Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 25        # 27
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


26

ГОДИШЕН ИНВЕНТАР

31.12.1998


Свесен за своите ограничувања и за неизбежните пропусти во едно вакво бегло годишно одбележување на најзначајните, според мене, ТВ-случувања, сепак се решив да понудам неколку имиња во конкуренцијата за најголеми светулки и мракови во 1998-та. Не одев толку во широчина, колку во „квалитет” (па и во негативна смисла), пред сè обидувајќи се да нафрлам контури на општата слика и да ги фатам парадигмите и тенденциите.

Нашите телевизии во 1998-та не се разликуваа многу од 1997-та. Зрачењето на светулки и мракови, горе-долу, беше подеднакво распределено, иако 1998-та имаше отежнувачки фактор (што предизвикува зголемено зрачење на мрак): изборите.

А1 најпрофесионално и најкоректно го проследи клучниот општествен настан годинава, додека МТВ тие денови често делуваше дезориентирано и расплинато (дури и една од ретките „позитивни фаци” во МТВ, Александар Деловски, изгледаше подизгубено меѓу бескрајно бавните компјутерски прикази). Сител одигра комична улога, но во суштина опасна поради драстичното снижување на моралните стандарди.

Мракови

Драматични промени во „електронската јавна сфера” (од типот на потресите во „Нова Македонија”) не се случија, иако МРТВ во голема мера - не само поради пристрасноста во предизборието - заслужи и проветрување и протресување од бирократската зачмаеност. Оваа година беше уште една загубена и губитничка година за МРТВ. Раководството на таа куќа (Трајковски/Мицевски) ќе остане запаметено во историјата на македонските медиуми по најголемиот гаф (најголемиот мрак) што го направија: растурањето на емисијата „Без наслов”. Со тој идиотски потег куќата остана без својата најдобра политичка емисија, без своите најдобри новинари, и едновремено со истите тие новинари толку ги зајакна конкурентските ТВ-куќи што самата ризикува пропаст (во смисла на гледаност). Глупост невидена, буквално со историски последици во медиумската сфера, и мошне деструктивна по самата МРТВ.

Друг пункт во МРТВ од каде што се растураа кревките професионални традиции на нашето новинарство беше Македонското радио. Порано бастион на малку попристоен журнализам, под уредништвото на Клинкаров Македонското радио стана еден од најгнилите медиумски столбови на општеството. Дури и некогаш сериозниот радио весник во 15,30 часот, беше претворен, особено во предизборната кампања, во агитпроповско ѓубре.

За жал, вработените во тие мастодонтски куќи немаат влијание врз уредувачката политика, дури и кога таа води во неизбежна пропаст. Кому да се испорачаат штетите за изгубениот професионален дигнитет на МРТВ или „Нова Македонија”? На собранието, кое ги избра легендарно лошите уредувачки тимови?

Но, нема врска; сето тоа народот ќе го позлати, така ли, во тактот на електричното ТВ-броило (во глава те штроило, за гноиво).

Кога го спомнуваме броилото, знае ли некој чуму служи Радиодифузниот совет? Ако постои само за да имаме уште еден контролен сервис на власта (која и да е), тогаш фала, не ни треба, особено затоа што ние го плаќаме. А како човек кому му одземаат пари за ТВ-претплата, сакам да знам, до денар, во прегледни и секому достапни извештаи, каде заминаа парите од претплатата. Прво извештај за парите и сработеното годинава, а после планови за следната, тоа е нормален тек на работите. Мој впечаток е дека досегашната работа на Радиодифузниот совет е незадоволителна, во смисла на немање јасни ставови и во смисла на (не)транспарентност. За жал, ним, како арбитри, тоа нема кој да им го соопшти. Инаку, да не бидам погрешно сфатен, мислам дека, теориски, улогата на Советот, е мошне значајна и дури неопходна за која било цивилизирана средина што ги развива услугите на јавниот сервис. Само што нашиот Совет сè уште не е таков.

