на екранот гледате креатури (искреирани во мрачните атељеа на
сакатите, според приказните, куклари) од типот на Латас (кукла на
конци, се разбира, не куклар), неизбежно си приспомнувате на една
Марфиева мудрост: „Најлошото ѓубре секогаш настојува од ТВ-екранот
да го потисне обичното ѓубре”.
Таа „мудрост”, инаку солидно применлива за нашите гласила воопшто,
станува безмилосно точна кога станува збор за изборите. Иако
учесниците во овој изборен карусел од кој глава боли, вредно се
трудат да дадат сè од себе, токму истиот факт, имено нивната
соголеност и изложеност, ги демистифицира посочените изборни играчи
до степен на карикатура. (На пазарот за робови повеќето наши
кандидати за пратеници комплет со нивните партиски главешини тешко
дека би нашле купувач; освен како храна за аренските лавови.) А за
грдотијата на понудата овојпат придонесува и не многу инвентивната
кампања, која, пак, веројатно е резултат (освен на празните глави
опиени од близината на единствената релевантна моќ во државава -
политичката) на немањето доволно пари. Главна фалинка на целата
кампања, би можело да се рече, е недостатокот на полуцидни идеи. Тоа
се забележува и во спотовите: СДСМ, и покрај солидната продукција
(=пари) останува во својот препознатлив стил што се базира на
штосови и мангуплак, без посериозни креативни исчекори во рамките на
севкупниот имиџ. Ако фино нашминканата површност и илустративност и
се очекуваат од креативниот тандем Мирко и Славко (кои полецка
стануваат локални пропагандни махери), тогаш нивниот претпоставен
супервизор во кампањата, господинот Унковски, би требало да се
погрижи за малку повеќе дух и мудрост во пропагандните пораки.
ВМРО-ДПМНЕ има сличен проблем, но уште попродлабочен; имено, нивните
спотови страдаат од синдромот на немање идентитет; „словенечка
реклама” (илјада пати видена) со логото на ВМРО - тоа тешко се
голта. Во поривот да станат „питоми” и „испеглани” луѓето од ВМРО
ризикуваат обезличување. Оваа партија инаку е и сериозен кандидат за
најглупавиот спот во кампањата, со девојчето што го дигаат во вис.
(Нивните коалициони колеги од ДА, пак, се кандидати, за најглупавиот
плакат, со клучот за 21 век - банална илустративност, графички
несоодветно решена.)
ЛДП, сега за сега, исто така има прилично лош визуелен настап, во
кој главен проблем е неавтентичноста. Дури и обично спонтаниот Андов
делува мошне лажно во „канцеларијата на тимот”, а Гошев по обичај е
најсмотан. Ниту „младите сили” не го поправаат впечатокот: зрачат
празно и лажно. (ЛДП сепак има, вообичаено, најконзистентна и
најпрофесионално водена кампања, со добар тајминг и фино
надополнување меѓу новинските реклами, плакатите и спотовите.)
ДА имаат неколку солидни спотови, но исто така - без хумор и без
вистинска поентирачка идеја.
Социјалистите имаат убедливо најлоша кампања, а некои нејзини делови
се просто антологиски по својата глупост (Блер, Митеран и Ѕинго).
Останатите партии во своите претставувања остануваат во рамките на
дилетантизмот, што впрочем ù прилега на една земја која нема никакви
пософистицирани искуства во сферата на адвертајзингот и маркетингот.
На крај, за да го оправдам насловот на овој текст (а и да отворам
еден сосема нов ракурс врз тривијалните случувања што секојдневно нè
толчат), ќе наведам неколку стиха од една постара песна на Петре М.
Андреевски, „Студен пожар” (1960), коишто деновиве сосема
тенденциозно ги препрочитав низ визурата на предизборната треска:
Кој би го спречил нападот
на белите инсекти
за назад крилја што немаат
(...) Студен пожар
играорците ги доближува
играјќи за нешто изгубено
(...) За дел од своите раце
тогаш правам малечка одаја
во млака вода што се распаѓа
|