28
ЗА НЕДОВЕРБАТА КОН МЕДИУМИТЕ
29.01.1999
Неодамна Советот за радиодифузија објави дел од своите истражувања
во врска со објективноста на телевизиската програма. Загрижува
фактот што довербата на гледачите кон ТВ-станиците е извонредно
ниска. Дури и оние станици на кои најмногу им се верува (ТВ-А1, на
пример), ја добиваат довербата на само триесетина проценти од
гледачите, додека оние најсомнителните (во смисла на доверба, како
Сител, на пример) добиваат некои мизерни и речиси неверојатни седум
проценти гледачи што веруваат во информациите што ги пласира таа
ТВ-станица.
Гласилата отсекогаш биле непроценливи средства за дезинформации,
пропаганда, полувистини и слични манипулации. Истакнуваат еден тип
информации и мислења, а потиснуваат други. Овој манипулативен аспект
на гласилата кај нас особено се засилува после „плурализацијата”,
иако и изминатите агитпроповски педесетина години стекнавме завидно
искуство на злоупотреба на гласилата. Во тој период гласилата ù
служеа на власта со тоа што имаа статус на политички институции.
Оттаму е, чинам, и денешниот јавен отпор (искажан низ споменатата
анкета) спрема „вистините” на информативните куќи, кои кај нас
отсекогаш биле поврзани со авторитарната власт.
Тука треба да се споменат и гласилата во улога на пес-чувар, вели
Марк Томпсон, извонредниот стручњак за темата „Медиуми и војна”.
Намирисувајќи ги заканите за власта и подигнувајќи тревога,
медиумите ги препознаваат, изолираат и неутрализираат стварните и
наводните критичари на режимот. Таа функција се спроведува како на
ниво на дискурс, така и со активна денунцијација. Моделот е
сталинистички: „Никој подобро од Сталин не сфатил дека вистинската
цел на пропагандата не е да убеди, туку да создаде едноличен модел
на јавни изјави во којшто првата трага на неправоверна мисла веднаш
се открива како расшивачка дисонанција”.
Тоа приближно беше и македонскиот информативен модел, чиешто
наследство во голема мера (низ индоктринираните луѓе, како поинаку!?)
го преземаа и новите приватни медиуми.
Но, има и еден друг аспект на работите. Фирдус Џиниќ, пионерот на
истражувањето на јавното мислење во Белград, вели дека неговото
триесетгодишно искуство укажува на заклучокот дека само 3 до 5
проценти од избирачите во Србија поседуваат основни претпоставки да
можат да ги следат општествените процеси активно и со полна свест,
да ги разберат и да учествуваат во нив. „За повеќето луѓе ТВ е
доминантен извор на информации што влијаат на општествената
ориентација”, вели Џиниќ, додавајќи дека само 7 до 10 проценти од
луѓето во анкетите со полна волја го искажуваат сопственото мислење
(без медиумско влијание).
Со други зборови, резимира Марк Томпсон: Кога луѓето соработуваат со
очигледна пропаганда, тие покажуваат прагматичен став спрема
политичката власт, став кој се пренесува со генерации.
Веродостојноста на медиумите и лековерноста на јавноста не можат да
се проценат одвоено од моќта.
Ќе завршиме со малку идеалистичките, но снажни и прецизни зборови на
Бертранд Расел од 1922-та година:
„Рамноправноста на можностите за презентација на сите мислења е
битна ако ја сакаме вистинската слобода на мислењето; таа може да се
постигне само со разработени закони насочени кон таа цел, но баш и
немаме причини да веруваме дека тие закони и ќе се спроведуваат.
Решението не е во законите, туку во подоброто образование и во
поскептичното јавно мнение... Треба да се поучува вештината на
читање весници. Учителите треба да покажуваат како вештиот читател,
од пристрасните гледања на засегнатите, може да заклучи што
навистина се случило, и да им покаже на учениците дека сето она што
го има во весниците е помалку или повеќе невистина. Така настанатиот
цинички скептицизам би ги направил децата имуни на оние идеалистички
повици со кои измамниците ги повикуваат пристојните луѓе. И
историјата треба да се изучува на истиот начин. На пример, кампањите
на Наполеон од 1813 и 1814 би можеле да се проучуваат според
текстовите во Монитеур, поради кои Парижаните биле изненадени кога
ги виделе сојузниците пред портите на Париз откако (според
службените билтени) Наполеон ги поразил во сите битки...
Лековерноста е поголемо зло денес од кога било порано, бидејќи денес,
благодарение на сè подоброто образование, полесно од кога било е да
се шират дезинформации, а благодарение на демократијата, ширењето на
дезинформациите на властодршците денес им е поважно од кога било
порано.”
(цитатите се преземени од книгата на Марк Томпсон, „Произведување на
војната”, Лондон 1994.)
|