23
ВПИШУВАЊЕ НА СЕБЕ
20.11.1998
Посредникот го создава законот. Медијацијата ја одредува природата
на пораката, односот има предност над битието. Со други зборови,
телата мислат, а не умот. Присилата на инкорпорација ги создава
корпорациите - тие посреднички тела и установи на знаењето,
нормирани и нормативни, кои ги нарекуваме училишта, цркви, партии,
задруги, друштва итн.
(Режис Дебре)
Оваа рубрика сè повеќе гравитира кон сферата на медиумите воопшто,
не исклучиво кон телевизијата.
Иако, треба да се каже, пишувањето за медиумите во најмала рака е
чудна работа, најмногу поради прашањето: од каде му е правото на
пишувањето да говори за другите медиуми? Дали во рамките на
Западната култура јазикот е некаков тип на метамедиум, кој во себе
ги содржи сите изминати и идни медиуми? Можеби тишината на читањето
го создава тој имагинарен простор каде што јазикот како да ја
надвишува буката на масовните медиуми? Спротивно од колективните
обреди на восприемање (проповед, театар, филм, ТВ, стадион итн.)
читањето се одвива во еден простор на осаменост кој остава впечаток
дека читателот е единствениот што ја прима медиумската порака.
Во секој случај, како што во својата книга Медиа Архив велат умните
субверзивци од агентурата Bilwet, пишувањето за медиумите не може да
се смести никаде другде освен во самата медиумска мрежа. „Дури и
оние коишто веруваат дека со некој херојски гест можат да се
постават себеси вон мрежата и на тој начин да ја порекнат семоќта на
медиумите, остануваат само некои од многуте медиумски ликови. Таа
чистунска, старомодна амбиција, како впрочем и секоја друга, ќе
создаде конечен производ што ќе биде вклучен во универзалниот
медиумски архив.”
Ете, тоа е судбината и на оваа рубрика: уште еден умножувач на
шумот, уште еден произведувач на информативна врева, додуша со нешто
поразвиени интроспективни сетила и со нешто подзасилена
авторефлексивна свест.
***
Зборот ми беше: што мислите, во ова време на сервирање на
разно-разни владини состави (од разно-разни кујни), каква влада би
можеле да понудат новинарите? Притоа не мислам на некаков нивен
експертски избор (ги знаете оние фудбалски „репрезентации на
новинарите”), туку на владина екипа од редовите на самите новинари.
Со самото тоа што се компетентни да ја оценуваат работата на
владата, новинарите теориски би можеле и да ја водат. Но, дали е баш
така? Сетете се на грозно безличните извештаи, што се сведуваат на
папагалско повторување на фразерските реченици на владините
функционери. Цели (информативни, но и владини) сектори од типот на
образование, здравство или култура (за науката да не зборуваме,
чиста езотерија) всушност немаат свои новинари-аналитичари! Имаат,
главно, препишувачи од прес-конференции и луѓе што се брифирани и
шуткани од центрите на моќ, во зависност од дневниот распоред на
силите. Упатени, компетентни луѓе со автономни способности за
резонирање - ретко ќе најдете кај новинарите, освен ако ги исклучите
сезнајовците што се бават со (главно, кадровска) политика.
И после велиме: лоши министри. Со оглед на тоа како нестручно се
следи нивната работа (еве пример од сферата на „културата”: новинар
повикан на турнеја од некој театар или издавачка куќа, се чувствува
обврзан да пишува апологии за оние што му го платиле службениот
пат), министрите дури се и добри.
Затоа: ако сакате добра влада, бидете добри новинари. Што значи:
компетентни, аналитични, непристрасни и мошне внимателни при
проверката на информациите од „бочните сервиси” (ако веќе ве
вовлечат во хајка, барем побарајте го мотивот на „убиецот”). Во
крајна линија, овие совети се само прагматична верзија на славните
зборови: не прашувај што може твојата земја да направи за тебе, туку
што можеш ти да направиш за својата земја. За почеток, ни земјата не
е битна; направи нешто за својата професија.
|