Кога сме кај мраковите, не може да не се спомне ТВ-Сител и фамозниот Латас, во оваа рубрика носителот на најголем Мрак за 1997 (заедно со колегите му Вучиќ и Трпески). Латас, во смисла на зрачење ветар, магла и мрак, не потфрли ни во 1998-та, но раководниот тим на МРТВ во неизвесен финиш за влакно му го лапна големото гнило јаболко (за декорирање на печени прасиња) и титулата „Мрак над мраковите”. Емисијата на Латас е и добар барометар за политички рејтинг; кој се најде таму, неизбежно оди надолу, па и ако привремено зашиба угоре (пример: Климовски). Можеме само да се надеваме дека мртвото друштво на политички сплеткароши ќе остане скраја од реалната моќ; но за стравот од опскурните фигури да остане жив, тука е Латас, да нè потсетува на благотворните влијанија на политичари од типот на Шешељ и Жириновски. Шегата настрана, опасноста од таквото вулгарно (демагошко и популистичко) новинарство е реална и не треба да се потцени.

Светулки

Телевизијата А1, после лошата 1997 година, како повторно да го пронаоѓа својот разнишан идентитет. Годинава, особено во втората половина, А1 ги правеше најдобрите ТВ-вести во земјава (сјајна тимска работа на повеќе новинари), радикално менувајќи го самиот концепт на ТВ-дневник: наместо тврда политика многу повеќе животни стории, теми од цивилниот живот и одлични прилози од економијата. Освен тоа, внимателно избраните прилози од странските телевизии исто така значајно придонесуваат за граѓанскиот и демократски „шмек” на таа ТВ-куќа. А да не зборуваме за спортската редакција на А1: три копја над сите други, и фала му на бога што е така, затоа што повеќето спортски новинари на Сител, пред сè, но и на МТВ и Телма, се иритација за уши.

Телма исто ќе ја вброиме меѓу „позитивците” годинава (а конечно стигна и опремата!), иако на таа телевизија ù недостасува малку повеќе препознатливост (во дизајнот, во носечките новинари итн.). Треба да се пофалат и филмската програма на Телма, како и новите вести, кои ќе бидат предизвик за конкуренцијата.

Конкуренцијата значајно ја засилува и новиот Канал 5. Со јасна и концизна ТВ-шема (она што некогаш беше доблест на сега потпропаднатата Сител), но и со мошне солидната кадровска политика (Величковски, Трендо и Логин, некои спортски новинари преземени од А1 итн.), Канал 5 за кусо време успеа да заземе значајно место во етерот. Башка, која било телевизија што ги емитува „Симпсонови” - па и само поради тоа! - заслужува пар светулки.

Личности и емисии

Дека во МТВ работите не функционираат како што треба, доказ се и сценографиите на емисиите. Букви од стиропор, лош мебел, лоша позадина, лошо светло - карактеристики се на повеќето живи емисии на МТВ. Најлоши се политичките, а меѓу нив веројатно најлошата емисија годинава беше ТВ-прес, со Снежана Наковска. Таа новинарка можеби може да води програми од типот Семејно попладне, но за политика дефинитивно нема никаков талент ни упатеност. Понекогаш просто беше жално да ја гледа човек, заталкана и неука, среде разјарените гладијатори од политиката и новинарството. Но, поставувањето на такви новинари на такви места, исто така доволно зборува за уредниците и махерите во сенка.

Чиста спротивност на Наковска, во позитивна насока, е Оливера Трајковска, веројатно ТВ-личноста број еден, годинава. Стрпливо градејќи го профилот на својата емисија „Црвена линија”, внимателно избирајќи ги гостите и темелно подготвувајќи се за нив, Трајковска постави висока „црвена линија” за конкурентите со слични емисии. Освен тоа, Трајковска дефинитивно сфаќа што е телевизијата: изглед, шминка, тон, сцена. Иако и на неа и на нејзиниот режисер им се случува таа да биде фатена како ѕвера во празно, во досада, или со изгубен поглед, или како гостинот почнува хипнотички да ја дави водителката. Но, и слабостите на Трајковска (понекогаш дозволува да биде заведена од некој вешт соговорник) се предизвик за гостите: да ја шармираат и разоружаат. Со што таа однапред добива потентни соговорници, кои се борат за нејзината наклонетост, т.е. за „љубовта” на гледалиштето. Таа еротска компонента што свесно или несвесно е вградена во „Црвена линија” (и која е една од суштинските „тајни” на телевизијата воопшто) е состојка што емисијата на Трајковска ја прави „поенергизирана” од другите. Сè на сè, Трајковска е далеку од перфекција, но работи мошне солидно и мислам дека ја заслужува, па и со оглед на минатиот вложен труд, светулката на годината.

