Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 23        # 25
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


24

СО УСНИТЕ МРДА, НО НЕ ЗБОРУВА

04.12.1998


„Уметникот е антена на родот”, вели Езра Паунд. Си приспомнувам на тоа гледајќи ги деновиве зачестените јавни појавувања на уметниците Александар Станковски и Љубиша Георгиевски, по повод нивните нови дела, филмот Маклабас и драмскиот текст Филоктет.

Широк, метафоричен, дигресивен, но и „темен”, често параноичен и конспиративен е говорот на „потешките” уметници. Дали масовните гласила трпат таков, мрачен, комплексен и пророчки тип на интелектуалност?

Ова прашање, на еден крајно несоодветен начин, деновиве го начна мајсторот на тривијалноста, еден наш познат карикатурист, грубо фрлајќи дрвја и камења врз сето она што, во суштина, не го разбира (како што вели самиот), затоа што излегува од неговите стеснети агитпроповски сетилни рамки, на кои е сведено неговото чувство за јавност и уметност.

Го спомнувам овде не затоа што простаклукот заслужува некое внимание (па ни негативно), туку затоа што уметноста воопшто како сè уште да го нема своето соодветно место во масовните гласила, и затоа што не мал број луѓе на позаплетканите, поенигматични типови на јавен говор (коишто кон гледачот или читателот не се однесуваат како учител кон учениче), имено, реагираат токму како и нашиот евтин популистички карикатурист.

Големиот гуру на медиумите, Маршал Меклуан, уметноста во медиумите ја гледа како систем за навремена тревога. Овој концепт за уметноста како пророкување мошне се разликува од раширената слика за неа како начин за просто самоизразување, вели Меклуан. „Како некаков антимедиум, уметноста повеќе од кога било досега станува средство за обука по согледување и расудување. Таа, како и секогаш, е смешна и снобовска ако се нуди како потрошувачки артикл, а не како средство за обука по перцепција.”

Велат, на пример, дека Шекспир во овие два стиха во Ромео и Јулија, како да ја имал предвид телевизијата:

But soft! What light through yonder window breaks? It speaks, and yet says nothing.

(Но мир! Што светна низ прозорот таму? Со усните мрда, но не зборува.)

Да заклучиме: дури и ако го провоцира гневот на мајсторите на тривијалноста, говорот на уметниците какви што се, на пример, Ацо Станковски или Љубиша Георгиевски (како некакви „пророчки прототипи”, мошне ретки кај нас), е повеќе од неопходен во гласилата, ако ништо повеќе барем како мал отпор против општата банализација-канализација (во банана-државата по име Маусдонија, а и пошироко).

** *

Треба да се поздрави враќањето на Горан Величковски на ТВ-екраните. На новата телевизија, Канал 5, тој ја води емисијата „Во име на народот”. Величковски е еден од најталентираните ТВ-водители кои се појавиле последниве години и вистинска штета е што ниту во МТВ, ни во Денес, ни во Канал 5 не постојат посуптилни главни уредници кои склоноста на Величковски кон емоции и популизам ќе ја направеа поделикатна и повнимателна. Без да ја задушат, се разбира. Но, и вака, препуштен исклучиво на својот новинарски нерв, Величковски е меѓу најзабележителните ТВ-новинари, со јасно видлив стремеж да биде нов, различен и неконвенционален. Веќе тој стремеж (во ова мртво медиумско море со уредници-политиканти и полицајци, не многу различно од среќните комунистички времиња) го издвојува Величковски од множеството или приковани за фотелјите или исплашени и послушни новинари.

За издвојување, во позитивна смисла, е и Роберт Поповски од Телма, новинар кој го направи најдоброто интервју (меѓу многуте деновиве) со слаткоречивиот Саво Климовски. Без ниту едно соголено провокативно прашање, студен, добро подготвен, во фин ритам на прашување, во ниедна секунда не дозволувајќи да биде заведен од шеќерните плотуни на политичарот, Роберт Поповски успеа благо да го вознемири првиот парламентарец и со тоа на најдобар начин да ја заврши својата новинарска работа.