Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 26        # 28
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


27

ВЕК НА МЕДИУМИТЕ

15.01.1999


Доаѓаме до тоа еден збор да замениме со друг: “комуникацијата” со “медијацијата”. Веројатно ќе речете дека тоа е прилично безвреден резултат по петнаесет години работа. Но преминот од филозофијата на комуникацијата во филозофијата на медијацијата значи промена на елементите. “Медијаторот го заменува гласникот”: не ли е тоа формулата на христијанскиот пресврт? Парчињата од Меркуровата скулптура расфрлени пред распнатиот Христ?

(Режис Дебре)

Ако се дозволени лесни генерализации (а дозволени се, во ова време на огромни календарски ретроспективи): дваесеттиот век е век на медиумите. Пред сè, на радиото, телевизијата и филмот, но и век на телефонот, телеграфот, грамофонот (иако се измислени во минатиот век); дури и печатот, тн. гутенберговска ера, својот зенит го достигна во веков што изминува. Најпосле, во овој век се појави и машината што на некој начин ги синтетизира сите досегашни „општила” (медиуми): компјутерот.

Мирчеа Елиаде вели дека описменувањето (кое нагло се рашири со откривањето на печатарството, на крајот од 15-иот век) е извесен тип на десакрализација. Или, поинаку: „сè додека една култура нема писменост, таа сè уште ги поседува неопходните сакрални состојки”. Но, световното бивствување, додава Елиаде, никогаш не се наоѓа во чист вид. Дури и најдесакрализираното живеење задржува траги од религиозно вреднување.

Жив пример за парадоксалноста на развојот на медиумите и цивилизацијата (дали тие два збора се синоними?!) е телевизијата. Таа како да го помирува вградениот судир меѓу усменото, племенско и писменото, цивилизациско.

Можеби оттаму доаѓа неспоредливата моќ на телевизијата? Во фактот дека ритуалноста е здружена со технологијата, а фрагментарноста и осаменоста со глобалноста и масовноста?

Во тој поглед, општествово, како етнички и културен простор, исто така е интересен пример за прекршување помеѓу племенската и цивилизациската свест, меѓу „светото” и „профаното”. Едновремено со медиумската експанзија (особено последниве години, со збогатувањето на понудата), во Македонија снажно се одржуваат енклави на племенска свест, и во смисла на буквална неписменост и во смисла на медиумска изолираност. Не велам дека ова е лошо (на пример, метафората на Дерида за севкупната писменост е: трага на подот, вечно престојување во аналната фаза), туку дека нашата земја е згоден полигон за истражување на културни и антрополошки разлики. Традиционалната отпорност на луѓето од овие краишта кон културната асимилација, го отежнува и процесот на нивната „медиумска обработка”, така што земјава, во смисла на медиумско консумирање (пред сè читање книги и весници), далеку заостанува зад „цивилизираните” народи. Оттаму можеби доаѓа и кревкоста на нашите медиуми (дури и оние кобајаги најмоќните, МРТВ и „Нова Македонија”), што сè уште не успеале подлабоко да се ситуираат во свеста на „поданиците”. Велам, колку што тоа е лошо (слаба културна хомогеност), толку е и добро (разноликост, отпор спрема централните директиви). За нас, пак, што работиме во медиумите, работата се сведува на лошо: не само што пазарот е мал, туку и дополнително е стеснет заради историско-цивилизациската брзина со која, вака-така, чекориме во новиот век. Но, брзината, меѓу другите, ја одредуваме и ние, така што не би било фер целата вина за релативно бавното „цивилизирање” на овој простор да ја фрлиме врз политичарите (иако голем дел од вината им припаѓа токму ним).

За крај, ќе ги наведам зборовите што францускиот поет Ламартин му ги напишал, во 1831 година, на уредникот на едно списание, одбивајќи да пишува за него:

„Немојте во овие зборови да гледате охоло презирање на она што се нарекува новинарство. Далеку од тоа; јас и премногу присно ја познавам својата епоха за да ја повторувам таа бесмислена глупост, таа безобразна закачка на сметка на периодичниот печат. И премногу добро знам дека нему му е доверена работата на Провидението. Пред да истекне овој век, новинарството ќе го сочинува целиот печат - севкупната човечка мисла. После тоа баснословно умножување што вештината му го дала на говорот - умножување кое допрва ќе биде илјадакратно умножено - човечкиот род ќе ги пишува своите книги ден по ден, час по час, страница по страница. Мислата ќе се простира низ светот со брзина на светлината; во момент замислена, во момент запишана, моментно разбрана на спротивни краеви на Земјата - ќе се простира меѓу половите. Ненадејна, моментна, пламтејќи со жарот на душа што направила таа да бликне, таа ќе биде владеење на човечката душа во сета нејзина полнотија. Нема да има време да зрее - да се собере во форма на книга; книгата ќе стигне предоцна. Единствената можна книга од денес се весниците.”