22
МАГЛАТА Е ЈАВЕН СЕРВИС НА МРАКОТ
06.11.1998
Што беа главните медиумски карактеристики меѓу двата изборни круга?
Лидерскиот ТВ-дуел го доби Љубчо Георгиевски со, отприлика, 5-1, и
со пет, шест нерешени рунди. Ноќта на изборното случување и А1 ТВ и
МТВ ја дочекаа неподготвено, без вклучувања на репортери по улиците,
туку со сосема несоодветни (за времето и приликите) разговори за
„естетиката на кампањата” и слично. Но, она што јас го сметам за
најважно и најзагрижувачко во предизборната кампања е големата
пристрасност на режимските медиуми.
Начинот на којшто се обидуваа да ја сатанизираат опозицијата ги
надмина не само границите на непрофесионалноста, туку навлезе и во
зоната на едно „лудило со систем”, кршејќи ги нормите дури и на
најобичната човечка пристојност (Сител, на пример, во своите вести
во 18.00 го прогласи Тупурковски за луд затоа што во ноември оди со
кратки ракави!). Така што, секој оној што деновиве се бави со
работата на македонските медиуми, особено оние од сферата на
„јавниот сервис” (коишто ги плаќаме од нашите џебови, преку
даноците) неизбежно мора да реши: дали има морално право да ја
премолчи големата пристрасност што „државните” гласила ја покажаа
спрема СДСМ при следењето на изборите. Дури и радио-вестите во 15,30
(некогаш реткиот бастион на колку-толку коректно информирање среде
информативниот мрак што го создаваа „општествено-политичките
работници”, новинарите) станаа разгласна станица на режимската
политика (со по три коментари контра ВМРО-ДА во една емисија!),
носталгично потсетувајќи нè на касарнските звучници и обврзното
гледање вести. Коишто, пак (ТВ-вестите) баш и не се разликуваа од
дневниците во оние среќни времиња кога јасно, чисто и без големи
двоумења преку ТВ-екранот нè информираа што треба да сакаме
(партијата и еднаквоста), а што да мразиме (различните мислења и
разнообразноста воопшто). За ужасната, потоната во тотална
непрофесионалност и избезуменост од страв, „Нова Македонија”
(комплет со манијакалните „Пулс” и „Вечер”) воопшто и да не
зборуваме. (А ги спомнувам исклучиво заради тоа што таму лежат и
нашите даночни пари; инаку навраќањето на такви четива е знак на лош
вкус.)
А можеби најмногу од сè иритира фактот што таквите гласила нас,
читателите и гледачите (т.е. избирачите) нè третираат како дебили.
Новинари сосема искомпромитирани со својата квази-аналитичност
(Латас или Зоран Петров, на пример, кој сите истражувања на јавното
мислење кои не се согласуваа со оние на „Дата-прес” ги прогласи за
нестручни; а испадна дека прогнозите на „Дата-прес” не само што беа
непрецизни туку комични) повторно, меѓу двата изборни круга, прават
најразновидни пируети и салта-мортала (кинески циркус, богами, на
тоа заличува кутрата јавна сцена, да можеш раката низ чмар да ја
бутнеш па да си ги затвориш очите, додека со другата рака бабата се
чешла, се разбира), упорно убедувајќи нè дека сите сме гласале за
СДСМ, освен купчето изгубени несреќници, предавници и изроди кои,
што има да се секираме, ионака се минорно малцинство.
И повторно, иритира апсолутното отсуство на пристојност, коректност
и фер-плеј. Дури и да е така, да речеме, како што од ден на ден
жестоко нè убедуваат режимските медиуми: во оваа земја постојат само
СДСМ и ВМРО, т.е. ни тие не постојат, туку постојат само (добриот ко
Црвенкапа) Бранко и (злиот ко волк) Љубчо; велам, дури и да е така,
факт е дека најмалку една половина од избирачкото тело не гласала ни
за Љубчо ни за Бранко; и сите тие луѓе (кои редовно даваат пари за
МТВ, пак да речам) во неверојатно арогантните коментари на таа куќа
- не постојат! Или Бранко или Љубчо, друго нема!
И уште една работа: дури и две третини од земјава, дури и 99% (ко
што добиваше Ким Ил Сунг и нему сличните) да се за нааканите типчиња
Бранко и Љубчо (и двајцата симболички и психолошки претставници на
дрската „транзициона” нова класа што гази сè пред себе, но и
двајцата со карактер на „стопани”, играјќи на
патријархално-руралната црта на Македонецот), велам, дури и да е
така (Македонија во грч да ги прекршува рацете над двете тривијални
икончиња Љубчо и Бранко) пак останува: имајте респект кон
малцинското мислење! Особено ако сте „јавен сервис”: бидете
пристојни, нетриумфалистички, несатанизирачки, ладни (што не значи
крути и недуховити) и умерени.
Зелените во Германија со 6% од гласовите масовно го привлекоа
јавното внимание во цела Европа и пошироко. Германските либерали,
пак, 50 години решаваат за светските економско-политички текови
(поради влијанието на Германија) без притоа да ја надминат
поддршката од 10% од гласачкото тело.
Кај нас, со крајна безобзирност, игноранција и ароганција се отфрла
успехот на партија која за неколку месеци успеа да освои 11% од
гласачите! И таквите наши политички „аналитичари”, без елементарно
чувство за најобична граѓанска коректност (настрана „аналитичноста”
што наликува на делириум тременс) - не само што врескајќи се
појавуваат од своите дупки, туку очекуваат и да им поверуваме!
Затоа, дами и господа уредници, ве молам, кога веќе во земјава на
политичкиот пазар ни се нуди еден крајно сиромашен избор (без
зелени, без вистинска „евро” левица...), тогаш барем не дозволувајте
на оној другиот пазар, на идеите, на информациите, да завладее
замрачување на хоризонтот.
На крајот на краиштата, дури и во вековните демократии (Англија, на
пример) политичката мапа не е еднаш засекогаш зацртана, туку е во
постојани и суптилни турбуленции; нашата политичка мапа, и покрај
можеби оформените контури, допрва ќе се создава и менува. Лично, во
оваа еколошки и културно опустошена земја, во новиот век ги чекам
зелените.
|