Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 



прилог за една критика на медиумите
(86 текстови објавувани во двонеделникот Форум)

                             # 30        # 32
 

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


31

И УНИВЕРЗИТЕТОТ ТРЕБА ДА СЕ МЕНУВА

12.03.1999


Една од ретките работи за којашто човек може да се согласи со бившиот премиер Бранко Црвенковски е неговиот став дека сегашната етничка нетрпеливост меѓу младите Скопјани во најмала рака е поврзана (ако не и директно генеририрана) со ученичко-студентските демонстрации од 1997 година. Тие демонстрации беа предводени од младиот Филип Петровски, во прв план, и Саво Климовски и Радмила Кипријанова во позадината, но фактички беа поддржани од мнозинството луѓе на факултетот, меѓу другото и преку неверојатната анонимна (!?) петиција на 460 професори.

Демонстрациите ќе останат запаметени како еден од најсрамните „демократски” настани во поновата историја на Македонија, и тоа не можеби толку по духот на шовинизмот што бликаше од нив (дури не ни поради тоа што беа искривоколчен плагијат на славните но неуспешни тогашни белградски студентски демонстрации), колку по фактот што носителите на тој примитивен, недуховит, патетичен и, во крајна линија, инструиран шовинистички пир беа токму младите луѓе. Ним можеби и може да им се простат заслепеноста и желбата да заличат на нивните колеги од Белград, но не можат глупоста, недуховитоста и инструментализираноста (демонстрации без барем една полуинтелигентна парола или транспарент, токму како Климовски, осомничениот плагијатор на учебници, да ги составувал).

Од друга страна, и оваа мала пофалба на аналитичноста на Црвенковски треба да се земе со резерва, затоа што нему исклучива цел и фокус му е политичкиот (и тоа дневната употребна конјуктура), а не општествениот интерес. Доказ за тоа е што, сега како опозиционер, тој пушта подмолни наци-струења (пред сè контра нормализирањето на односите со Бугарија), и тоа преку потврдениот демагог и шовинист (од српската пропагандна школа „Орвел”) Латас, еден од ретките јавни поддржувачи на срамните демонстрации од 1997 година.

На сличен начин срамни за општеството се и сегашните меѓуетнички тепачки меѓу средношколците, кои само наивно и во суштина искрено го изнесуваат на виделина она што тинејџерите го сркаат пред сè во семејството и во непосредното опкружување: омразата и фрустрациите. И нема многу да помогнат палијативните предавања за соживот и толеранција, бидејќи лагата и лицемерието структурно се вградени во ова општество, како негов принцип на функционирање.

Од друга страна, вели еден психолог, „како никој да не го гледа фактот дека сегашнава генерација млади е генерација со најнизок животен старт по Втората светска војна, мерено низ можностите за смислено школување и вработување; со оглед на суровоста на таа безперспективност, децава ни се држат многу подобро од она што го мислат постарите”.

Ќе ја цитирам и констатацијата на еден белградски студент, која, ми се чини, како да ја опишува нашава состојба: „Луѓето се обесхрабрени до коска: предавањата се очајни, вежбите се бедни, нема добри книги... Од факултетите останале само черупките, фасадата, сè е во неред и хаос... Не постојат услови за работа. Искрено, повеќето размислуваат да заминат одовде и сево ова да го заборават.”

Кај нас, речиси никој не детектира дека веројатно клучниот проблем на Македонија (што ни го кажа и тајванскиот министер за надворешни работи) е лошото образование, и тоа пред сè високото школство. Знаењата на повеќето сегашни професори-”дрматори” (меѓу кои се регрутираат политичките моќници) се далеку, многу далеку од потребниот цивилизациски миг, а нивната замена со современи и многу постручни кадри (какви што немаме, но можеме да увеземе, за почеток) би требало да биде државен интерес број еден.

Конкретно: универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е една од најголемите пречки за побрз развој на земјата. Кој не го гледа тоа (а не гледам дека некој го гледа) едноставно нема перформанси за врвна политика. Ако Тони Блер ги доби изборите ветувајќи длабоки реформи во образованието во Британија (согледано како проблем за развојот на земјата, а инаку меѓу подобрите во светот), крајно време е некој да ги согледа и овдешните жаришта на стагнација и инерција. Посредно, меѓу другото, и од таму се генерира очајот на помладите генерации.

На крајот, малку и за медиумите. Тие се важни, но не и пресудни при одвивањето на подлабоките општествено-политички промени. Доказ за тоа е токму мошне коректниот (смирувачки и критички) приод на повеќето медиуми како спрема тогашните ученичко-студентски демонстрации така и спрема денешната видлива етничка нетрпеливост меѓу помладите. Но, таквата коректност, како и формалните поуки од ваму и таму, многу не ги засегаат тинејџерите, затоа што тие токму се барометар за некои тектонски пореметувања во општеството.