30
ПРОРОЦИ И ШАРЛАТАНИ
26.02.1999
Сите интелектуалци се откачени лакрдијаши. Побарај ги во која било
земја инженерите, трговците, архитектите, земјоделците, ќе видиш
луѓе “на редот”, спретни, разбрани. Ако сакаш да ги видиш најлошите
клапчовци на некоја земја, барај да ги сретнеш писателите -
манијаци, лудаци, неумесни, идиоти. Ни себе не се исклучувам.
(Луј Фердинанд Селин)
Кога пред неколку месеци во оваа рубрика напишав дека на јавноста,
како контратежа на сеопштата површност, ù се потребни
понеконвенционални искази (па макар биле „мрачни, налудничави и
пророчки”, како оние, ги истакнав, на Љубиша Георгиевски и
Александар Станковски), не можев ни да помислам на колку ниски
падини „пророчкиот дискурс” ќе го донесат, во своите јавни настапи,
„видните културни дејци” по име Владо Георгиевски и Радован
Павловски.
Обајцата во своите ТВ-настапи деновиве покажаа дека се „пророчки
прототипови” од најтривијален вид: крути, ограничени, глуви за
соговорникот, конзервативни и, она што телевизијата не го простува,
непристојни во својата надменост спрема соговорниците. Сликарот
Георгиевски, на пример, нервозно обидувајќи се да легне во својот
стол, цела емисија („Црно-бело”, Сител, вторник, 21:50) не го
удостои соговорникот, млад новинар, со својот анфас, како да му
зборува на ѕидот отспротива. Од својата ароганција и самобендисаност
сликарот не се откажуваше дури и кога наполно, со аргументи, беа
разобличени неговите политикантско-националистички тези дека
уметничкото благо не смее да се изнесува од земјата.
Сличен беше и поетот Павловски на Канал 5, во „Сива Зона” (вторник,
20:15): глув за спротивното мислење, непробоен во своите предрасуди,
но и прилично растроен, а притоа не пропуштајќи да ги обвини младите
луѓе околу него за ментални проблеми и растурање на дрога!
Каква земја, добога! Младите ги учат „дејците” на елементарна
пристојност, воздржаност, такт и мудрост! Распашани стари алкоси би
палеле на клади млади дрогераши! Полулуди дебелковци што дома ги
тепаат жената и децата јавно прокламираат дека овој народ е здрав и
не му требаат млади кретени! Каде одиме, добога, ако клинците треба
да ни докажуваат дека општествово е длабоко заболено однатре, и тоа
почнувајќи од семејството и училиштето. Радован Павловски
инквизиторски тврди дека не може да се споредува дрогерашот Едгар
Алан По (или дрогерашот Бодлер, а и кокаинистот Фројд, на пример) со
нашите уличари и изроди, џганот и ѓубрето наше, така ли, ти
принцу-ловцу по земските шунки и кашкавали?! А што ако еден малецок
По токму во моментов ги премерува скопските улици, експериментира со
дроги од чист пркос и љубопитство, и те гледа тебе, изветвен принцу,
со истото гадење што го чувствувале Рембо и Бодлер кон патетичните
„бардови” од нивното време?!
И додека младите, како навистина здрав и сензибилен и идеалистичен
(спремен дури и за саможртвување) дел на општеството, макар и на
еден несвесен начин го кркаат стапот (па и низ самоказнување) за
гревовите на своите родители (од кои најголемиот токму е ова
неправедно, лицемерно и нечесно мочуриште од општество во кое
владеат децата на мама и тато, т.е. „нашите деца”; в. конфекција
„Наше дете”), за тоа време корифеите на тој прегазен соц-наци
самоуправен дух (од типот на посочените поети и сликари) и понатаму
сплеткарат, мешетарат и ловат ситни почести и ситни моќи во новата
констелација што ја насетуваат без да ја разберат, но секако би да
се инсталираат час поскоро, што од инерција што од изгубеност што од
алчност.
И како навистина функционира нашата нововоспоставена демократија?
Еден можен одговор нуди словенечкиот теоретичар Растко Мочник, кој
вели дека идеолошката улога на легитимирање во новиот систем, како и
во поранешниот, за себе си ја зема владеачката култура -
националната. Во борбата за хегемонија таа се радикализирала и во
неа преовладеале националистичките и конзервативните компоненти. И
тоа е првиот парадокс. Улогата на масовен легитиматор на
демократскиот политички систем ја изврши во основа недемократската
националистичка култура! И таа култура, според Мочник, е една од
главните причини за кризата на демократијата што ја чувствуваме, без
практично посериозно и да зачекориме во демократијата.
Од друга страна - и покрај чувството дека држам кофа вода во Лондон
1666 година - сметам дека токму демократијата и плуралноста ги
прават смешни во својата надминатост пројавите од типот на нашиот
сликар/поет. За жал, Владимир Георгиевски и Радован Павловски се
само врв од ледениот брег што (ќе) нè зачукува. И не се сомневам
дека тие се глас на мнозинството во ова општество. Што пак не значи
дека општеството е здраво и дека културата чии симболи се сликарот и
поетот е култура која најдлабоко и најсериозно ги претставува луѓето
од ова тло. Го мислам сосема спротивното: токму раскрстувањето со
таа шарлатанска (не пророчка) и демагошка апологија на народот,
нацијата и културата, ќе нè одведе во поправедно и почесно општество
што се базира (чијшто дух е втемелен) врз трудот, работата и
знаењето, а не врз нудењето популистички предрасуди.
|