21
ШУМОТ Е КРАЛ НА СИТЕ ИНФОРМАЦИИ
23.10.1998
Мали се шансите и вториот круг на изборите да го поправи општиот
впечаток кој гласи: општа испумпаност. Како, најпрвин, на
политичарите (драстичен пример: ЛДП, со безличната кампања и мошне
анемичниот лидер), така и на медиумите (дури ни циркузантите од
типот на Латас веќе не го привлекуваат вниманието); а можеби пред
сè, општата испумпаност се чувствува кај луѓето, избирачите.
И во таа смисла се чини дека општествената свест созрева: сè повеќе
луѓе сфаќаат дека никој нема на тацна да ни донесе повисок стандард
и приклучок кон фамозната Европа, сè додека сме онакви какви што
сме, на своите работни места, во своите семејства, пред огледалото.
Како што ни социјализмот не беше идентитетски еликсир, така ни
хипертрофираното национално чувство не значи ништо друго освен
фрустрација и немоќ.
Таква слика ни даде и долгоочекуваната предизборна дебата на
политичките лидери. Веќе рековме: Гошев - симбол на општата
политичка дезориентираност, со своите комични вадења на некакви
графикони, коишто суровиот режисер на МТВ никако не сакаше да ги
зумира држејќи се до својот крут и недосетлив но праведен режисерски
ракопис (слично се однесуваше и водителот Чомовски).
Бранко Црвенковски - со крајно ублажен мангуплак, но уморен и
исплашен (ако и постои некаква страст кај СДСМ таа е повеќе
негативна и произлегува од страв; еден друг карикатурален пример на
негативна страст предизвикана од омраза и нервоза е мошне
експонираниот новинар, Никола Младенов, кој остави впечатлива но
малку налудничава трага во дебатната емисија на новинарската
„елита”, ден пред дебатата на политичките лидери).
Љ. Георгиевски - припитомен, лаик за економија, но суптилен демагог
(како и супериорниот Тупурковски) и се чини конечно созреан.
Тупурковски остави најдобар впечаток, но и во неговиот случај
испадна дека харизмата му ја надуваа „латерално”, и тоа токму
глупавите режимски новинари чијашто потреба по сатанизација овојпат
се покажа контрапродуктивна.
Ѕинго како да испаднал од кадровскиот шинел на балканскиот месар од
Србија: анахроно и примитивно, но поучно, во крајна линија, како
потсетник на изминатото време и на балканскиот парохијален
менталитет.
Алити - слично дезориентиран како Гошев и Ѕинго.
Џафери - етничка легитимација како единствен идентитет. Барем од
него очекувавме повеќе итрина, во смисла интересите да не се
протуркуваат фронтално, со бука и бес, туку софистицирано, во стилот
„да зборуваме за образованието, не политиката”, на пример. Но, ако
Тупурковски дојде на власт, веројатно ќе се промени и модниот стил
на политичарите, така што мангуплакот што на голема врата го
промовираа Фрчковски и Црвенковски, конечно ќе биде заменет со
„византизмот” (слаткоречиво и дискретно).
***
Интересно е кога овие седуммина лидери ќе се измиксуваат со
седуммината новинари (мошне влијателни во обликувањето на јавното
мислење) чиишто клинч го гледавме на А1, вечер пред лидерите.
Латас и Младенов, барем како ТВ-фаци, дефинитивно се опасни и при
нивното појавување децата треба да ги тргнете како пред порно-филм.
Првиот е демагог до повраќање, а вториот блуе оган и навака и
натака, повеќе воден од своите слаби нерви отколку од некакви
морални или професионални принципи.
Сличен високоризичен тип е и Ерол Ризаов кој во секој момент е
спремен за политичко салто-мортале, сакаш на лево, сакаш на десно,
само НИП-от да остане единствен чувар на светите национални вистини
за веки веков.
Кабрамов и Дамевски - наивни и нерелевантни во дебатата, слично како
и епизодните женски ликови, Трајковска и Блажевска („Младенов! Ушите
ќе ти ги истегнам ако не се смириш!”, залудно се обидуваше сиротата
Трајковска пред забрефтаниот Младенов).
Да не го знае човек контекстот и фактичкото влијание на посочените
седуммина новинари би се шокирал што воопшто бараат на телевизија
тие изгубени тутурутки.
***
Така текстов го направи својот лак: не ни е сјајна работата, ниту во
политиката, ниту во медиумите, ниту во економијата. Позицијата, пак,
од која го пишувам не е дувло за попување, туку применет
меклуановски принцип: „Содржината на секој медиум се претходните
медиуми”. Така што, и овој текст е само уште еден прилог кон шумот,
кралот на сите информации. Во крајна линија, пак според Меклуан,
медиумите и не се преносници на некакви културни или идеолошки
содржини, туку создаваат свој сопствен свет кому само како суровина
му служат настаните од „овој свет”.
Ете мала утеха, да не се сфаќаат нештата пресериозно, а и препорака
за повремена медиумска апстиненција.
|