Мошне сериозен конкурент за клучна светулка е уште еден новинар од А1, Зоран Стевановски, тивкиот и речиси невидлив човек што ги направи најдобрите дневнички прилози во 1998 година. Велиме тивок, затоа што кај Стевановски во апсолутен фокус секогаш е веста, и себеси речиси успева да се изостави од прилогот. Освен тоа, Стевановски е еден од ретките новинари кој строго внимава на ТВ-тајмингот: колку пократко толку подобро. Дефинитивно, Стевановски е „најзападниот” наш новинар, и тоа во најпозитивна смисла: не како лице што сака да се слика, туку како крт-работник што ги извлекува информациите, брз, деликатен (каков што на „улица” и треба да се биде), но и прецизен и решителен.

Од продукцијата на А1 ќе ја истакнеме и емисијата „Маргини”, пред сè во некаква ликовна и визуелна смисла (автори се Глигорова, Абјаниќ и Хоџа). Иако со доста фалинки (слаба писменост на телопите, претенциозност, несмасности на Глигорова...) „Маргини” сепак (во традицијата на некогашниот Сабвеј) ги поместува границите на медиумот и го внесува толку проретчениот експериментален дух на нашите телевизии.

Во тој домен, на неконвенционални медиумски исчекори од рутината, апсолутно супериорни се Трендо и Логин (ТИЛ), со својата емисија „Валкан експрес”, сега на Канал 5. Ако непредвидливиот Младенов (уредникот на таа телевизија) ги остави Трендо и Логин без политички дошепнувања, од ТИЛ допрва се очекува да го достигнат својот креативен зенит. Мој совет: дајте им најдобри можни продукциски услови, после К-15, ТИЛ се најдобрата ТВ инвестиција, и во смисла на дух и во смисла на популарност.

Општа слика

Генерално, годинава како да потфрлија, речиси кај сите телевизии, цели огромни програмски сегменти: детските, забавните, културните програми, филмовите. Играната и драмска програма веќе никој не ја ни спомнува, дури ни во МТВ. Тоа само зборува за страшната опседнатост на ова општество со политика, и за игнорирањето на сето друго. Повеќето детски програми, на пример, се благ хорор и би требале да бидат забранети заради експлоатација на деца во комерцијални цели. За психолошките и едукативни аспекти на тие програми треба да дојдат странски стручњаци и да нè укорат (кога веќе не се јавуваат нашиве, а Советот за радиодифузија дреме и ги брои парите). За грозно неинвентивните „емисии од областа на културата” придонесува небитноста на културата во ова општество. Дека тоа ни се крши и допрва ќе ни се крши од глава, јасно е; но толку работи ни ги поткршуваат главите во оваа земја, што - нејсе. Филмовите исто - бофл. Кој ги купува, како ги бира, дали воопшто некој ги купува и бира - кој знае. Важно, од 100 филмови неделно, ако се закачат пет-шест добри, полна капа.

Затоа и сликата на светулките и мраковите е таква: главно се поврзани со политиката. Иако се обидував и допрва ќе се обидувам колумнава да не биде уште еден разглас за соголени политички пораки. Или, се обидувам да биде разгласувач на малку поинакви (повеќе „автореферентни”, посвесни за ироничните игри) политички пораки, ако веќе прифатиме дека не само што нема бегство од политиката, туку дека политиката всушност е насекаде.