29
МОДЕЛ: ТРАБАНТ
12.02.1999
Јадранка Костова доживеа мал врв од својата кариера, кога нејзиното
интервју со Тупурковски (на Канал 5) во живо го презеде и
Македонската телевизија. Тоа со нетрпение долгоочекувано интервју
(парите! парите! а очите на гледачите - пет банки) не беше само
потврда на високите новинарски квалитети на Костова, туку и некаква
нејзина лична, емотивна и професионална сатисфакција, па дури би
рекол и победа над мастодонтот МТВ, од каде што Костова си замина.
За жал, новинарската слава трае трогателно кратко. Но, и за среќа,
бидејќи новинарот мора постојано да се докажува, што во крајна
линија професијата ја прави важна и влијателна. А зошто тоа
(важноста и влијателноста) не може да се види низ статусот на
новинарот во општествово кое забрзано (по итна постапка, така ли?!)
го деградира статусот на сите жители комплетно - вината исклучиво е
врз второкласните политичари што и понатаму, за жал, нè водат.
Со десетлетија морничаво држејќи ги своите дебелкави шепи врз
копчињата на теледиригираните новинарски проектили (пример за
теве-теле: Латас; ко детско роботче, само насочи му ја главата кај
што треба, и ете ти го, заакува ко амфибија, шиба сè пред себе; нему
сличен прототип, меѓу властодршците, е Климовски, на пример),
политичарите и понатаму се обидуваат да ја контролираат целата јавна
сфера, иако таа веќе е напрегната до прскање и бара најитна можна
реформа во насока на демократизација и плурализација.
На пример, просто неверојатно звучат фактите за распределбата на
телевизиските пари: 90% за МРТВ, 10% за сите други компании! Слично
е и со „Нова Македонија”. Не само што се работи за длабоко
неправедна и консеквентно дестимулативна политика, туку и тотално се
деструира и демократскиот и пазарниот амбиент во општеството. Како
може да опстои каква било конкуренција во такви услови?! А
конкуренцијата врз рамноправна основа е услов број еден за
најелементарна демократија. Во обид да ги контролираат информациите,
политичарите го уништуваат општеството. А нашето општество, поради
слабите перформанси, бара не само елементарна правда, туку многу
повеќе: поттикнувачка (развојна!) и софистицирана политика!
Но, ова е залуден говор. Се чини дека само уште во Белград и Скопје
не сфаќаат дека цела една епоха заврши 1989-та, со паѓањето на
ѕидот, и дека од тогаш наваму брои едно друго време (некои
историчари велат: друг век; докажувајќи: 18-иот век не заврши 1800
туку 1789 година, кога беше докрајчен стариот поредок - анциен
региме; 19-иот век, слично, не завршува 1900-та туку 1914-та, кога
во виорот на Првата светска војна исчезна belle epoque). А кај нас,
веќе десет години изминуваат од една тотално нова светска и
историска констелација, а нè водат социјалистички апартчици и
фрустрирани лажни дисиденти на кои погледот им завршува тука некаде
кај сопствениот нос.
Нејсе. И тоа ќе помине. „Ничија не гори до зори”.
Да се вратиме на измешаните лончиња во гласилата. Сериозни новинари,
со дигнитет и кредибилитет, деновиве мораат да разговараат со
некакви полу-подземни типчиња (случајно блиски до власта), а
полу-подземни новинарски типчиња разговараат со државотворниот Андов
кој декламира за сериозноста на институциите, почитта, довербата,
итн. - а од другата страна на масата шеретски подмижува - Латас! Има
логика? Дали и Андов станува жртва на информативната капуљача што се
наднесува, или едноставно Андов изгубил ориентација каде и кому, ако
веќе знае како и што!? Мистерии. Но, ако демократската кауза бара
целосно мешање меѓу бабите и жабите (дали прво демократијата или
нацијата?; или најпрво сопствените џепови?) не ќе е на добро.
Како и да е, во Македонија сè уште трае жестоката демистификација не
само на политиката и гласилата, туку и на другите лостови на моќта,
економските и културните. Дали забрзаното урушување ќе ни донесе
подобра перспектива (сè чисто, а погледот плови низ празните
пространства!), или пак уште долго ќе пропаѓаме под тежината на
неспособноста да создадеме поинакво, поефикасно и поправедно
општество - господ знае.
Сè повеќе плаши и сознанието дека во земјава (и покрај
самобендисаните метании кон огледалата) и нема кој знае колку
способни луѓе да нè извлечат од неволјите. Општеството едноставно не
ги создаде и не ги воспита тие луѓе, да мислат со своја глава, да
бидат слободни и да донесуваат решенија. Општеството наградуваше
друг тип луѓе, и тој модел (трабант 1960, денес некаде служи за
исхрана на свињи) сè уште трае.
|