25
КРАТИ, КРАТИ, ДА ТИ СЕ СКРАТИ!
18.12.1998
Масовните гласила - печатот, телевизијата, радиото, филмот - имаат
многу сличности, но и многу меѓусебни разлики. Само површно ќе
допрам дел од нив, и во позитивна и во негативна смисла, и кај нас и
надвор.
Една сличност на визуелните медиуми кај нас ме ужаснува: кинењето на
одјавните шпици. Овој грозен обичај е одомаќен како на домашните
провинциски телевизии, така и на кобајаги „професионалната” МТВ.
Особено загрижува што и во кино го прават истото. Залудно се
обидувате да го прочитате името на авторот на музиката или
костимографот во филмот - ете ти ги идиотите со ножици, коишто на
таков будалест начин ја сфатиле брзината на медиумот: ја кинат
шпицата за набрзина да бутнат реклама. Шпицата е дел од делото, со
нејзино скратување го оштетувате делото - „тоа е толку елементарно.
драг мој Вотсон!” Што друго да им се каже на шнајдерите, освен: „Да
ти се скрати, мајсторе!”
Слична некултура владее и во печатените гласила. „Професионалната”
Нова Македонија со години препишува текстови од белградската
Политика (тн. „странски печат”) без да го наведе името на авторот на
текстот. Кон тој лоповски и дилетантски обичај се придружуваат и
колегите (иста новинарска школа) од Македонија денес, користејќи го
истиот извор (Политика), повторно без да го наведат името на
авторот, но и со просто катастрофални преводи, во лекторска и
коректорска смисла. На тој начин ја шијат (кога сме веќе кај
шнајдерајот) традиционално агитпроповската Нова Македонија, за која
авторството, индивидуализмот, личниот новинарски стил, потписот, на
крајот на краиштата, никогаш немале предност пред безличните
соопштенија од канцелариските дувла.
За многу ниската медиумска култура во нашите весници сведочат и
безбројните непотпишани графички прилози и фотографии, како на
уредниците и понатаму да не им допрело до свеста дека печатените
медиуми во огромна мера се потпираат на ликовни и графички
вредности.
Пред повеќе години во Торонто бил направен експеримент за да се
процени едукативната моќ на различни медиуми. Четири групи студенти
едновремено добиле ист текст; едната го добила преку радио, втората
преку телевизија, третата група на предавање, а последната преку
читање. Освен на читачката публика, текстот го пренел ист говорник,
без дискусија или користење табла. Секоја група по половина час го
следела текстот. Потоа студентите во групите пополниле еден
прашалник. Се покажало дека студентите постигнуваат многу подобри
резултати со помош на телевизиски или радио соопштената информација
отколку со помош на печатот или предавањето. Притоа, ТВ-групата
постигнала значајно подобри резултати од радио-групата.
Наскоро, во други четири случајно избрани групи, експериментот бил
повторен, но овојпат на начин секој од четирите медиуми да може да
ги истакне своите особености, т.е. во случај на радиото и
телевизијата текстот бил драматизиран со мноштво слушни и ликовни
дејства. Предавачот ги користел таблата и дискусијата, а печатената
форма со помош на типографијата и дизајнот ја нагласила секоја важна
точка во текстот. Резултатите од првиот експеримент главно се
повториле: телевизијата и радиото биле многу поефикасни од печатот и
предавањето, но овојпат радиото значајно ја надминало телевизијата.
Меклуан тоа го објаснува со помош на концептот за студени и жешки
медиуми. Телевизијата е студена, радиото е жешко, телевизијата не
трпи изразити драматизации и остри испади, за разлика од радиото.
Во случајот на телевизијата, екранот, всушност, е самиот гледач.
Него го бомбардираат околу три милиони точки во секунда, кои ја
исполнуваат неговата „душокожа со потсвесни навестувања”. Тие лесни
импулси, Џемс Џојс, најголемиот писател на веков, ги нарекува „Јуриш
на светлосната бригада” (Change of the light brigade), поигрувајќи
се со значењето на зборот „лигхт” (лесен, но и светлосен). Речиси
како Гуливер прикован за тлото со трите милиони лилипутантски
стрели, „компирот на кауч”, ние пред телевизорот.
|